Во континуитет цели три децении Македонија е најсиромашна земја во Европа. Само тој факт генерално го детерминира масовното граѓанско нерасположение, што се отсликува и во резултатите од анкетите, тврдат аналитичарите

ШТО ПОКАЖУВААТ НАЈНОВИТЕ АНКЕТИ
НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

Осум месеци по формирањето на Владата, по изборите во јули 2020, испитувањето на јавното мислење покажува сериозни индикации за незадоволство, односно 75 отсто од анкетираните се согласни дека Македонија е држава што функционира во политичка криза. Анкетата „Доверба во Владата и локални избори“ на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), која ја спроведе „М-проспект“, е направена во периодот од 17 до 24 март 2021 година, на национален репрезентативен примерок од 1.003 испитаници.
– Околу три четвртини од граѓаните се согласни дека земјата е во политичка криза. Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (87,6 отсто) и неопределените (78,6 отсто) се побројни меѓу нив. Прашани за тоа што сметаат дека е решението за надминување на политичката криза, најголем број граѓани, односно 36 отсто рекле дека тоа се предвремени парламентарни избори. Околу една четвртина веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата, додека за 15,7 проценти решението е формирање широка коалиција на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Гледано од перспектива на етничката припадност, етничките Македонци почесто го избирале одговорот „предвремените парламентарни избори“ (42,4 проценти), а етничките Албанци повеќе веруваат дека Владата има сила да продолжи и да се справи со кризата (47 проценти) – покажуваат резултатите од анкетата од МЦМС.
Понатаму во анкетата се открива дека помалку од половина од граѓаните (42 проценти) имаат доверба во Владата, а меѓу нив побројни се етничките Албанци (61,8 процент) и припадниците на другите заедници (51,5 процент).
Според политичките аналитичари, испитувањата на јавното мислење во исклучително динамичен период, исполнет со чувствителни политички предизвици, како на внатрешен, така и на меѓународен план, покажуваат силен притисок врз работата на Владата.
– Веројатно не требаше ни да се прави анкета за да се забележи недовербата на јавноста спрема потезите, одлуките и изјавите што доаѓаат од Владата и како колективно извршно тело, така и за речиси сите министри. Речиси секој ден граѓаните се изложени на изјави од владини претставници со дијаметрално различни ставови за одредено прашање, од претпладне до вечер. Нешто од видот „не сме заинтересирани за вакцини произведени во Србија“, за по нецели 24 часа да се прогласи тоа за „стратегиски интерес“. Во сите тие контрадикторни изјави не може никако да се најде најмал заеднички содржател. Поради сето тоа, во јавноста има забележителна недоверба. Сепак Владата го препознава тоа незадоволство на јавноста и го чувствува како притисок. Затоа одлуките што ги носи се избрзани и никако не се стратегиски, туку од ден за ден – оценува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Тој смета дека ваквите резултати на анкетата се јасен показател дека многу брзо е можно да се одрази во ефектуирање иницијативи за широка коалиција, па дури и за предвремени парламентарни избори, заедно со локалните, наесен.
Зоран Иванов, долгогодишниот новинар и познавач на политичките состојби и менталитет во Македонија, во однос на анкетата изведува заклучок дека резултатите упатуваат на немање политичка алтернатива во земјава.
– Горе-долу, плус-минус, процент-два, анкетата на МЦМС сосема реално го отсликува актуелното расположение на македонските граѓани, и тоа како спрема власта, така и спрема опозицијата и воопшто спрема политичките фактори. Прво, во континуитет цели три децении Македонија е најсиромашната земја во Европа. Само тој факт генерално го детерминира масовното граѓанско нерасположение. Второ, што и во услови на оваа пандемиска психоекономска ситуација, згора со веќе купче појави на непотизам, клиентелизам и понекоја тендерско-коруптивна афера и аферичка, процентот од 42 отсто доверба за актуелната власт е дури изненадувачки висок и со ваков процент доверба, во многу економски и демократски развиени држави, владите би биле пресреќни.
Но поразителното е што ова упатува на немање алтернатива. На уште поголема граѓанска недоверба во опозицијата и, оттаму, она „изнуденото“ народно „од две зла – помалото“. И секако, непобитното што произлегува од ова испитување на јавното мислење е во фактот што огромното мнозинство испитаници гледаат дека државата е во политичка криза. Впечатокот очигледно го извлекуваат од нефункционирањето на парламентот и оттука излезот, реално, го гледаат во брзи нови избори, па кому иде – вели Зоран Иванов

Според Иванов, интересна за анализа е уште една бројка од анкетата. Имено, анкетирано по етничка основа, во тие 42 проценти граѓани што ѝ дале доверба на Владата, дури 61,8 отсто се Албанци.
– Тоа само по себе зборува за застрашувачки голема поделба меѓу Македонците, а без сомнение, како последица на децениската дивергентност меѓу највлијателните политички партии во земјава, меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – заклучува Иванов.


Недоверба и во квалитетот на пописот наесен

Во анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), „Доверба во Владата и локални избори“, беше спроведено истражување посветено и на некои актуелни политички прашања. Имајќи ги предвид дискусиите за вклучување на етничката припадност во личните карти, граѓаните биле прашани за нивниот став во врска со тоа прашање. Тие се поделени, односно, 49,7 проценти се согласуваат со вклучување на етничката припадност во личните карти, а 48,7 проценти не се согласуваат. Поддршката е поизразена кај етничките Албанци (83,5 проценти) и припадниците на другите заедници (77,3 проценти). Прашани за пописот, резултатите покажале дека мнозинство граѓани не веруваат (60,8 проценти) дека пописот на населението ќе се спроведе со соодветен квалитет. Побројни меѓу нив се етничките Македонци (69,5 проценти).
Во врска со односите со Бугарија, пак, за половина од граѓаните, односите со Бугарија се развиваат во негативен правец (53,6 проценти). Разлики во ставовите има на основа на етничката припадност и кај симпатизерите на политичките партии.