Она што најмногу во практика се покажува како проблематично во летниот период, кога земјата е зафатена од големи жештини, се колапсите од топлина кај граѓаните. Кои мерки да се преземат и како да се заштитиме?
Македонија деновиве е зафатена од топлотен бран со температури што ќе го надминуваат 40-от степен.
Од четврток, па до недела времето ќе биде многу топло со натпросечни температури дури и за овој период од годината и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури, кои ќе достигнат до 42 степени.
Според информации од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), шесте региони во земјава – Скопскиот (северно од Вардар), Осоговско-малешевскиот, јужно од Вардар, Пелагонискиот и Охридско-преспанскиот ќе влезат во портокалова фаза. Дополнително, според синоптичарите, нѐ очекуваат врнежи од дожд во наредниот период. Поради високите температури, надлежните објавија низа препораки за заштита и намалување на ризиците на лицата што се наоѓаат на отворен простор, на своите работни места, покрај езера, реки, базени или на планина.
Ќе се вжештат ли телефоните на итната медицинска помош
Како по некое непишано правило кога земјата се соочува со топлотни бранови, како оној што беше регистриран на крајот од минатиот месец, речиси секогаш се вжештуваат и телефоните на итната медицинска помош. Граѓаните бараат лекарска помош, но и совети како да се справат со опасностите од горештините, но и од пандемијата, која не е завршена, летните вируси, можните труења со храна, стомачни инфекции, кои се карактеристични за летниот период, итн.
Доктор Мартин Јовановски вели дека она што најмногу во практика се покажува за проблематично во летниот период кога земјата е зафатена од жештините се колапсите од топлината на населението.
– Нашите граѓани се чини изумуваат да внимаваат на своето здравје за време на горештините, постарите лица, лицата со хронични заболувања, трудниците и лицата со срцеви проблеми треба да избегнуваат да ги напуштаат своите домови во моменти кога стрелките на топлометрите покажуваат температури над 40-от степен – вели Јовановски.
Тој советува, доколку се нема итна потреба, сите да се воздржат од излегување на отворено.
– Во овој момент треба да се внимава и каква храна внесуваме, бидејќи продуктите можат да бидат расипани од високите топлини, а доколку се јават проблеми со стомачни болки и повраќања, кои многу асоцираат на симптомите на коронавирусот, граѓаните треба да се советуваат со своите матични доктори – вели тој.
Препораки од властите
Во контекст на актуелните случувања, поради високите температури, надлежните органи донесоа препораки што се во сила од Министерството за здравство, со цел да се намалат ризиците по здравјето на луѓето од високите температури.
Од министерството информираат дека се ослободуваат од работни обврски најранливите групи на населението, како што се бремените жени или лицата на возраст над 60 години. Се информира и дека во градинките не треба да се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да им даваат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници.
– Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област – се вели во препораките.
Натаму, Владата препорачува приватниот сектор да го организира работното време за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Оваа мерка ќе трае четири дена, до понатамошно одлучување.
– Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки во согласност со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз населението. Владата зазема став сите правни субјекти, кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници – информираат од Владата.
Лични мерки за заштита
Здравствените работници советуваат во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории, кои се пред сѐ климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци – советуваат лекарите.
При влегување во возило, потребно е истото тоа одреден период да се проветри. Хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Од Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство нагласуваат дека поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања се препорачува и задолжително миење на свежиот зеленчук и овошје пред нивната употреба.
Потоа, тие советуваат дека е неопходно задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.
Храната треба да се користи кога е термички приготвена, а нејзиното консумирање да биде во што е можно пократок рок по приготвувањето. Покрај ова, треба да се избегнуваат производи што термички не се обработени, како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се консумираат сладолед и разни кремови.
Тие информираат дека ја следат состојбата и ќе предлагаат мерки и активности за минимизирање на овие ризици, особено за најранливата категорија граѓани во деновите што доаѓаат.
Пожари на југот од Европа, поплави на северот
Климатските промени на голема врата започнуваат да се одразуваат на начинот на живот на европскиот континент. Во безмалку ист период двата краја на Европа се зафатени од драстично различни природни непогоди и случувања. На југот од Стариот Континент, државите како Грција, Италија, Шанија и Португалија се справуваат со пожари и огнени стихии, кои уништуваат голем дел од шумските пространства, додека некои од северните земји на континентот се соочени со смртоносни поплави по викендот со обилни врнежи.
Во Грција, премиерот Киријакос Мицотакис изјави дека пожарникарите во последните 24 часа се справувале со 50 пожари, а веројатно ваквите стихии ќе ги има повеќе, бидејќи метеоролозите најавуваат нови топлотни бранови.
Грчките противпожарните служби соопштија дека неколку пожари биле предизвикани од невнимание на фарми и градилишта, и дека многу се случиле на Пелопонез. Засега нема извештаи за смртно настрадани или повредени.
На италијанскиот остров Сардинија, пак, противпожарните авиони од Франција и од Грција ја зајакнаа локалната летачка флотила во справувањето со пожарите, во кои изгореле повеќе од 4.000 хектари површина, стотици животни загинаа, а малку помалку од илјада луѓе мораа да бидат евакуирани. На островот Сицилија избувнаа пожари во близината на градот Ериче, а противпожарните сили мака мачат да ги стивнат огновите. Во Шпанија во североисточниот регион Каталонија изгореа повеќе од 1.500 хектари во близината на градот Санта Колома де Квералт, а повеќе десетици луѓе морале да бидат евакуирани. Натаму, во Леиторо, во централниот шпански регион Кастиља-Ла Манча, во текот на изминатиот викенд биле опожарени повеќе од 2.500 хектари, а вкупно досега во земјата се опожарени 35.000 хектари.
Состојбата на северот од Европа е дијаметрално спротивна, со обилните дождови што ги погодија пред десетина дена северните земји од Австрија до Велика Британија, по катастрофалните смртоносни поплави во Германија, Белгија и во Холандија, во кои досега се потврдени околу 230 жртви.