Од „Мој термин“ тврдат дека и кај нив има поплаки од граѓани што се препраќаат во други градови за вакцинација против ковид-19, но додаваат дека грешката е кај оние што направиле погрешен клик при изборот на вакциналниот пункт. Медицински работници од Поликлиниката во Чаир велат дека веројатно станува збор за технички грешки од „Мој термин“
ТЕХНИЧКА ГРЕШКА, НЕВНИМАНИЕ ИЛИ НЕШТО ТРЕТО
Граѓани што живеат и работат во Скопје и се пријавиле да бидат вакцинирани против ковид-19 во некој од вакциналните пунктови во градот добиле телефонски пораки дека ќе бидат вакцинирани на одреден датум во одреден час, но во друг град. Некои добиле закажан термин за Дебар, други за Свети Николе, трети за Куманово или Кичево итн. Изненадени поради тоа што треба да патуваат во друг град за вакцинација, граѓаните реагирале и кај своите матични лекари да им презакажат нов термин во Скопје. Вакви примери деновиве има постојано, за што побаравме информација и од надлежните здравствени органи.
Од поликлиниката „Јане Сандански“ велат дека појавата не е масовна, но има пациенти што им се пожалиле дека добиле пораки за термин за вакцинирање во Куманово, а други, пак, за Свети Николе и барале од матичните лекари да им презакажат во Скопје. Медицински работници од Поликлиниката во Чаир велат дека веројатно станува збор за технички грешки од „Мој термин“.
Се пријавив за вакцинација во пунктот во поликлиниката „Букурешт“, а потоа ја добив оваа порака: „Почитуван/а, на 07.05.2021 во 09:35:00, имате закажано за Лилјана во пункт вакцинација – ковид-19 во Дебар. Почитувајте го закажаниот термин – вели Лилјана Крстогациќ Стојковски.
Таа сега е во дилема што да прави, дали да патува за Дебар или да бара нов термин.
Вакви и слични примери има уште доста. Кои се причините за ова, како и зошто пациентите се препраќаат на вакцинација во други градови, побаравме одговор и од „Мој термин“.
Директорот на „Мој термин“, Рефик Мустафа, нѐ информира дека неодамна паднал системот на „Мој термин“, но потоа сѐ било вратено во нормала и функционира како што треба. Од „Мој термин“ потврдија дека има случаи на граѓани што живеат во Скопје и закажале да бидат вакцинирани на некој од пунктовите во градот, а добиле пораки за вакцинирање во некој друг град, но велат дека не се многу.
Сите случаи што деновиве се пожалија за вакво нешто ги проверивме и произлезе дека или тие самите или оние што ги пријавувале направиле грешка во моментот кога при електронското пријавување правеле избор на пунктот и кликнале на погрешен пункт, на најблискиот до оној што имале намера да го изберат. Системот не може да згреши. Сите што пријавија или сакаат да пријават ваков проблем, нека ни пишат на мејлот [email protected] и ние ќе им најдеме термин во некој од вакциналните пунктови во Скопје, нема да мора да патуваат во друг град. Доколку пријават кај матичните лекари, тогаш тие можат да им закажат нов термин, но нема да можат да вршат исправка на местото на вакцинација за претходниот термин – вели Жаклина Чагоровска, советничка во Управата за електронско здравство.