Меѓународното право забрзувана својот пат кон остварување на правдината
Обвиненијата за сторени воени злосторства на Хашим Тачи, Кадри Весели и Реџеп Селими, процесирани пред Специјалниот суд во Хаг, предизвикаа големо внимание на пошироката јавност. Тие се товарат за злосторства против човештвото, воени злосторства, масовни убиства на цивилно население, за исчезнување лица, прогон и тортура. Падна и оставка на претседателот на Косово, Хашим Тачи, со воен прекар Змија, кој е носител на списокот на обвинети. Во тек е и сеопфатна акција на специјалното хашко обвинителство во содејство со косовската полиција и Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) за собирање материјални докази за обвиненијата, за што наскоро ќе бидат објавени детали.
Во рамките на таа операција припадниците на ЕУЛЕКС извршија претреси во седиштето на Демократската партија на Косово (ДПК) и семејните куќи на претседателот во оставка на Косово, Хашим Тачи, поранешниот претседател на ДПК, Весели, и на шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување, Селими.
Воените злосторства извршени од ОНА (ОВК) во Македонија следни за иследување
Како што е познато во јавноста, лидерот на ДУИ и некогашен командант на ОНА, Али Ахмети, на 2 и 3 септември даде свој исказ пред хашките обвинители во Приштина. Според она што Ахмети го изјави за домашната јавност, тој дал исказ во својство на сведок, како еден од основачите на ОВК во периодот од 1998 до 2000 година, но не можел да даде повеќе информации до завршувањето на процесите пред Меѓународниот трибунал.
Вицепремиерот Артан Груби побрза вчера да објави дека неговиот партиски лидер Али Ахмети не е обвинет од Хашкиот суд и дека информациите за вакво обвинение од Хаг не се точни.
– Лажна вест е дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е обвинет од Хашкиот суд. Ахмети е коосновач на Народно движење за Косово (НДК) и Ослободителната војска на Косово (ОВК), поддржувач на владеењето на правото, неселективна правда, и тоа секогаш го докажувал, дури и во случајот на последното сведочење во Приштина – напиша Груби на својот официјален фејсбук-профил.
Тој порача, како што вели, „нарачателите на лажните вести, кои сакаат да им наштетат на ОВК и на Албанците, да се воздржат од клевети, затоа што ниту минатото, ниту денешнината, ниту утрешнината нема да им простат“. Меѓутоа, вицепремиерот Груби, во својство на гласноговорник на својот партиски лидер, не успеа да дообјасни како Ахмети како основач на ОВК и член на највисокото раководство на таа милитантна организација се дистанцирал, а сега се автоамнестира, од воените операции на ОВК во кои има основани сомненија дека вршеле злосторства против човештвото, воени злосторства, масовни убиства на цивилно население, за исчезнување лица, прогон и тортура.
Потсетување на хашките случаи за воени злосторства во Македонија
Во македонската јавност свежи се мемориите за т.н. четири судски предмети од Хаг. Тие се однесуваат на тринаесеттемина киднапирани Македонци од страна на ОНА, затворањето на вентилите од Липковско Езеро и водата за кумановци, малтретирањето на градежните работници од Маврово и за делата на командната одговорност на раководството на ОНА. Овие предмети што се однесуваат на дела сторени во конфликтот во 2001 година стигнаа во Македонија од Хаг во 2008-та. Овие случаи беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен во 8 март 2002 година. Со него се ослободија од гонење, се запреа кривичните постапки и целосно се ослободија од извршување затворска казна лицата за кои постоеше сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Дополнително, откога предметите стигнаа во земјата, неколку години подоцна, во 2011 година, со т.н. автентично толкување на законот, се обезбеди и амнестија за одговорните осомничени за воено злосторство.
Имено, само два месеца по усвојувањето на автентичното толкување, Судот во Скопје официјално го затвори случајот „Мавровски работници“. Судот донесе одлука да се запре постапката по барање на обвинителството, кое се повикува на автентичното толкување на членот 1 од Законот за амнестија. Тоа значеше дека се запираат кривичните постапки и целосно се ослободуваат од казна затвор осомничените за дела поврзани со конфликтот во 2001 година. Случајот „Мавровски работници“ беше единствениот за кој почна судски процес. Првоосомничен за овој случај беше Шкодран Идризи, а еден од обвинетите беше и Хисен Џемаили, подоцна пратеник на ДУИ. За овој случај, кој беше единствен што заврши на суд, беа осомничени уште десет други лица, кои се товареа дека на 7 август 2001 година брутално малтретирале работници од градежното претпријатие „Маврово“. Роднините на киднапираните во конфликтот во 2001 година сѐ уште бараат одговори за трагедијата во која 12 лица цивили, сите невооружени и неинволвирани во борбите, исчезнаа без трага. Роднините на киднапираните Македонци до Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против Даути Реџепи-Лека за сторено кривично дело злосторство врз цивилно население ни и кривична пријава против лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Натаму, затворањето на вентилите од браната на Липковско Езеро се случи летото 2001 година, кога над 100.000 луѓе на повеќе од 35 Целзиусови степени останаа без свежа вода. Куманово беше на чекор до хуманитарната криза, а градот 40 дена со вода се снабдуваше со цистерни. До Основниот суд Скопје 2 беше поднесено барање за спроведување истрага против едно лице поради основано сомневање дека извршило кривично дело воено злосторство против цивилно население.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, за конкретните настани од регионот, кои во голем дел се прелеаја и во Македонија, вели дека нејзино мислење е дека Али Ахмети во своите соочувања со Хаг давал исказ пред обвинителите, што не е исто како што некој во земјата тврди дека говорел во својство на сведок.
– Поаѓајќи од оваа состојба, кога говориме за тешки кривични дела, како оние за воените злосторства, кои патем никогаш не застаруваат, не би ме изненадило воопшто во некоја понатамошна точка Ахмети да се најде на обвинителна клупа – вели Цаца Николовска.
Давањето исказ во Хаг не е исто како што некој тврди дека
„говорел во својство на сведок“
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, објаснува дека оваа своја констатација ја гради врз неколку причини.
– Првата, бидејќи во поканата од Хаг не се наведува како што е повикан поканетиот и не се наведува статусот. Откога тој дава исказ пред судиите, натаму се одлучува што понатаму со одреденото лице. Досега имало ситуации кога сведокот станува обвинет во хашки процес. Не можам да прејудицирам ништо, но факт е дека Меѓународниот суд многу сериозно пристапува кон овие поврзани предмети – објаснува судијката.
Натаму, според правниот експерт, логично е да се претпостави дека е можно настаните што сега ги опфаќаат лидерите на ОВК поврзани со Хаг во скора иднина да се отсликаат и во Македонија или да се спојат со предметите на оние на ОНА, бидејќи и самиот Ахмети во неколку пригоди јавно изјавува дека помагал во борбата за ослободување на Косово.
Според судијката, кога говориме за оваа врска, пред сѐ мислиме за предметите што се воени злосторства сторени во Македонија за време на кризата во 2001-та, односно четирите хашки случаи што од Меѓународниот суд дојдоа во македонските судови.
Таа вели дека политичките власти во минатото на оваа тема еднострано одлучија случаите да не се процесираат, иако никогаш во домашните судници не се утврди дали овие предмети беа „умрени или живи“, односно дали за нив „стоеше сторено кривично дело или не“.
Според Цаца Николовска, ако македонски суд одлучи да не постапува по одредени предмети, тоа не е гаранција дека Меѓународниот суд ќе се согласи со оваа одлука!
Цаца Николовска повторно ја нагласува природата на делата што се окарактеризирани како воени злосторства што никогаш не застаруваат.
– Сепак во Македонија сѐ може да биде можно на оваа тема, која засега е во доменот на претпоставка. Сите карти се отворени за конечно спроведување на правдата, само прашање е што повеќе ќе натежне на вагата на Јустиција, дали материјалните докази и желбата за правда на оштетените или донесените закони и аболиции на осомничените – вели Цаца Николовска.
Дополнително, според неа, не е тешко да се претпостави и дека состојбите би можеле и да се радикализираат на оваа тема во Македонија, бидејќи на крајот од денот се говори за балканското буре барут на кое му е потребно само едно чкорче и никогаш да не се види спроведувањето на правдата по овие случаи во земјата.
– Компарација со т.н. хашки предмети јас би ги пронашла со една симболика во таканаречените судски спорови водени против фашистите низ светот. Односно, постарите паметат дека долги години по завршувањето на војната навидум се чинеше дека многу фашисти ја избегнаа правдата. Сепак, иако јавноста ги подзаборави осомничените за фашизам, лицата беа пронаоѓани и апсени во Аргентина, Колумбија и други држави, па потоа осудувани. Односно, на крајот од денот, со години задоцнување, сепак ним им се пресуди – резимира Цаца Николовска.