Одобрување на заклучоците финализирани на амбасадорско ниво, со кои се дава зелено светло за отпочнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, се очекува денеска да биде реализирано од страна на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои ќе се состанат преку видеоконференција.
Формалното отворање на поглавјата ќе биде означено на меѓувладина конференција, откако Европската комисија ќе изготви преговарачка рамка, која исто така треба да биде усвоена од страна на земјите членки.
Македонија, пак, ќе треба да ја подготви преговарачката позиција пред почетокот на процесот. Заклучоците предвидуваат отворање на преговорите и со Албанија, но со додадени услови.
По усвојување на одлуката се отвора писмена процедура за нејзино формално одобрување од страна на сите земји-членки, со што таа стапува во сила.