Воведувајќи хибриден концепт при дефинирањето на карактерот на државата, од една страна со елементи на мултиетницизам, а од друга со примеси на граѓанскиот концепт, Македонија како држава го смени својот устав, се прокламира како граѓанско општество, а ги внесе етничките малцинства во Уставот како делови од народи.
Во таквото наше прифаќање „папазјанија на концепти“ и субмисивност спрема меѓународната заедница, Македонија се доведе во ризик самата да се дисквалификува од нормирањето на меѓународното право во делот од регулативата за малцинствата. Имено, ако малцинствата го немаат правото на отцепување од државите, затоа народите (кои ги внесовме во Уставот) го имаат тоа право. Така, теоретски, но и практично се направи удар врз унитарноста на македонската држава, со реална можност за распад со посегање по правото на самоопределување на „деловите од народите“
Македонците и македонската држава како експериментално заморче на меѓународната заедница
Промените што ги направи Македонија во име на европската иднина, останаа без соодветна валоризација од ЕУ. Уште повеќе, тие промени на извесен начин станаа реална закана за националниот идентитет, карактерот на државата, но и за историската легитимација на автентичноста на Македонците како народ и воопшто на македонското постоење.
Воведувајќи хибриден концепт при дефинирањето на карактерот на државата, од една страна со елементи на мултиетницизам, а од друга со примеси на граѓанскиот концепт, Македонија како држава пак го смени својот устав, се прокламира како граѓанско општество, а ги внесе етничките малцинства во Уставот како делови од народи.
Во таквото наше прифаќање „папазјанија на концепти“ и субмисивност спрема меѓународната заедница, Македонија се доведе во ризик самата да се дисквалификува од нормирањето на меѓународното право во делот од регулативата за малцинствата. Имено, ако малцинствата го немаат правото на отцепување од државите, затоа народите (кои ги внесовме во Уставот) го имаат тоа право. Така, теоретски, но и практично се направи удар врз унитарноста на македонската држава со реална можност за распад со посегање по правото на самоопределување на „деловите од народите“.
– Речиси никој на Балканот, а и пошироко не го прифаќа тој концепт на мултиетничка држава. Соседите на Македонија, Грција и Бугарија, признавањето на малцинствата, како македонското, го доживуваат како закана за сепаратизам. Не дозволуваат создавање партии на етничка основа, што кај нас одамна е дозволено. Без разлика што според меѓународното право, малцинствата немаат право на сецесија, стравот на прагот кај соседите од можноста за сепаратизам е ако се спомне и малцинство од 10 отсто од вкупното население. За споредба, кај нас многу права на одредени етнички заедници произлегуваат токму од 20-процентната застапеност, а врз тој процент е креиран и рамковниот договор – вели професорот Шкариќ.
Македонскиот мултиетнички концепт на држава е наметнат со рамковниот договор по пат на војна
Професорот Шкариќ нагласува дека до 2001 год., македонскиот народ беше државотворен, со признаени права на етничките малцинства во неа. Но со рамковниот договор, малцинствата станаа етнички заедници, исто како што стана и македонскиот народ.
– По АСНОМ, Македонија се развиваше како држава нација (не во етничка смисла, туку како демос), во која македонскиот народ беше државотворен, со признаени права на етничките малцинства во неа. По 2001 г., со рамковниот договор малцинствата станаа етнички заедници, исто и македонскиот народ, иако најголема – стана во суштина етничка заедница. Концептот на државата се претвори во заедница на заедници, односно мултиетничко општество со нагласена тенденција како мултиетничка да се дефинира и државата. Во суштина сите држави се мултиетнички, но се поставени како граѓански (едно)национални држави, додека Македонија треба да биде мултиетничка граѓанска држава. Но Македонија сѐ уште го нема совладано предизвикот како од мултиетничко општество да стане мултиетничка држава. Тој процес е можен преку интеркултурализам, мултикултурализмот не е доволен. Мултикултурализмот значи живеење едни покрај други, додека интеркултурализмот значи културите во општеството да си влијаат едни на други, да се прифатат меѓусебно. За успешноста на македонскиот мултиетнички концепт на држава, секако, голем отежнувачки фактор е тоа што е наметнат со рамковниот договор по пат на војна – вели универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ.
Ценејќи го ефектот на мултиетничноста во концептот на македонската држава, врз правата на македонското малцинство во соседните земји, членки на ЕУ (Грција и Бугарија), професорот Шкариќ цени дека тоа не влијаело на нивниот државен концепт во кој нацијата ја изедначуваат со етносот и речиси (самоволно) никако не признаваат малцинства!
Избрзани и нерационални чекори на македонската политика, во поглед на македонското малцинство кај соседите
Контекстот на европерспективата и вербата во нејзината близина, според универзитетскиот професор Саво Климовски, во голема мера се причина за избрзани и нерационални чекори на македонската политика, во поглед на македонското малцинство кај соседите.
– Со онаа маглива идеја за членство во ЕУ, во Македонија постоеше уверување дека прашањата за малцинствата ќе станат ирелевантни. Односно со почитување на стандардите на ЕУ за почитување на правата на малцинствата, тоа прашање ќе си се регулира природно. Но очигледно ни се погоди политичка гарнитура во Македонија, која влета наивно во уценувачките комбинаторики во договорите со соседите (Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство во Бугарија) и на штета на националните и историски вредности на македонскиот народ неодговорно се откажа од македонското малцинство во Бугарија и во Грција. Тоа мора да се промени, барем да се исправи таа неправда спрема македонското малцинство и да побараме истоветен статус како на малцинствата во Македонија и според регулативите за тоа прашање на ОБСЕ, на Советот на Европа и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, во корист на македонските здруженија во Бугарија – вели професорот Климовски.
Понатаму, професорот Климовски истакнува дека има потреба во некој нов македонски устав ова прашање за македонските малцинствата многу јасно да се постави и врз основа на тоа да се направи ревизија на договорите со кои практично се откажуваме од нив, секако, во согласност со европската регулатива.
– При толку пресуди на Европскиот суд за човекови за Бугарија, во корист на македонските здруженија, Македонија како држава правно го навредува тамошното македонско малцинство со почитување на Договорот за добрососедство со Бугарија, т.е. на одредбата за немешање во внатрешните работи на соседите. Нема потреба да се зафаќаме со некакви историски контексти, кои можеби би го активирале стравот од намери за сепаратизам во соседните држави преку македонското малцинство, но не треба ни да се откажеме од она што е европска реалност во поглед на правата на малцинствата. Не смееме да се откажеме од она што претставува културна и духовна вредност на македонскиот народ, како во Македонија така и во деловите на македонскиот народ во соседството – вели професорот Саво Климовски.
ЕУ тешко излегува накрај со прашањето за малцинствата
Иако во Договорот за Европската Унија од Мастрихт, уште во вториот член е нагласено почитувањето на правото на малцинствата како важен дел од универзалните човекови права, се чини дека решавањето на споровите меѓу земјите-членки и земјите-кандидатки, најчесто оди на сметка токму на малцинствата. Еден од долгогодишните предизвици на ЕУ, меѓу другото, е кипарското прашање. Во контекст на тоа прашање, неодамна претседателот на Турската Република Северен Кипар изјавил дека суверенитетот е клучно право за кипарските Турци и дека веќе долга низа години се спроведуваат обиди Кипар да се „претвори во грчки остров“.
– Сакавме да постоиме, да живееме заедно на овој остров. Секогаш препознававме дека и тие (кипарските Грци), исто така се еднакво вредни, но, за жал, не добивам исто разбирање од нивна страна… Велат дека по склучувањето на сојузната (федералната) спогодба, кипарските Турци би биле рамноправни, но не мислам дека ќе дојде до некаков вид рамноправност, бидејќи тие дури не се согласуваат на ротација на претседатели (меѓу кипарските Турци и кипарските Грци)… Значи спогодбата на сојузна основа за кратко време ќе нѐ претвори во малцинство, а подоцна и ќе нѐ уништи. А со повлекување на Турција од островот, ќе останеме со нула војници, нула гаранција – изјави лидерот на кипарските Турци на едно предавање деновиве, за историјата на турското присуство на Кипар.
Познавачите на процесите и политиките на ЕУ сметаат дека може да се направи споредба и да се потсети дека бошњачките политички претставници упорно се залагаат за модел на граѓанска држава во БиХ, иако тоа за преостанатите два конститутивни народи, Хрватите и Србите, е сосема неприфатливо, зашто значи чиста доминација на мнозинскиот народ над другиот.