Намерно или не, бугарската политичко-општествена елита низ историјата постојано ја запоставува суштината на бугарштината, со што се лиши од слободарскиот компас и започна да манифестира екстремен етнонационализам и расизам. Ова релативизирање на бугарската историја произлегува од неможноста на општеството да се соочи со суровата вистина. За издвојување е дека зад ваквиот феномен често стојат и интриги со умисла заради замаглување на историските факти. Ова е особено актуелно во односите со Македонија, македонската нација, јазик и историја. Не смееме да заборавиме дека таквата нивна манипулација со вистината е многу опасна и погубна за едно општество, нација и држава, како за нашето така и за бугарското, а и за заемните меѓусоседски односи. Апсурд е продолжувањето на политиките на официјална Софија во рамките на фашистичките и болшевичките принципи, во современиот контекст на меѓународните односи. Токму ова е шансата на бугарските власти да се оттргнат од тие политики, да ја затворат таа историска страница и како современа држава и членка на ЕУ да развиваат демократска мисла и практика
Генеза на бугарскиот фашизам,расизам и антисемитизам
Понекогаш историското определување на одредени историски настани и личности е условено од актуелни политички причини и околности, при што се оди кон релативизирање, ублажување, односно со помеки зборови се искажува вистината или се користат еуфемизми. Затоа и ги сретнуваме изразите како што се „противречна“ или „контроверзна“ личност или настан. Некогаш оваа релативност произлегува од неможноста на општеството да се соочи со вистината, а понекогаш станува збор за намерна интрига во формулацијата на одредени изрази. Не смееме да заборавиме дека манипулацијата со вистината е многу опасно и погубно за едно општество, нација и држава, не случајно се вели: „Историјата е учителка на животот!“ Затоа суштината на историските настани никогаш не смее да се заборави, во спротивно историјата се повторува и тоа не како фарса, туку како егзистенцијална закана.
Феноменот на релативизирање и ублажување на историјата влезе во тренд по падот на Берлинскиот ѕид
По падот на Берлинскиот ѕид, одредени политичари, интелектуалци и историчари започнаа со релативизирање на одредени настани и личности. Затоа сме сведоци на формулациите дека албанските балисти и Бали Комбетар се антикомунисти, хрватското усташкото движење е антимарксистичко или дека Милан Недиќ е „српска мајка“, притоа намерно се изоставуваат изразите фашизам и нацизам. Слично се случи и во македонското општество, кога се рехабилитираа одредени историски личности, како што е Тодор Александров.
Можеме да се обидеме да релативизираме одредени настани и личности, но една идеологија вклучувајќи ги и нејзината матрица и иконографија не може да се релативизираат. Идеологијата е препознатлива според нејзините филозофски, политички, правни и морални погледи, затоа таа не може да биде ваква или онаква. Една идеологија многу лесно се препознава преку нејзината иконографијата што ја опишува нејзината севкупност. Свастиката (кукест крст) беше и си останува религиски симбол во будизмот, џаинизмот и хиндуизмот, но свастиката беше прифатена од германскиот националсоцијализам и оттогаш станува најпозната како симбол на нацизмот и надмоќноста на белата раса.
И Софија релативизира настани и личности, а ги заборави великите Васил Левски (апостол на слободата), Христо Ботев и Љубен Каравелов…
По падот на комунизмот, Бугарија не остана имуна на релативизирањето на сопственото минато. Далеку од тоа да хипергенерализираме, но бугарското општество како да ги заборави великите Васил Левски (апостол на слободата), Христо Ботев и Љубен Каравелов. Бугарската држава продолжува да ги занемарува зборовите на Христо Ботев дека „само разумниот и братски сојуз меѓу народите е во состојба да ги уништи тежините, сиромаштијата и паразитите на човечкиот род, и само тој сојуз е во состојба да роди вистинска слобода, братство, единство во светот. Сѐ додека народите се поделени помеѓу себе со махинациите за своите севозможни империи, устави и републики… ќе гледаат еден на друг како на непријатели, и дотогаш нема да има среќа на земјата, нема да има бел ден за човекот… Тој сојуз меѓу народите, и особено сојузот меѓу Јужните Словени, е возможен само тогаш кога секој народ ќе ги зачува своите етнографски граници и кога секој еден ќе остане слободен во сопствената куќа и кога тој сојуз ќе биде основан на такви начела, на какви што треба да се основа слободата на народите, слободата на личноста и слободата на трудот.“
Намерно или не, бугарската политичко-општествена елита низ историјата постојано ја запоставува суштината на бугарштината со што се лиши од слободарскиот компас и започна да манифестира екстремен етнонационализам и расизам. Ова изразување е условено од релативизирањето на бугарската историја. Поради тоа можеме да прочитаме дека Сојузот на бугарските национални легии и нејзините дејци како што се Христо Луков, Никола Жеков и Илија Минев се предмет на противречни историски оцени. Каков апсурд! Како може бугарските легии и бугарските историски личности како што е генералот Христо Луков, кои по својата суштинска идеологија се крајно десничарски и антисемитски, со други зборови нацистички, да бидат предмет на противречни оцени. Внимавајте, притоа треба да се прави разграничување помеѓу фашизмот и нацизмот, фашистички држави што беа под власта на Франциско Франко и Бенито Мусолини никогаш не извршија геноцид врз Евреите. Во случајот со генералот Луков и бугарската држава станува збор за расизам и антисемитизам што доведоа до физичко уништување на македонските Евреи.
Одговорот гласи дека Христо Луков и однесувањето на бугарската држава во Втората светска војна не можат да бидат предмет на противречни оцени, но тоа не спречува некого во релативизирањето. Затоа сите ние сме сведоци на јавно и масовно изразување на неонацистичката идеологија во бугарското општество, изразување што се одобрува од бугарските политичари. Во овој дух е искажувањето на заменик-претседателот на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, кој вели: „Генералот Луков е бугарски национален херој, затоа тој треба да биде почитуван и уважуван – дали со марш или цвеќе не е важно. Смешно е да се прават врски со нацизмот, во времето кога генералот Луков водел битка за Ќустендил, немало фашизам и националсоцијализам. Овие тврдења ги распространуваат луѓе со хормонални проблеми што не ја читаат и не ја познаваат историјата.“
Без разлика на различните искажувања, Христо Луков во историјата останува запаметен како приврзаник на санстефанскиот великобугарски идеал и како екстремен националист учествува во Првата и Втората балканска војна. Џамбаски како да заборава дека од крајниот национализам и шовинизам произлегува Луковото подоцнежно восприемање на нацизмот. Можеме бесконечно да релативизираме, ама ако баба лаже, трап не лаже! Бугарската држава низ историјата манифестираше екстремен национализам што на крајот се преобрази во отворен фашизам и нацизам. До ден-денес, бугарското општество не се ослободи од своето мрачно минато и затоа Бугарија, која е членка на Европската Унија, не признава македонско малцинство и ги негира особеностите на македонската нација – македонскиот јазик, обичаи, култура, историја итн.
Екстремниот националист Луков е погребан до таткото на модерниот бугарски екстремен национализам и шовинизам Стефан Стамболов
По некоја „случајност“, генералот Христо Луков е погребан на централните софиски гробишта, недалеку од гробот на Стефан Стамболов. Зошто го споменуваме ова? Стамболов всушност е таткото на модерниот бугарски екстремен национализам и шовинизам. Тоа е човекот што кон крајот на 19 век ја создаде и култивира бугарската пропаганда во Македонија.
Како бугарски премиер што водеше туркофилска политика, успеа од султанот и Високата порта да издејствува дозвола за отворање бугарски училишта во Македонија, кои имаа цел да создаваат и да развиваат бугарска национална свест кај Македонците. Претставниците на оваа пропаганда, како што е Васил К’нчов, говореа дека сакаат да ја бугаризираат Македонија. Притоа не смее да се заборави дека токму во времето на Стамболов и неговата влада во Бугарија се појавуваат првите знаци на една организирана македонфобија. Оваа омраза кон Македонците била поттикнувана и од самиот Стамболов. Британскиот дипломат и А.Џ.Х. Беман вели дека Стефан Стамболов не ги сакал Македонците поради „нивното предавство и недостиг за вистинско чувство на патриотизам и чест“. Затоа бугарските пропагатори во Македонија ги навредувале Македонците со зборовите дека се „просјаци, ќемидадешковци, Цигани, ќе ми дадеш пари ќе се чинам Бугарин.“ Следствено денешните изјави на бугарската политичко-општествена елита не треба да нѐ изненадуваат.
Незадоволни од политиката на Стамболов, Македонците во Бугарија започнуваат со дејност што имала цел да ги собори бугарскиот премиер и неговата влада. Многумина Македонци поради тоа настрадаа, а меѓу нив е и Александар Караѓулев од Охрид. Под изговор дека е учесник во дејствијата против Стамболов, Караѓулев заедно со неколку Македонци и Бугари е уапсен од властите, а на 8 јули 1892 година е осуден на смрт. Поради мачењата во софискиот затвор, Александар Караѓулев самиот ја испеа веќе легендарната песна „Послушајте патриоти“ – „Послушајте патриоти да ви кажам словото, на Ѓурѓовден бев затворен, в црни темни зандани. Во зандани бев предаден од проклети шпиони од проклети шпиони неразбрани трговци.“
Случајно или не, на 6 јули 1895 година Стамболов беше убиен, а неговиот атентат беше организиран и извршен од Македонци. Меѓутоа неговото убиство не ја промени бугарската политика кон Македонија, семето на бугарскиот екстремен национализам и шовинизам, кои беа негувани од Стамболов, се оформи како темелите на модерната бугарската држава. Секоја идна бугарска влада продолжи да го негува шовинистичкиот сон за голема Бугарија – Македонија е бугарска земја, Македонците се Бугари. Тогаш беше оформена онаа бугарска политика што ќе доведе до три бугарски национални катастрофи.
По Втората балканска војна и Првата светска војна, бугарската држава беше осакатена и понижена поради бугарското националистичко лудило. Но бугарското општество не собра храброст да се ослободи од екстремниот национализам и шовинизам. За волја на вистината имаше такви обиди, но тие завршија со ѕверското убиство на бугарскиот премиер Александар Стамболијски во 1923 година. Стамболијски се обиде да ја оддалечи Бугарија од тесноградиот национализам, но по неговото убиство бугарското општество си остана агресивно.
Историски факт е дека во периодот пред Втората светска војна, бугарската држава се трансформира во фашистичка држава
Бугарската политичка елита за своите грешки од минатото ги обвинуваше другите, несвесна дека националните катастрофи се нејзина вина. Затоа во периодот пред Втората светска војна, бугарската држава се трансформира во фашистичка држава – не постоеше демократија, беа укинати политичките партии, слободата на говорот и мислата беа ограничени итн. Бугарија стана авторитарна и милитаристичка држава, слично како фашистичка Италија на Бенито Мусолини. Меѓутоа постојат големи разлики помеѓу фашистичките влади на Бугарија и на Италија. Италија никогаш не беше антисемитска и расистичка држава. Оваа е особено видливо во фактот дека околу 10.000 италијански Евреи беа членови на италијанската фашистичка партија, дури и љубовницата на Мусолини беше Еврејка.
Потребно е да разграничуваме затоа што во деталите е суштината. Непосредно пред Втората светска војна, Бугарија беше општество на омраза и како такво беше погодно за развој на антисемитизмот и расизмот. Во овие околности се појавува Сојузот на бугарските национални легии предводени од генералот Христо Луков, Никола Жеков, Илија Минев, Христо Статев и други. Идеологијата на бугарските легии се карактеризираа со тоталитаризам и антисемитизам, а нејзините водачи одржуваа контакти со германските нацисти. Според некои податоци, Сојузот на бугарските национални легии имал околу 200.000 члена. Појавата на оваа организација и нејзиното толерирање од бугарските власти, доведоа до појава и развој на своевиден бугарски нацизам што пушти корени во бугарското општество. Бугарската влада на Богдан Филов донесе антисемитско законодавство што доведе до уништување на македонските Евреи во Втората светска војна. Затоа бугарската држава во Втората светска војна по својата природа не е само фашистичка туку и нацистичка, не смееме да заборавиме дека бугарската елита учествува во холокаустот на Евреите.
Очигледно е дека прифаќањето на антисемитизмот и расизмот имаше погодна почва затоа што бугарското општество беше заболено од екстремниот национализам и шовинизам, појавата на антисемитизмот и расизмот беа и се последица на екстремниот бугарски национализам.
Не може да се раскине со фашистичкото минато со релативизирање на историјата и со употреба на еуфемизми
По Втората светска војна, бугарската држава раскина со своето фашистичко и нацистичко минато, но по падот на Берлинскиот ѕид и комунизмот, бугарската политичко-општествена елита започна со релативизирање на минатото. Затоа бугарското општество беше сведок на предлог за именување улица во Софија според Богдан Филов, именување што предизвика реакција на израелската амбасада, според која, Филов е премиер на Бугарија што потпиша пакт за соработка со Хитлерова Германија, подготви антисемитско законодавство и испрати бугарска администрација во новите земји што го депортираше еврејското население. Релативизирањето доведе до слабеење на демократијата во Бугарија и до повторна појава на антисемитизмот и расизмот во бугарското општество.
Да бидеме самокритични, Македонија како општество се соочи со антисемитизам и расизам, такви примери беа сквернавењето на еврејските гробишта во Битола, но во Македонија никогаш не се одобрувал организиран и масовен антисемитизам. Антисемитизмот никогаш немал корени во Македонија, ниту пак имало услови за појава и развој на организиран расизам, македонското општество по својата природа секогаш било слободарско и демократско. Документи на уважување на сите етнички ентитети што живееле и живеат во Македонија има безброј, како што е Манифестот на Крушевската Република, а пред и за време на Втората светска војна во Македонија никогаш не се појавиле фашистички, нацистички или крајно десни екстремни групации. Партизанските сили за национално и социјално ослободување составени од населението на териториите на Македонија биле единствени во својата цел и кауза. Меѓутоа таков не е случајот со бугарското општество. Само погледнете го последниот обид за организација на т.н. Луков марш – неонацистичка пројава. Многумина во бугарското општество се спротивставија на овие манифестации на антисемитизам и расизам, но современата бугарска држава не се ослободи од екстремниот национализам, кој самиот по себе поттикнува и толерира екстремни појави на расизам. Тука лежи суштината на проблемот. Сѐ додека бугарската елита изјавува дека иднината на Македонија е да биде албанска провинција или дел од бугарската држава, бугарското општество ќе промовира екстремен национализам и ќе биде погодно за неонацистички пројави. Неонацизмот е само еден дел од приказната на бугарскиот екстремен национализам.
Да завршиме со Никола Милошевиќ, кој вели: „Во принцип секој, па и најрадикалниот облик на противречност, како и секој облик на радикално огрешување од фактите може да биде и знак за неспособност за логично расудување и на иста таква неспособност за согледување на фактите.“