Анахрона реторика кај албанските партиски лидери
Во албанскиот партиско-политички кампус трката по гласовите и во оваа кампања, како по некое непишано правило со рецидиви од минатото, започна со силна етноцентристичка реторика. Во ситуација кога нашата земја е неприкосновен лидер во однос на високите стандарди за правата на малцинствата, токму албанските партиски промотери на почетокот на изборната кампања, на анахрон начин се обидуваат да добијат што е можно повеќе гласови со говор, набој и етноцентричен потенцијал. Веднаш се забележа дека од таквите јавни настапи многу лесно може да се распалат националните или верските чувства на граѓаните.
Според мини-анкетата што ја направивме со граѓани од повеќе градови низ републикава, реториката што почна да се применува во албанскиот политички кампус, предизвикува „тенденција за поделба и сегрегација, и тоа физичка, конфесионална, национална…“ Со еден збор, некои од истапите на албанските лидери како да ја разбудија нетрпеливоста, па дури и одбивноста кај преостанатите граѓани по таа основа.
Наедно, во анкетата повеќето граѓани го отворија прашањето зошто партиите од албанскиот кампус не ги ни допираат прашањата од областа на економијата, стопанството, трговијата, вработувањето и работењето на црно, фискалните политики и даночната евазија во западните делови од државата, која е рак-рана на заедничката држава. Туку, како што истакнуваат соговорниците, албанските лидери инсистираат на „етничка поделба на буџетот“, Албанец за премиер, двојазичност, дводомност за карактерот на државата?!
Политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека од албанскиот блок партии дејствуваат на овој начин бидејќи со меѓуетнички теми сѐ уште кај нив лесно се прибираат гласови по веќе испробан рецепт. Според нив, етноцентичниот популизам секогаш носи лесни придобивки, бидејќи токму таа целна група гласачи, според „своите перформанси и профил“ полесно е да се мобилизираат со вакви „специфични имагинативни, магливи и растегливи теми, кои будат емоции и страв“ одошто да се убедуваат со конкретни опипливи програми и проекти.
Политичкиот пиар-експерт Синиша Пекевски вели дека никој во албанскиот блок партии не е принуден во практика да се обиде да ги придобие гласачите со реални политики во изборните кампањи, бидејќи очигледно испробаниот рецепт со албанското прашање сѐ уште е докажан во практика како „доходен механизам“, кој носи гласови од електоратот.
– Во овој табор партии сите изминати години во плурализмот не видовме ниту еден конкретен приод со програма за подобрување на економијата, спортот или науката, туку сѐ што нудат овие партии се врзува со картата на национализмот и на промоцијата на албанското прашање. Сѐ додека меѓународната заедница го толерира овој момент, лично не верувам дека реториката ќе се промени – вели Пекевски.
Тој додава дека, за жал, и кај македонскиот блок партии има одреден дел што не е доминантен и кој исто така гласовите ги лови на сличен метод.
Сличен став има и политикологот Милан Стефаноски, кој додава дека национализмот и популизмот секогаш носат лесни гласови. Тој вели дека е полесно гласачите да се мобилизираат со вакви работи, кои будат емоции, одошто да се презентираат конкретни проекти од економијата, раст на стандардот, монетарната и фискалната политика, реалната економија, инфраструктурата итн…
– Оваа состојба многу добро ја познаваат оние што управуваат со партиите во албанскиот табор и таа добро се експлоатира – вели Стефановски.
Политикологот додава дека, за среќа, откога ќе поминат изборите, состојбите со радикалниот национализам најчесто се во опаѓање, а албанските партии во услови на непостоење на креативност најчесто потоа ја следат економската програма на партијата од македонскиот блок, која придонела за победа во државата на изборите. Но, за жал, сепак некои од тие барања остануваат и заради коалицирањето во новата влада, секојпат, заради „мир во куќа“, македонските партии попуштаат за некои навистина нереални политички барања на албанскиот коалициски партнер. На тој начин дури и етничките права кај нас се предимензионирани и многу поголеми дури и од државите во ЕУ. Според експертите, јасно е дека Македонија има респективна традиција во која се наталожени повеќе цивилизациски слоеви, културни, етнички и конфесионални влијанија, што општеството го прават мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално.
Стефаноски резимира дека, за жал, дури и во услови на избори за време на пандемија албанските партии покажуваат дека „национализмот е посилен и од вирусот“.