Во моментов сѐ уште не се знае кога ќе почне имунизацијата против сезонски грип, зашто во тек е набавката на планираните дози. Сепак, според последните и најнови препораки на здравствените работници, вакцините против грип и ковид може да се примат во исто време на двете раце
СИМУЛТАНА имунизација ПРОТИВ ГРИП И КОВИД-19
Со 40 илјади вакцини против сезонски грип здравствените власти ќе ги заштитуваат ризичните групи на граѓани во земјата. Сепак, сѐ уште не се знае кога ќе почне имунизацијата, зашто во тек е набавката на планираните дози.
Српските епидемиолози предупредуваат на можно вкрстување на коронавирусот со вирусот на грип, што може да биде исклучително тешка компликација, која најсериозно може да ги погоди невакцинираните лица.
Во Македонија, во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, категориите на лица што треба да бидат вакцинирани против грип е десетпати поголема од најавената пратка.
Од Министерството за здравство ни изјавија дека во тек е набавката на вакцините против сезонски грип. Овие вакцини ќе бидат бесплатни.
– Засега се планирани 40.000 дози наменети за бесплатна вакцинација. Доколку има потреба, ќе се набават дополнителни количества. Комерцијалните вакцини против грип ги набавуваат центрите за јавно здравје од сопствен буџет и тие ја одредуваат цената на вакцината – објаснуваат оттаму.
Ќе има и бесплатни и комерцијални вакцини
Министерството за здравство, во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, ќе обезбеди бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи, стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години.
Од Центарот за јавно здравје-Скопје нарачале четири илјади дози вакцина против сезонски грип.
– Очекуваме дека за еден месец ќе ги имаме и веднаш ќе може да почнеме со вакцинацијата. Нашата вакцина е комерцијална и е наменета за сите што ќе сакаат да се заштитат од грипот. Минатата година нејзината цена беше 800 денари, но можеби годинава ќе биде поевтина – посочуваат оттаму.
Во време на пандемија многу земји во Европа и од соседството набавуваат големи количества и бараат од населението вакцинација против двата вируса поради компликациите што може да ги предизвикаат.
Во Србија веќе неколку дена во тек е имунизацијата против грип со 100 илјади вакцини од „Торлак“, а се очекува пристигнување на многу поголемо количество.
И двете вакцини може да се примат истовремено
Епидемиологот Драган Даниловски објаснува дека, според резултатите објавени во студија пред печатење во списанието „Лансет“, истовремено може да се примат втората доза вакцина против ковид-19 и вакцината против сезонски грип.
– Вакцините за зајакнување на имунитетот (бустер-дози или трети дози) против ковид-19, исто така, се безбедни за примање заедно со вакцината против грип -објаснува Даниловски.
Српските епидемиолози апелираат до сите ранливи категории, особено до хронично болните и лицата со малигни заболувања, да примат вакцина.
Тие велат дека во ист ден и во исто време може да добијат заштита и од грип и од ковид.
Верица Јовановиќ, директорка на институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Батут“, за српските медиуми посочува дека, според последните и најнови препораки, вакцините против грип и ковид може да се примат во исто време на двете раце.
– На едната рака против ковид на другата против грип. Заштитата од вирусот на грип оваа сезона е од големо значење, имајќи ги предвид компликациите што може да настанат доколку во исто време се здружат и грипот и ковидот – вели Јовановиќ.
Не се очекува нов силен бран на ковид-19
Венко Филипче, министерот за здравство, не очекува во следниот период да има силен бран на ковид-19, но посочува дека состојбата постојано се следи и ќе се преземаат мерки во согласност со нејзиниот развој. Засега не се размислува за воведување задолжителна вакцинација, но Филипче вели и дека ништо не е исклучено и сѐ ќе зависи дали досегашниот опфат ќе продолжи и натаму да ги намалува бројките.
Според него, наскоро ќе почне да се применува нова рестриктивна мерка за влез на одредени објекти и настани, при што ќе може да влегуваат само вакцинирани со две дози, наместо како досега и само со една.