Фото: Игор Бансколиев

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР НИЗ ПРИЗМАТА НА ЧУВСТВАТА

Преспанскиот договор, со сите свои противречености и контроверзии, сепак во себе нема вградено член за мерење на емоциите што тој ги предизвикува кај граѓаните и во двете земји. Но токму на ова прашање (емоциите) неодамна се повика грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирицис, кој истакна дека патоказните табли со новото име на земјава – Република Северна Македонија, кои Грција треба да ги замени според Преспанскиот договор, не се поставени, затоа што тоа може да остави некои „неубави впечатоци“ кај Грците, или, со други зборови, да ги повреди нивните емоции.

Министерот Спирицис во исто време, одговарајќи на новинарски прашања, дали, во знак на добра волја, постои простор за промена на името на аеродромот „Македонија“ во Солун, само кратко одговори дека „нема шанси“. Ваквата констелација на работите наметнува дилема во домашната јавност и отвора прашање колкави се уделот и значењето на емоциите во договорот од Преспа и неговото спроведување. Дали македонските граѓани беа прашани дали ќе имаат „неубави впечатоци“ и повредени емоции со новонастанатите промени што произлегуваат од преспанскиот договор, за кои сега Грција емотивно реагира.

Патем, ние сменивме буквално сѐ, од името на државата, Уставот, имињата на институциите, регистарските таблички итн., додека на Атина ѝ е проблем да ги отстрани таблите со ФИРОМ и да ги замени со новото име во согласност со Преспанскиот договор.

Поранешниот дипломат Ристо Никовски за последната изјава на грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирицис коментира дека таа ни покажува дека тие, сепак, имаат достоинство во споредба со нас.
– Отпорот на Грција да ги менува сообраќајните табли само покажува дека тие, сепак, имаат достоинство за разлика од нас. Замислите да се менуваат таблите, а што ќе рече народот? Додека кај нас ја продаваме душата без некој да трепне. По сѐ што се случи откако беше потпишан документот од Преспа, би требало секој наш човек да сфати каков тежок пораз доживеавме и така, соодветно да се однесува – кратко објаснува Никовски.

Фото: Игор Бансколиев

Од друга страна, според професорот по меѓународни односи Лазар Лазаров, процесот на преговори со решението беше знак на самодовербата на двете земји и двата народа, победа на надежта над другите емоции и победа на лидерството над дневната политика, што е вистинскиот пат.

Тој објаснува дека вакви емотивни испади на т.н. квазипатриоти или политичари има кај нас, а ќе има и кај нив во скоро време за Преспанскиот договор.
– Нормално е сѐ уште да има емоции кај двете страни, но постапно, како ќе одминува времето, тие ќе спласнуваат, особено кај нив. Како ќе се отвораат нови поглавја од договорот, ќе сфатат дека тој е од заемен интерес за двете страни и двата народа. Токму тој договор,кој сега емоционално се доживува кај соседите, ќе влијае кај таквите луѓе што реагираат чувствително околу употребата на Северна Македонија да се надмине тоа, бидејќи ќе се развиваат туризмот, економијата итн. – вели Лазаров.
Од друга страна, во исто време професорот коментира дека Северна Македонија многу ќе одговара и на Македонците што живеат во егејскиот дел од Грција, бидејќи преку договорот е можно да се разбудат чувствата што уште живеат кај Македонците таму дека Македонија не е изгубена. Напротив, со употребата на новото име ќе се разбуди и чувството на автономизам кај Македонците во егејскиот дел на Македонија, кој се наоѓа во сегашна Грција.

– Емоциите ќе спласнат за брзо време. Логично е кога нешто менуваш, градиш или купуваш и кога набргу ќе поминеш оттаму да се чудиш и викаш дека старото било поубаво, па така и овде. И кај нас уште претседателот не сака да ја смени таблата и да ја стави Република Северна Македонија токму од овие емоции, кои ги искажал и министерот Спирцис. Напротив, во политиката нема место за емоции, има место само за навремени и вонвременски правилни политички одлуки, сѐ друго треба да се зема предвид со одредена доза резерва, бидејќи времето ќе покаже што е правилно и што не требало да се доживува емоционално – завршува Лазаров.

[email protected]