Објавувањето на Законот е легално

Мирјана Најчевска: експерт по човековите права

Од друга страна, професорката Мирјана Најчевска смета дека формалното објавување на Законот за употреба на јазиците е легално.
– Не, не е државен удар формално објавување на закон што е легално донесен од страна на легално избраните пратеници во Собранието на државата. Државен удар е непотпишувањето на овој закон од страна на претседателот на државата спротивно на Уставот. Не знам дали некој ви кажал, ама Собранието е претставнички дом на граѓаните и таму се одлучува, а претседателот е извршител. Претседателот што го крши Уставот треба да биде тргнат од функцијата од страна на Уставниот суд. За жал, ние немаме Уставен суд туку збирштина од луѓе облечени во наметки што глумат Уставен суд – пишува професорката Најчевска на социјалните мрежи.


Ова е правно насилство на исто рамниште со физичкото насилство во Собранието

Каролина Ристова-Астеруд, професор на Правниот факултет при УКИМ

Во контекст на уставноста на објавувањето на Законот за употреба на јазиците, професорката на Правниот факултет Каролина Ристовска-Астеруд пишува дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, го повредува Уставот со објавување закон без претходен потпис од шефот на државата. Потоа таа објаснува дека по објавувањето, може да се поднесат тужби до Уставниот суд, како и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Ристова-Астеруд кажува дека за овој преседан треба да се известат и оние што дадоа гаранција за рамковниот договор, односно ЕУ и САД.
– Како е, кога ЗУЈ е објавен без потпис на шефот на државата? Џафери флагрантно го повредува Уставот, тоа е правно насилство на исто рамниште како оние со физичкото во Собрание, а реакцијата треба да биде игнорирање и бојкот на овој закон-незакон, кој не е „контроверзен“ туку апла повреда на рамковниот и Уставот, ама баш апла, плус и на други уставни одредби. Нека пробаат да казнуваат, врз основа на што? На недефинирани деликти? Со какви санкции, со некакви што одат до перверзна диспропорционалност и претставуваат сурово и невообичаено казнување? По двата основа може тужби до Стразбур. Како и немање почек, и тоа нигде го нема. Законот допрва на Уставен, а за него треба реакции и кај гарантите на рамковниот и до сите институционални играчи надлежни за проширувањето. Ова не завршува овде! – напиша Каролина Ристова-Астеруд на социјалните мрежи.


Извршен е државен удар

Ванчо Шехтански: адвокат

Во врска со објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на уставните измени во „Службен весник“, со реакција се огласи и партијата ТМРО, која ја предводи адвокатот Ванчо Шехтански, од каде што сметаат дека со овој чин е извршен државен удар.
– За ТМРО, потпишувањето на Законот за јазиците и уставните измени од неовластено лице и нивното објавување во „Службен весник“ претставува државен удар, со кој се нарушени територијалниот интегритет и уставниот поредок на македонската држава – пишува во соопштението на ТМРО.


Кривично дело што не застарува

Тања Каракамишева, професор по уставно право

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по објавувањето на Законот за употреба на јазиците без потпис на претседателот Иванов, велат дека директорот Мартин Костовски направил кривично дело што не застарува и дека за тоа се оди во затвор. Од „Службен весник“, пак, велат дека за секој обид за нарушување на угледот на јавното претпријатие „Службен весник“ ќе биде поведена соодветна судска постапка.
– Со чинот на објавувањето на Законот без потпис на Иванов, директорот стори кривично дело и ќе мора да одговара. Дополнително што неговото образложение зошто го објавил законот без потпис на Иванов е смешно и недолично за носител на јавни овластувања. Одговорноста на претседателот Иванов не може да ја цени директорот на „Службен весник“, а уште помалку Талат Џафери, бидејќи се знае како во согласност со Уставот се утврдува таквата евентуална одговорност – вели професорката по уставно право Тања Каракамишева-Јовановска.