Некогаш економски промотори, сега економски советници во амбасадите

Најновите најави за испраќање економски советници во светот, повторно ги наметнуваат дилемите каков и колкав би бил ефектот од овие најнови мерки, со оглед на фактот што токму околу економските промотори претходно се кршеа доста копја, имаше спротивставени политички мислења и нивниот резултат беше оценет како незадоволителен. Новината сега е што веќе нема да се викаат економски промотори, туку економски советници

Изминатиот период поимот економска дипломатија повторно се актуализира во домашната јавност, по најавите за испраќање домашни економски советници во Софија, Брисел, Женева, Рим и во Чикаго.

Според најавите, новите економски советници ќе бидат дел од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, но со дипломатски статус ќе бидат и дел од дипломатската мрежа на МНР во рамките на проектот за економска дипломатија.
Во контекст на актуелните случувања, во домашната јавност се наметнуваат дилемите каков и колкав би бил ефектот од овие најнови мерки, со оглед на фактот што околу економските промотори и советници досега се кршеа доста копја и имаше спротивставени политички мислења. Претходно Владата, во 2017 година, ги укина економските промотори, кои беа воведени од времето на Никола Груевски во 2008 година. Работата на овие луѓе тогаш беше оценета дека е скапа и дека не ги дава неопходните резултати. Сега, министерот за надворешни работи Бујар Османи спроведува нов концепт на економска дипломатија, но овој пат не со економски промотори, туку со економски советници. Но што суштински е променето во пристапот и дали овој пат можеби се работи само за козметичка интервенција во називот, со цел единствено удомување партиски кадри на видни функции и позиции без ефекти за државата?

Од Министерството за надворешни работи велат дека досегашните економски промотори на земјата не биле составен дел од надлежностите на МНР и од тука ефектите од оваа нова пилот-програма допрва ќе се утврдуваат и допрва ќе е возможно да се почувствува нивниот позитивен ефект врз државата и нашата економија.

Оттаму потсетуваат на изјавата на шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, во која тој потенцираше дека една инвестиција со 10 работни места ќе ги оправда сите трошоци бидејќи на државата во моментов ѝ се неопходни привлекувања странски инвестиции, но и активности за промовирање на земјата како туристичка и економска дестинација.

Во меѓувреме, македонските дипломати и познавачи на економските услови велат дека бенефициите од економските советници за државата се незначителни, бидејќи во јавноста не постои доза уверување дека и овој проект нема да биде исто така неуспешен како сите слични претходни на минатите влади.

Тие ги дефинираат најновите случувања како уште еден обид за удомување партиски заслужни кадри во дипломатијата како советници за економски прашања во конзуларните претставништва на Македонија и ништо повеќе.
Македонскиот дипломат Драган Јањатов вели дека овој проект, кој многу помпезно се најавува, е проблематичен во својата основа.

Според дипломатот, искуството во работата во менаџирање на дипломатските претставништва на Македонија низ светот покажало дека ако индивидуи што не се дипломати се постават во амбасадите, често немаат никаков резултат во нивната работа.
– Имено, нашето искуство со минатите економски промотори се покажа како слабо ефективно, токму поради причините што ги напоменав, а се плашам дека и економските советници уште на самиот почеток ќе ја доживеат истата судбина како нивните претходници. Амбасадите и онака се занимаваат со економски прашања, а во амбасадите има луѓе економски конзули на кои економијата им е професија. Лично не ја гледам логиката, како некој секогашен службеник во министерство што не ја разбира дипломатијата, ќе може да ѝ помогне на државата ако биде испратен во некоја амбасада да „работи“ економски прашања – вели Јањатов.

Тој потсетува дека во минатото, во времето на заедничката држава, овие прашања биле решени со подобар механизам од актуелните.
– Во странство беа испраќани економски советници, но и преставници на македонските фирми, кои имаа свое тело во кое беа групирани. Ова тело се нарекуваше Економско-техничко одделение, кое економски ја застапуваше државата, а амбасадата само им ги овозможуваше линковите за нивните презентации и непосредни економски договарања. Овој механизам, за жал, се покажа многу поефективен од мноштвото други проекти, кои се спроведоа на оваа тема во плурализмот – вели Јањатов.
Тој советува властите во земјата да ги погледнат лекциите и искуствата од минатите проекти од оваа област и да не ги прават истите грешки како претходно, туку да разработат сериозен план и пристап на оваа проблематика, кои ќе се базираат на научени поенти од минатите економско-дипломатски искуства.

Дипломатот додава дека оваа работа има и проблематична оска, која може да се истакне како сериозен проблем во амбасадите.
– Имено, не е јасно кому ќе му одговараат и за кои интереси ќе работат овие советници, дали тие ќе му одговараат на министерот што ги испратил или на амбасадорот, кој е локален преставник на Македонија во земјата во која е делегиран. Проблемот со овие состојби го влечам од домашните искуства. Имено, тука партиите дома во Македонија не можат да се договорат за ништо корисно, па од тука уште повеќе се сомневам дека во странство на илјадници километри од Македонија, нивните преставници ќе успеат да се договорат за прашања што се од национален интерес на државата – вели Јањатов.

Слично размислува и поранешниот гувернер на Народната банка и ексминистер за финансии Петар Гошев, кој вели дека економските советници се само копирање на старите идеи кога тогаш беа нарекувани економски промотори.
– Она што претходно го критикуваат како недобро, потоа го смислуваат како нешто што наводно е добро. Постојано измислување на институции во услови кога постојните институции не си ја вршат доволно својата работа, дефинитивно не може да донесе резултат. Оваа идеја, најверојатно, е мотивирана да сместат уште еден број луѓе од своите партиски арсенали и ништо повеќе од тоа – вели Гошев.


Испраќаме советници, а немаме амбасадори

Во меѓувреме, додека државата крои планови за испраќање економски советници, за нотирање се информациите што велат дека сѐ уште немаме амбасадор во клучните држави во светот. Македонија нема свој дипломат во Вашингтон повеќе од неколку години, откако измина мандатот на последниот амбасадор Васко Наумовски. Испразнета е и амбасадата на Македонија во Москва, од каде што неодамна беше протеран еден македонски дипломат. Натаму, земјата нема амбасадори во Обединетите нации, постојаната мисија на Македонија во ЕУ во амбасадата во Брисел во Белгија, Кина, Индија, Канада, Египет, Израел и Бразил, како и во европските земји како Хрватска, Италија, Полска, Словенија и Шпанија.