Евростат наведува дека падот на БДП од 11,4 или 11,8 проценти (во еврозоната), во однос на првиот квартал од 2020 година, претставува „убедливо најголемиот пад забележан досега од почетокот на сезонското мерење во 1995 година“. Што се однесува до падот на бруто-општествениот производ на Македонија од 12,7 проценти, навидум тој е во рамките на актуелната европска статистика. Македонските експерти и економисти се едногласни во оцените дека ситуацијата е тешка и неизвесна и дека е потребна брза акција
ИСТРАЖУВАЊЕ НА ЕВРОСТАТ ЗА ВЛИЈАНИЕТО НА ПАНДЕМИЈАТА ВРЗ ЕКОНОМСКИТЕ ПАРАМЕТРИ на еу
Пандемијата на коронавирусот ја сотре економијата. Сублимираните резултати за движењето на економијата во вториот квартал годинава, на Бирото за статистика на ЕУ, Евростат, наведуваат дека падот на БДП од 11,4 или 11,8 проценти (во еврозоната), во однос на првиот квартал од 2020 година, претставува „убедливо најголемиот пад забележан досега од почетокот на сезонското мерење во 1995 година“.
Во првиот квартал на 2020 година, БДП се намали за 3,7 отсто во еврозоната и за 3,3 отсто во ЕУ. Во споредба со истиот квартал од претходната година, сезонски приспособениот БДП се намали за 14,7 отсто во еврозоната и за 13,9 отсто во ЕУ во вториот квартал на 2020 година, по -3,2 отсто и -2,7 отсто, соодветно, во претходниот квартал. Овие беа исто така далеку најостри падови од почетокот на временската серија во 1995 година. Во текот на вториот квартал на 2020 година, БДП во САД се намали за 9,1 отсто во споредба со претходниот квартал (по 1,1,3 отсто во првиот квартал на 2020 година). Во споредба со истиот квартал од претходната година, БДП се намали за 9,1 отсто (по + 0,3 отсто во претходниот квартал).
Меѓу земјите-членки за кои се достапни податоци за вториот квартал на 2020 година, Шпанија (-18,5 отсто) забележа најостар пад на БДП во споредба со претходниот квартал, проследено со Хрватска (-14,9 проценти), Унгарија (-14,5), Грција (-14,0), Португалија (-13,9) и Франција (-13,8). Најнизок пад на БДП е забележан во Финска (-4,5 отсто), Литванија (-5,5) и Естонија (-5,6), проследено со Ирска (-6,1), Летонија (-6,5) и Данска (-6,9).
Во текот на вториот квартал на 2020 година, трошоците за финална потрошувачка на домаќинствата се намалија за 12,4 отсто во еврозоната и за 12 отсто во ЕУ (по -4,5 отсто во еврозоната и -4,2 проценти во ЕУ, во претходниот квартал).
Пад на вработеноста во еврозоната
Бројот на вработени лица се намали за 2,9 проценти во еврозоната и за 2,7 отсто во ЕУ во вториот квартал на 2020 година, во споредба со претходниот квартал. Ова беа најострите падови забележани од почетокот на временската серија во 1995 година. Во првиот квартал на 2020 година, вработеноста се намали за 0,3 отсто во еврозоната и за 0,2 проценти во ЕУ.
Додека влијанието на пандемијата на ковид-19 врз вработувањето кај лица сè уште беше релативно умерено поради шемите за поддршка на владите, падот на работните часови беше многу поизразен. Работните часови се намалија за 12,8 отсто во еврозоната и за 10,7 проценти во ЕУ во вториот квартал на 2020 година, во споредба со претходниот квартал. Во споредба со истиот квартал од претходната година, падовите се 16,6 отсто во еврозоната и 13,8 отсто во ЕУ, соодветно.
Во вториот квартал на 2020 година, вработувањето се намали во сите земји-членки во споредба со претходниот квартал, освен во Малта, каде што има зголемување на вработувањето за 0,6 отсто. Најголеми падови се забележани во Шпанија (-7,5 проценти), Ирска (-6,1), Унгарија (-5,3) и во Естонија (-5,1). Намалувањето на работните часови беше генерално многу поизразено за сите земји-членки.
Врз основа на сезонски приспособени бројки, Евростат проценува дека во вториот квартал на 2020 година, 203,1 милиони луѓе биле вработени во ЕУ, од кои 155,6 милиони биле во еврозоната. Во однос на пандемијата, вработувањето кај лица се намали за 5,1 милиони во еврозоната (-3,2 отсто) и за 6,1 милиони (-2,9 отсто) во ЕУ во споредба со највисоките нивоа на четвртиот квартал од 2019 година. Во споредба со четвртиот квартал од 2019 година, бројот на работни часови е за 16,4 отсто помал во еврозоната и 13,5 проценти помал во ЕУ. Ова се најниските нивоа од почетокот на ваквите статистички мерења на Евростат во 1995 година.
Европските трендови и во Македонија
Што се однесува до падот на бруто-општествениот производ на Македонија од 12,7 проценти, навидум тој е во рамките на актуелната европска статистика, но се чини дека земјите во регионалното опкружување подобро се снашле со економските предизвици на пандемијата. Од земјите во опкружувањето, од април до јуни, корона-кризата предизвика помала штета во однос на Македонија и врз економиите на Србија (-6,5 отсто), на Бугарија (-8,5 отсто), на Романија (-10,5 отсто), на Турција (-11 отсто) итн.
Од јануари до јули 2020 година, индустријата регистрирала опаѓање на бројот на вработени за 4,6 отсто во споредба со лани, а најголема причина за ова е падот на индустриското производство од 13,8 отсто во првите седум месеци од годинавa.
Податоците за јули 2020 година покажуваат забавување на падот на индустриското производство. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство во јули 2020 година е драстично помал во однос на јули 2019 година. Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2020 година, во однос на јули 2019 година, бележи опаѓање од 36,1 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи опаѓање од 6,5 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 2,6 отсто.
Политички оптимизам и експертска резервираност
Наспроти ваквите глобални економски показатели, премиерот Зоран Заев е оптимист. Тој неодамна изјави дека нашата економија 60 проценти е поврзана со европската економија и голем дел од работите не зависат само од нас. Како пример посочи дека и германската економија има голем пад. Според Заев, БДП е во согласност со проекциите, а параметрите покажуваат дека добро се справуваме со економските состојби.
– Но во вториот квартал имаме и раст во неколку гранки како што се земјоделството и неколку други што покажува дека домашниот перформанс е добар во вториот квартал и верувам дека ќе се задржиме на севкупниот пад на БДП да биде еден од најслабо погодените во регионот со намалување не повеќе од минус четири проценти во вкупниот раст – изјави Заев.
Сепак, економските експерти предупредуваат дека во ваква ситуација многу е важно да се биде реален во проекциите.
– Економското заздравување, во многу земји во светот, почна да запира откако завршија владините мерки за помош. Тоа значи дека проблемите нема да се решат толку брзо како што се мислеше претходно. Патем, во проекцијата на „Стандард и Пурс“ за цела 2020 година, објавена пред неколку дена, се предвидува пад на македонската економија за 6 отсто, што е значително полошо од другите проекции. Времето ќе покаже, секаде во светот, дали владините мерки за спас на работните места ги спречи или само ги одложи отпуштањата. Важно е да се биде реален. Ситуацијата е тешка и неизвесна. Потребна е брза акција – посочува економскиот експерт Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања, и некогашен потпретседател на СДСМ.
Економистот и поранешен гувернер на НБРМ, Петар Гошев, смета дека правењето економски проекции во овој миг е многу неизвесна и мачна работа, додека задача на политичарите е да нудат оптимизам како плацебо-терапија.
– Процената на ММФ за падот на македонската економија во оваа ковид-година е некаде околу 4 отсто, додека „Стандард и Пурс“ тој процент го зголеми на 6. И во Македонија има институции што можат да направат проекции на економскиот раст (пред сѐ НБРМ), но тоа во овој момент е многу неизвесна и мачна работа, зашто не се познати многу варијабли потребни за компетентна анализа. Не знаеме дали ќе има и понатаму забрани од Владата за одредени економски дејности, дали Владата ќе инјектира нови средства како помош, колкава (и дали) ќе биде реализацијата на капиталните проекти, каква ќе биде динамиката на увозот и извозот… Во сегашни услови процените за економскиот развој можат да се прават само врз основа на претпоставки за клучните параметри, што е навистина мачна работа за економистите – вели Петар Гошев.