Некоординираноста и солирањето на клучните македонски политичари се лоша практика со години во македонската дипломатија, што ни се враќа како бумеранг на штета на интересите на граѓаните и државата. Деновиве вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и јавно призна дека не секогаш ја добива поддршката од Министерството за надворешни работи во однос на неговите активности. Претходно шефот на дипломатијата Бујар Османи, наместо да се фокусира на македонските евроинтеграции, на своја рака лобираше за признавање на Косово. Со ваков приод, поразите се многу поизвесни отколку успесите. Дипломатите, пак, тој однос го оценуваат како дилетантизам во надворешната политика
Македонија без интегрална стратегија во надворешната политика
Македонија со години нема стратегија за најважните прашања во делот на надворешната политика, што резултира со неконзистентност во изјавите на највисоките политичари во земјава. На моменти водењето на надворешната политика се сведува на соло-настапи на луѓе што во моментот се нашле на некаква функција во државата.
Јавна потврда и признание за дисонанцата што владее во надворешната политика е најновата изјава на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој јавно призна дека не секогаш ја добива поддршката од Министерството за надворешни работи во однос на неговите активности.
Претходно шефот на дипломатијата Бујар Османи, наместо да се фокусира на македонските евроинтеграции, на своја рака лобираше за признавање на Косово, што во никој случај не треба да биде дел од неговата дипломатска агенда, како македонски министер.
Ако двајцата клучни луѓе во надворешната политика дејствуваат некоординирано и на своја рака и притоа и куп други политичари пак на своја рака се мешаат во надворешната политика, тогаш повеќе од јасно е дека Македонија не може да биде сфатена сериозно од соседите, кои и натаму ќе продолжат преку уцени и притисоци да настапуваат со максималистички барања.
Соло-дејствувањето на македонските политичари се покажа како погубно со потпишувањето на Преспанската спогодба, а уште повеќе со ставањето потпис на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, со кој наместо да се отворат, целосно се затворија вратите на ЕУ за Македонија.
Наместо општоприфатена стратегија и вклучување на повеќе тимови што ќе ги анализираат сите аспекти и последици што може да произлезат од договорите со Грција и со Бугарија, преговорите се водеа во најголема тајност од страна на мала група луѓе, кои не можат да бидат стручни за сите прашања што беа вклучени при преговарањето, што доведе до тоа македонските граѓани на крајот да останат понижени и изневерени.
– Надворешната политика не е работа на еден или друг функционер, без оглед колку е компетентен во таа работа. Надворешната политика се утврдува во Собранието, таму се донесува стратегија и политичарите треба да ја спроведуваат таа стратегија, а не секој да измислува топла вода кога ќе му текне. Секоја сериозна држава го прави тоа, а кај нас, или нема волја или, пак, намерно се саботира – вели Драган Јањатов, дипломат од кариера.
Тој додава дека солирањето во надворешната политика е резултат на слабоста на системот.
– Очигледно слабоста е во системот. Институциите не функционираат. Одамна Собранието требало да изгради таква стратегија и да ја преточи во документ, во заклучоци, во декларација и тука нема што ќе рече Османи, што ќе рече Димитров… Секоја сериозна држава што држи до себе си има таква стратегија. Таа се носи во Собранието и служи како алфа и омега, а работа на функционерите е да ја спроведуваат таа политика, а не да импровизираат. Еден ден ќе каже едно, друг ден друго. Едниот во клин, другиот во плоча. Тоа не е сериозен приод – истакнува Јањатов.
Според него, ваквата некоординираност во надворешната политика ја користат оние што не ѝ мислат добро на државата.
– Нашите „противници“ тоа го користат и го злоупотребуваат, гледаат со кого имаат работа и се обидуваат да извлечат максимум од тоа. Ова е импровизација, не е тоа политика етаблирана врз основа на донесена стратегија, документи, долгорочни интереси, усогласена со стратегиски партнери итн. Кога знаеме што сакаме, тогаш и стратегиските партнери можат да ни помогнат, но очигледно нашиве политичари не знаат што сакаат. Не се води вака надворешна политика, особено во една земја што отсекогаш страдала од аспирациите на речиси сите свои соседи.
Тука треба конзистентно да се знае што се сака и да го имавме тоа досега, проблемот ќе беше решен. Веќе и на странските партнери им е прекуглава од нас. Еден оди во Брисел кажува едно, друг потоа оди кажува друго и што ќе прават луѓето освен да кажат решете го сами проблемот – истакнува Јањатов.
Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски смета дека постои дилетантизам во надворешната политика.
– Со исклучок на Никола Димитров, кој цело време се занимавал со надворешна политика, сите други се дилетанти. Во политиката нема другари и пријатели, туку само интереси. Османи ветуваше почеток на преговори, но ништо не се случи, а изјавите ги даваше за дневнополитички потреби наместо врз реални состојби и согледувања – вели Арсовски.
Според него, солирањата во надворешната политика не одат во прилог на надворешната политика на земјата.
– Ваквите солирања не одат во прилог на македонската надворешна политика. Штом вака отворено се гледа некаков немир во самата Влада, во триаголникот Заев, Османи и Димитров, повеќе од јасно е дека станува збор за дисонантност – истакнува Арсовски.