Фото: Маја Јаневска-Илиева

Примената на новите технологии во работењето што ги наложи пандемијата веќе одамна е практика секаде во светот. Единствено македонското собрание и по повеќе од една година пандемија не најде начин да овозможи онлајн работа. И наместо непречена работа и носење квалитетни закони во интерес на граѓаните, македонското собрание постојано се соочува со опструкции, блокади или инциденти како последниот, кога пратеници заразени со ковид-19 гласаа со скафандери

Последниот случај на гласање на петтиот пакет мерки во Собранието кога двајца позитивни пратеници на ковид-19 беа донесени во скафандери во собраниската сала за да гласаат, повторно ја наметна дилемата зошто во ерата на забрзан технолошки развој македонското собрание сè уште не е во можност да обезбеди онлајн работа.
Имено, во време кога голем дел од државата функционира онлајн, Владата одржува онлајн седници, образовниот процес точно една година се одвива онлајн, многу од компаниите го префрлија работењето од далечина наместо во канцеларија, Собранието и по повеќе од една година пандемија не најде начин да овозможи онлајн работа. Токму тоа предизвикува огромен револт кај граѓаните и компаниите, кои од блокадите во работата на Собранието трпат директна штета на економски план. Згора на тоа, ваквото работењето на Собранието веќе наидува на потсмев во регионот и пошироко бидејќи за тамошните медиуми е несфатливо да се носат заразени пратеници во парламент наместо да им се овозможи онлајн гласање.

Искуствата од другите земји покажуваат дека за релативно краток период повеќето парламенти го адаптираа работењето во согласност со условите, па така Европскиот парламент целосно се префрли на онлајн работа, германскиот парламент исто така работеше и продолжува да работи од далечина за лицата во самоизолација или позитивни на ковид-19, а неодамна и на конститутивната седница на бугарското собрание некои од пратениците позитивни на ковид-19 учествуваа онлајн. Колку за потсетување, шпанскиот парламент уште многу одамна токму на онлајн седница ја ратификува одлуката за македонското членство во НАТО бидејќи поинаку не беше возможно, со оглед дека оваа европска земја тогаш беше тешко погодена од корона-кризата.
Имајќи ги предвид сите овие работи, главното прашање што се поставува е зошто повеќе од една година македонското собрание не најде можност да овозможи онлајн работа ако се знае дека технологијата го овозможува тоа, со што ќе се избегнеа ваквите апокалиптични сцени и немаше да се прави циркузијада од собраниските седници со имање и немање кворум.
Сето тоа ќе овозможеше дигитализација на материјалите наместо трупање купишта хартии, континуитет во одржувањето седници, но и подобра комуникација на пратениците со граѓаните преку онлајн средби, бидејќи сега директни средби се невозможни. Згора на тоа, онлајн функционирањето не е никаква пречка и за директни преноси од седниците, кои освен на телевизија, паралелно би биле достапни на секој мобилен уред.
– Не е најсреќно решение, но во ваква ситуација дури и ако постојат законски пречки досега требаше да бидат надминати и Собранието да си работеше онлајн – вели универзитетската професорка Викторија Кафеџиска.
Таа додава дека со почетокот на пандемијата цел свет поминал на онлајн работење, така што дури и да требало да се направат некакви законски измени за да профункционира и македонското собрание онлајн, тоа можело да се направи изминатиот период.

– Дури и да требаше да се направат некакви козметички измени на Деловникот, можеа пратениците да се соберат и да го направат тоа со некаква додавка што би предвидувала онлајн работа во услови на криза и пандемија. Како и да е, Деловникот не е Библија, па да не може да се дополни, така што ако цел свет функционира онлајн, нема зошто и Собранието да не работи така – нагласува Кафеџиска.
Според неа, за сите преоѓањето на онлајн работење претставувало ново искуство, но дека и покрај проблемите на почетокот, сепак е воспоставен систем што функционира.
– Како што сè друго во државава и светот работи онлајн, може да работи и парламентот. Иако тие се повикуваат на тоа дека Деловникот не дозволува работа од далечина, тоа може и да се смени кога се гледа дека има вакви проблеми. Тоа требаше да биде прва работа што требаше да се направи од почетокот на пандемијата за да нема никакви пречки за онлајн работење – истакнува Кафеџиска.
За политичкиот аналитичар Петар Арсовски несфатливо е како единствено македонското собрание не најде начин да функционира онлајн.

– Во услови на пандемија сметам дека е недозволиво Собранието да не може да функционира на далечина бидејќи токму во вакви вонредни услови тоа ни треба најмногу. Некогаш треба да се донесат итни закони, понекогаш треба да се донесат економски мерки, така што не постои објаснување зошто Собранието не најде сила да функционира на далечина. Многу од собранијата во регионот и во Европа функционираат на далечина, нема причина зошто и македонското да не може. Кој и да ја кочи оваа работа во ваква ситуација, не е во право – вели Арсовски.


Европските парламенти брзо се трансформираа за работа од далечина

Националните парламенти во ЕУ усвоија различни пристапи за алтернативно функционирање во услови на пандемија, така што во нивното работење не се почувствува никаква блокада кога некои од пратениците беа заразени со ковид-19 и не можеа да присуствуваат на седниците.
Имено, во Шпанија Сенатот и Конгресот имаат можност за гласање од далечина преку употреба на електронски средства за пленарните сесии. Тоа е овозможено преку измени на членови од деловниците на двата дома.
Во Романија уште на почетокот на пандемијата во март минатата година парламентот донесе одлука за изменување на внатрешните правила, за функционирањето на парламентот да се спроведува преку електронски средства, во исклучителни околности, како епидемии, природни непогоди или терористички настани.
Истиот период лани, претседателството на полскиот Сејм усвои резолуција за промена на начинот на постапување за време на ризик од епидемија или вонредни состојби предвидени со Уставот, при што во период на епидемија се овозможува некои од пратениците да учествуваат во работата преку видеоврска што ќе обезбеди потврда на идентитетот на секој пратеник.
Норвешка се реши на седници преку видеоконференциски врски, германскиот Бундестаг исто овозможи онлајн обраќања, а и Европскиот парламент во услови на криза работеше од далечина.