Очигледно практиките да се пропуштаат европски пари стануваат секојдневие, па наместо проектите важни за државата и за граѓаните да ги финансира ЕУ, понекогаш остануваме без ниту едно евро европска помош, која, пак, другите земји максимално ја користат
Нестручност или неажурност при аплицирањето пред европските фондови
Државата пропушта и не успева да дојде до многу европски фондови најмногу поради неажурноста на институциите, но и недоволната стручност да се изготват издржани проекти што Европа ќе ги финансира, а бенефиции од тоа ќе имаат македонските граѓани.
Потврда за тоа е последниот пропуст што го направи Македонија останувајќи без едно евро од солидарниот фонд за здравство на Европската Унија оти навреме не аплицирала, иако објаснувањето од Секретаријатот за европски прашања е дека земјава не ги исполнувала критериумите за ваква помош бидејќи добро ја менаџирала ковид-кризата и поради тоа не ѝ следувале европски пари.
Од друга страна, 17 земји-членки, но и три земји-кандидати, Албанија, Србија и Црна Гора, ќе поделат вкупно 530 милиони евра, што во голема мера ќе значи помош за нивните здравствени системи.
Очигледно практиките да се пропуштаат важни европски пари стануваат секојдневие, па наместо проектите важни за државата и за граѓаните да ги финансира ЕУ, непотребно се трошат буџетски пари што би можеле да бидат наменети за други цели.
Во тек е процесот на реформа на образовниот систем за кој исто така се потребни европски пари во континуитет, така што неизвесно е како ќе се испочитува темпото на образовните реформи ако и тука се направат пропусти и државата извиси во добивањето средства.
Посебна приказна се локалните самоуправи, кои имаат релативно мали капацитети за подготовка на квалитетни проекти со кои би можеле да се добијат пари од европските фондови, па во најголем дел тие остануваат неискористени иако повеќето македонски општини мака мачат со водоснабдување, канализации, патишта, екологија, депонии и слично.
Некои од аналитичарите со кои се консултиравме сметаат дека вината лежи во тоа што се изоставуваат квалитетните и стручни кадри, за сметка на партиските вработувања во администрацијата.
– Ова е доказ дека ниту Владата, ниту локалните самоуправи не инвестираат во квалитетен кадар што ги знае овие проекти и начини како се аплицира за разни програми бидејќи на такви места најчесто, да не речам исклучиво, се поставуваат партиски кадри. И кога вие ќе поставите партиски кадри не може да очекувате тие да ги знаат сите детали, да ги знаат сите програми, едноставно да бидат стручно посветени во таа работа – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, дополнителен проблем е што државата не користи надворешни ресурси преку лица што се стручни во одредена област.
– Цел свет функционира врз принципот на аутсорсинг, освен во Македонија. Тука и да се користи тој аутсорсинг, се користи врз принципот „пријател на пријател“, бизнисите се даваат на свои луѓе. Во ваква ситуација оние што се навистина стручни, доаѓаат во многу подредена ситуација. Голем дел од тие надворешни консултанти воопшто не сакаат да работат со која било власт, бидејќи кај нас работите што се нудат најчесто се или криминални, или наместени, или некого да заглават, така што голем број од нив не сакаат да работат со властите бидејќи тие не играат чесно и не работат во полза на граѓаните, туку се интересираат само да остварат лична корист – појаснува Пекевски.
Тој додава дека токму поради ваквите причини, Европа сè поретко ќе ја прифаќа Македонија како партнер во какви било проекти.
– Тоа го покажува угледот што го има Македонија во светот. И веројатно сè помалку ќе нè ставаат во игра и сè полоши и потешко достижни услови ќе ни поставуваат, така што низ форма на техничка документација ќе нè спуштаат сè подолу и подолу за да ни покажат дека не сакаат да нè играат бидејќи сме криминално општество – истакнува Пекевски.
Универзитетскиот професор Живко Андревски е на ставот дека државата нема воспоставено механизми да ги користи вистинските потенцијали со кои располага, па затоа се случува да ги пропушта европските пари.
– Не се воспоставени механизми, канали, начини за да се користи македонскиот потенцијал. Не може држава со Универзитет што постои 80 години и со сите кадри што досега произлегле да не може да наоѓа одговори за урбанизам, за земјоделство, за туризам, за економски проекти, екологија… Државата треба сама да се организира, да ги користи потенцијалите, да ги лови можностите – порачува Андревски.
Според него, дополнителен проблем е и тоа што државната администрација во земјава е трома и лошо организирана.
– Државната администрација кај нас не е поставена на тој начин да може да ги препознава и да аплицира со проекти пред европските фондови. Задачата на еден дел од таа администрација е само да биде на државна плата. Кај нас на конкурси не се примаат најквалитетните кадри што покажуваат амбиции за работа, туку најчесто се избираат луѓе со несоодветно образование. Оттаму е големиот проблем на партиската администрација. Проблемот е што таа администрација е трома, не е функционална, не е полезна за развојот, не е употреблива за да ги оправда парите што ги зема и да помага, значи да испорачува такви услуги што на граѓаните и општеството во целина ќе му помага да чекори напред – вели Андревски.
Тој ја истакнува потребата од искористување на експертите во земјава, кои во координација со дел од постручната администрација би можеле да помогнат во што поголемо искористување на европските пари, наместо неповратно да се пропуштаат ваквите можности.