Либералните европратеници иницирале да се донесе резолуција од страна на Европскиот Парламент за почеток на преговорите со Македонија, информираа од Либерално-демократската партија, по вчерашниот Конгрес во Атина.
Горан Милевски, министер за локална самоуправа и претседател на ЛДП рече дека ова е голем чекор, со оглед на тоа што либералите се во коалиција со партијата на францускиот претседател Емануел Макрон.
– Синоќа европските либерали на Конгресот во Атина донесоа едногласна резолуција со која што бараат започнување преговори, а ова е многу значајно затоа што либералите се во коалиција со Макрон и кога вашите коалициони партнери вршат притисок за почеток на преговорите и тоа има многу поголема тежина за разлика од другите притисоци кои се прават врз претседателот на Франција – рече Милевски.
Емил Кирјас од ЛДП вели дека во самиот текст на резолуцијата стои дека Македонија и Албанија треба да бидат индивидуално разгледувани, а не групно, нешто што е реалност за Европската унија.
– Во самиот текст на резолуцијата стои дека секоја земја мора да биде индивидуално оценувана, согласно своите успеси и напоредок, а за нашата земја беше кажано дека ги има исполнето сите очекувања кои беа предвидени и дека нема никакви изговори зошто повторно би се одлагал датумот. Не би било изненадување ако има раздвојување меѓу две земји зошто реалноста во ЕУ го налага тоа. Заклучокот на резолуцијата е дека почетокот на преговорите треба да започне на првиот нареден Самит во декември и либералите недвосмислено стојат зад тоа – вели Кирјас.
Од ЛДП велат дека биле разочарани од односот на грчкиот премиер и дека Грција пропуштила да биде стратешки партнер на Македонија.