Како и колку национализмот „работи“ во регионов и како тој се одразува во Западен Балкан и Македонија е темата што изминатиов период беше актуелна на повеќе насловни страници и емисии во светските медиуми. Интелектуалци од Европа и од светот, како и домашни аналитичари, беа поведени од трендот на дебатите за национализмот деновиве. Случајност или има некаква причина зошто во светските медиуми и од стручната јавност се рециклира темата за национализмот кај нас?
Деновиве во повеќе реномирани светски медиуми зачестено беше присутна темата за национализмот, и тоа токму на Западен Балкан. Коинциденција или не, тешко дека таквите релевантни медиуми без основа ги рециклираа овие теми. Уште посимптоматично е што во освртите за балканскиот национализам, тие го поврзаа со настани што се случиле, но и со нивна проекција на некакви идни настани што би се случувале во блиска иднина. Токму последно споменатото буди силен сомнеж за оживување на сеништата на национализмот на овие простори од подалечното и поблиското минато, кои оставале крвави траги на зло, жртви и уништувања од пошироки размери.
Што пишуваат медиумите за национализмот
Најсвеж пример за ова е темата од вторникот, која беше публикувана од Францускиот меѓународен радиосервис (РФИ), кој во специјална емисија посветена на односите на ЕУ со земјите од Западен Балкан истакнува дека национализмот стана пародија што ја користат локалните политичари, преку која сакаат да останат на власт во државите.
Медиумот во својот осврт на случувањата истакна дека национализмот и лошата економија на Западен Балкан ги уништуваат општествата, а народот не знае каде е иднината. Според РФИ, вистинскиот одговор за сузбивање на оваа штетна појава е влегувањето на Балканот во ЕУ.
Минатата недела, пак, американската новинска агенција „Блумберг“ во своја сторија на темава истакна дека национализмот е присутен насекаде во Европа, а тој во процесот фрла сенка врз обидот за „лекување“ на Балканот од оваа појава.
„Блумберг“ во својата анализа на темава вели дека подемот на националистите на парламентарните избори во ЕУ во мај би можел да го блокира просперитетот на Западен Балкан, а истовремено упорноста, пак, на балканските националисти дома би можела да им послужи како изговор на европските политичари да го забават процесот.
Американскиот медиум во текстот во делот за нашата држава пишува дека со членството на Македонија во НАТО ќе се зголемат економските инвестиции во земјата а со тоа ќе се сузбие и оваа појава.
Претходно месецов американскиот магазин „Нешнал интрест“, пак, информира дека во време кога европската политика се преобликува со оживување на национализмот и разгорено јавно незадоволство, поттикнати од кризата на еврозоната во 2008 година и масовните имиграциски бранови во 2015-2016, се чини дека европските политичари можат да научат некои лекции за политичката визија без национализам од Балканот.
Интересно е што,наспроти сите предупредувања за будењето на национализмот во некаква функција, „Нешнал интрест“ го истакнува договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција како пример со кој се надминува национализмот, но додава дека во регионот сепак има уште многу отворени прашања, каде што, според магазинот, емоционално наелектризирани тензии и спорови треба итно да се решат за да не ескалираат во негативна насока.
Какви се коментарите на светската стручна јавност?
Тргнувајќи од коментарите и анализите на светските медиуми, пошироката стручна јавност повторно во фокусот го става феноменот национализам како разбудена општествена појава. Особено е интересно и дека стручната јавност има поделени мислења и различно го толкува национализмот. Едни тврдат дека тоа е синоним за расизам, прогон и за војна, дека други тврдат дека тој е столбот на националните вредности и нацијата.
Да се потсетиме, српскиот писател Данило Киш во еден свој осврт национализмот го дефинира како параноја, која може да е колективна или поединечна, и да биде глобален или локален. Според Киш, колективната параноја или национализмот се последица на завист и страв, а пред сѐ сето тоа е рефлексија од губењето на индивидуалната свест во општествата, која државите ги доведува до пароксизам (силен почеток на болест).
Од друга страна, пак, израелскиот политички аналитичар Јорам Хазони, во својата книга „За нациите и национализмот“, пишува дека национализмот е доблест, затоа што е збир и израз на пониски и поинтимни типови верност кон државата. Слично размислува и поранешната израелскa министеркa за образование и за имиграција Јули Тамир, која во својата книга „Либерален национализам – зошто да не“ пишува дека не само што национализмот може да помогне во зацврстувањето на доброфункционалните држави туку, исто така, може да послужи како алатка за поттикнување на солидарноста во владините напори за решавање на локализираните социјални предизвици и борбата против социјалните и економските нееднаквости и да се грижи за социјалните групи што се во полоша состојба од другите.
– Затоа, подобро е да не се напушти национализмот, туку да се канализираат неговите корисни функции, за да се рекреира социјалната држава. Се разбира, критичарите со право ги осудуваат шовинизмот и омразата во национализмот. Но целосното отфрлање на национализмот, кратко кажано, е површно. На интелектуалците им е потребно да го признаат ова и да ги врамат аргументите што можат да им помогнат на владите да постигнат вистинска рамнотежа меѓу националните, регионалните и глобалните обврски – пишува Хазони.
Какви се погледите на домашните аналитичари
Од друга страна, на трибина за темата „Патриотизам да, национализам не“, Џабир Дерала од невладината организација „Цивил“ истакна дека национализмот во Македонија претставува себичност, која е алатка на деструктивните структури во државата, и тој по ништо не може и не треба да се идентификува со патриотизмот кон земјата, кој по дефиниција подразбира љубов, а не омраза, во најширока смисла кон својата татковина, државата, заедницата.
Политикологот, пак, Милан Стефаноски, анализирајќи ја оваа појава од македонска перспектива, вели нашето општество, но и другите балкански држави, гледано во споредба со остатокот од Европа, не може да се окарактеризира дека по нешто заостанува и во делот на борбата против национализмот, но и во делот на стимулирањето на овие вредности.
Според него, во регионот сите држави се мултиетнички, а Балканците на некој начин научиле или се учат како да коегизистираат со различните од себе во една земја. Ништо поинаку не е ни во земјите од ЕУ, каде што денес, во едно модерно време, сѐ уште можат да се забележат, поради присуството на национализмот во земјите, гетоизирани заедници на економски мигранти од Африка и Азија.
Тој потсетува дека Македонија честопати се наоѓала на тапет на обвинувања дека се присутни национализам и иредентизам во политиката, но аналитичарот се надева дека сето тоа сега е зад нас со потпишувањето на договорот од Преспа и сѐ ќе биде надминато во скоро време, кога ќе станеме членка на НАТО и ЕУ.