Со дигиталниот зелен сертификат, еден вид ковид-пасош, на граѓаните од ЕУ ќе им се овозможи слободно да патуваат во рамките на Унијата и во шенген-зоната, додека другите и натаму ќе останат затворени во своите земји, оставени и без вакцини и без можност каде било да отпатуваат. Според аналитичарите, ваквата одлука има дискриминаторска основа поради спречувањето на слободата на движење и е уште една голема утка во политиката на Европа кон Западен Балкан
Европската комисија го презентира таканаречениот ковид-пасош
Доказ за негативен ПЦР-тест, документ за примена вакцина и потврда за прележан ковид-19 ќе бидат главните критериуми според кои ќе се издава дигиталниот зелен сертификат, еден вид ковид-пасош со кој на граѓаните од ЕУ ќе им се овозможи слободно да патуваат во рамките на Унијата и во шенген-зоната, додека другите и натаму ќе останат затворени во своите земји оставени и без вакцини и без можност некаде да отпатуваат.
Сево ова остава впечаток дека граѓаните на ЕУ се третираат како граѓани од прв ред на кои треба да им се овозможи слободно патување за време на претстојните летни одмори, додека другите ќе чекаат на милоста на некои од соседните земји индивидуално да дозволат влез и на граѓани што не се дел од ЕУ, под услови што тие ќе ги диктираат.
По неколкумесечни притисоци, а по барање на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за воведување на ковид-пасоши, ЕК вчера го презентира планот за воведување дигитален зелен сертификат во Брисел, со кој граѓаните ќе можат да докажат дека не се заразени со коронавирусот и дека не претставуваат опасност за епидемиолошката слика на земјата во која доаѓаат.
Според предлогот на ЕК, потврдата ќе биде во хартиена и во електронска форма, а би ја издавале властите од сите земји-членки на Унијата. Главната цел, како што наведе на презентацијата претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, е да се олесни патувањето во рамките на ЕУ.
Сертификатот би бил признаен од сите членки на ЕУ, како и од државите што се наоѓаат во шенген-просторот, а не се во ЕУ.
Потврдата ќе им се издава на државјаните на ЕУ, но и на странските државјани што живеат во ЕУ и на членовите на нивните семејства. Издавањето на овие потврди за граѓаните ќе биде бесплатно.
ЕК нагласува дека во овој случај, со оглед дека потврдите содржат чувствителни лични податоци, заштитата на тие податоци ќе биде исклучително висока.
„Дигиталната потврда“ ќе содржи податоци за вакцината што граѓанинот ја примил, кој е производител, бројот на дозата и датумот на вакцинацијата.
Потврдата за тестирањето ќе го содржи видот на тестот, датумот и времето на тестирање, местото на тестирањето, како и резултатот од тестирањето.
Потврдата за тоа дали лицето прележало ковид-19 ќе ги содржи датумот кога е утврден позитивниот тест, органот што ја издал потврдата, како и датумот на издавање и рокот на траење.
Последната ставка околу рокот на траењето би можело да предизвика голем број контроверзии бидејќи сè уште не е утврдено колку трае имунитетот кај лицата што преболеле ковид-19.
Државите-членки на ЕУ ќе мораат да ги признаат потврдите за вакцинирање без оглед на типот на вакцината. Таквите потврди ќе мораат да ги признаат и како критериум за ослободување на патниците од рестриктивни мерки, како самоизолација. Но во тој случај, лицето мора да биде вакцинирано со вакцина што има дозвола за широка употреба на територијата на ЕУ. Сепак, државите-членки имаат можност самите да ги прифатат потврдите за вакцинирање со други вакцини.
Ова прашање се наметна поради тоа што некои земји-членки, како и тие надвор од Унијата, користат и кинеска и руска вакцина, кои не се одобрени во ЕУ.
Според толкувањето на ЕК, вакцинирањето со таквите вакцини нема да биде доволно за потврда за цела ЕУ, но секоја држава има право сама да решава дали ќе ја признава ваквата потврда.
Европската комисија наведува дека со ова „во никој случај не се воведуваат услови за патување“ и дека ваквата потврда не може да биде предуслов за патување, туку со неа се сака само да се олесни слободата на движење.
Претходно бурни реакции имаше и во земјите што не се дел од ЕУ и од шенген-зоната, меѓу кои и Македонија, во кои се наведува дека ЕУ со ваквите сертификати го регулира движењето само на своите граѓани, а другите ги дискриминира.
– ЕУ не нè сака, само изгледа дека ние не можеме да го сфатиме тоа. Тие ќе си патуваат летово на одмор, а ние ќе чекаме дали Грција ќе ни ги отвори границите, какви услови ќе ни поставува за влез, така што имам впечаток дека ни се повторува понижувачката ситуација со визите од порано. На крајот повторно летниот одмор ќе го поминеме на некои од македонските езера – вели Мартин Крстевски од Скопје.
Аналитичарите сметаат дека е потребно да се види како ЕУ ќе го регулира движењето на граѓаните што не се дел од Унијата и дали ќе го услови тоа со евентуалното примање на западните вакцини.
– Кризниот менаџмент во ЕУ потфрла на повеќе полиња и оваа несмасна идеја е дел од серијата лоши потези. Има дискриманторска основа во спречување на слободата на движење, кое сега се условува во вакцинирање од претпочитани производители од една страна, а од друга страна, политичката штета по кредибилитетот на ЕУ е повторно голема. Откако ги изневери земјите на Западен Балкан со необезбедување на ветените вакцини и ги принуди да бараат спас од други производители, сега ги спречува да патуваат во ЕУ. Така не се градат партнерства и не се остварува позитивно влијание во овој регион. Ова е дефинитивно голема утка во политиката кон Западен Балкан – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија.