Франција, Германија, Британија и други европски земји во моментов се откажаа од намерата за згрижување на некогашните борци на ИСИС на своја територија, поради големиот безбедносен ризик. Какви се состојбите во нашата земја во однос на оваа проблематика
ПОВРАТНИЦИТЕ ОД ИСИС И НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА КАКО ТЕМПИРАНА БОМБА
Какви се ризиците Македонија да ги прими назад повратниците на ИСИС на своја територија, откако одредени земји-членки на НАТО одбиваат да го сторат тоа?
Оваа дилема е актуелна периодов во домашната јавност, откако неодамна од Блискиот Исток во Македонија пристигнаа вкупно 23 лица, односно борци на ИСИС, со членови на нивните семејства.
Според информациите на Владата, лицата се вратени во земјата бидејќи сето тоа е дел од процесот на репатријација, кој бил спроведен во согласност со обврските на Македонија што произлегуваат од меѓународното право, меѓународното право за човекови права, меѓународното хуманитарно право, стандардите и резолуциите на Советот за безбедност при Обединетите нации.
Владата објаснуваат дека припадниците на ИСИС се вратени во Македонија бидејќи по нив била издадена потерница за пронаоѓање по претходно обезбедени докази од страна на Министерството за внатрешни работи поради соодветни кривични пријави во согласност со националното законодавство.
– Поради нивна недостапност на органите на прогонот, за нив имаше распишано меѓународни потерници, а во нивно отсуство е определена мерка притвор, со решение на надлежен суд – информираат од Владата.
Оттаму резимираат дека Македонија, како членка на НАТО и Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во соработка со нашиот стратегиски партнер САД, останува посветена во примената на највисоките стандарди во борбата против насилниот екстремизам и тероризмот, со цел осигурување безбедност, сигурност, стабилност и просперитет на највисоко ниво за граѓаните на нашата земја и пошироко во регионот.
Од друга страна, во својата анализа на оваа тема, угледниот весник „Њујорк тајмс“ информира дека во моментов во камповите на Блискиот Исток има околу 200 жени и 650 деца на поранешни припадници на ИСИС што потекнуваат од 11 европски држави, а процесот за нивно згрижување во Европа е во застој.
Весникот пишува дека европските држави избегнуваат да ги вратат семејствата на повратниците на ИСИС во матичните земји.
Според „Њујорк тајмс“, Франција, Германија, Британија и други европски земји во моментов се откажале од намерата за згрижување на овие лица на својата територија поради големиот безбедносен ризик ако тие се одведат на нивните територии.
Во контекст со актуелните случувања, за истакнување е фактот дека во Европа и во светот изминативе години повеќето земји-членки на НАТО им ги одземаат државјанствата на нивните граѓани што биле дел од терористичката организација.
Така, во Германија, Франција, Британија, Данска, Турција, Бугарија, Израел и други им се одземаат државјанствата на лицата што биле составен дел на ИСИС, поради високиот ризик тие терористички да дејствуваат во иднина во матичните земји по нивното враќање од боиштата на Блискиот Исток.
Данскиот весник „Локал“ пишува дека поради развојот на конфликтот во Сирија и Ирак, Данска го забрзала процесот за носење на законот за одземање на данското државјанство на терористите од Исламската држава (ИД).
Во меѓувреме, слични иницијативи има и во Германија. Според „Дојче веле“, германската влада планира да донесе закон што ќе овозможи да им се одзема германското државјанство на исламистите опасни за уставниот поредок.
Во меѓувреме, универзитетските професори и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме велат дека рехабилитацијата на некогашните припадници на ИСИС е тежок и деликатен проблем, кој има свои безбедносни импликации врз Македонија. Тие се поделени во размислувањата дали земјата треба да им ги одземе пасошите на припадниците на терористичката организација, но велат дека секој развој на идната легислатива треба да е во согласност со сојузниците во НАТО.
Универзитетски професор Оливер Андонов вели дека кога станува збор за безбедноста и безбедносните прашања како овие со битката со тероризмот, Македонија има сериозен проблем со сопствениот авторитет како држава.
Според професорот, политиките по овие прашања ние не ги градиме врз податоците и советите на сопствените институции и закони, туку врз констатациите на други земји што од своја перспектива се борат со глобалниот тероризам.
– Како по навика на нештата, Македонија не реагира кон проблемот следејќи ги сознанијата на своите државни тела туку реагираме политички, односно брзоплето прифаќаме сѐ што ни сервира некоја земја, без разлика дали таа држава е наш стратегиски партнер во ЕУ или во НАТО – вели професорот.
Тој објаснува дека дополнителен проблем е што властите во земјата не ги следат своите заклучоци за оваа проблематика, бидејќи нам ни недостигаат стратегиски документи за борбата со тероризмот, односно ни недостигаат нови информации да се преточат во обновени и надградени стратегии за битката со тероризмот.
Андонов објаснува дека во актуелните случувања, самото користење на терминот репатријација е проблем.
– Овој термин го користеа во соопштенијата од Владата, а истиот тој, без длабински да се размисли, го користеа и медиумите кога пренесуваа информации за темата за борците на ИСИС. Она што, сепак, е битно да се напомене е дека репатријација е фраза што може да се користи за враќање на лица во својата земја ако биле дел од меѓудржавен воен конфликт во кој учествувала дирекно или индиректно Македонија. Но тука не станува збор за таков конфликт, бидејќи терористичките активности, особено оние на ИСИС, не се производ на една држава и не се една од завојуваните страни во Сирија и Ирак. Терористите на ИСИС се глобална организација, која нема државно потекло, и по самата логика репатријација е процес што во меѓународното право не може да важи и за нив – објаснува професорот.
Тој додава дека сосема е логично зошто државите во Европа им ги одземаат државјанствата на терористите, но додава дека овој чин не е можен во Македонија дури и да постои генерална согласност за оваа работа.
– Ние, за разлика од Бугарија, Франција, Германија и други земји, ја немаме уставната можност да им го одземеме државјанството на терористите, бидејќи за тоа треба да се извршат промени и во Законот за државјанство. Оттука, нам вратата за маневар по ова прашање ни е помала од наброените земји – вели професорот.
Тој додава дека, сепак, голем дел лица што била борци на ИСИС во практика, освен што се македонски државјани, се државјани и на трети земји.
– Во една таква конотација, логично е поради сензитивноста на безбедносниот проблем да оставиме истите тие прво да ги земат Швајцарија, Германија, Австрија или други земји, а потоа и Македонија, како економски послаба држава, да се „залета“ во примањето на терористите – вели Андонов.
Тој посочува дека дури и во ваква состојба на случувањата, проблематично е што освен борците на ИСИС, на македонско тло сме ги зеле и нивните деца и жени, кои немаат наш пасош.
– Властите требало да го минимизираат тоа на самиот старт, бидејќи овие деца и жени ментално и психички повеќе од една декада живееле под шеријатски правила на Блискиот Исток и тие многу тешко можат да се рехабилитираат со европски вредности во Македонија. Токму затоа и по ова прашање е избрзано од нашите власти и е донесена одлука што во иднина, на долги патеки, ни отвара дилеми колку Македонија ќе може да се заштити од идни терористички напади – вели професорот.
Андонов подвлекува дека овие лица од семејствата на борците што сега се во земјата, односно децата на терористите, во иднина и со години ќе треба да бидат следени и мониторирани од безбедносните служби, а сето тоа е многу скапа и временски долга операција, која ќе бара многу финансии за оваа намена од нашиот буџет.
Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи (ЦСА) вели дека безбедносните аналитичари и науката во светот во моментот се обидуваат да најдат успешно решение за дерадикализација на идните „терористи“, односно децата на припадниците на ИСИС што се родија во време кога оваа организација дејствуваше во Сирија и Ирак.
– Децата од овие радикализирани семејства сега имаат пет-шест години и можно е тие да се индоктринирани од најмали години и во иднина да донесат безбедносни ризици и во земјите од Блискиот Исток во кои се наоѓаат и во државите од каде што потекнуваат нивните родители. Ова случување е интересно да се следи и за нашата земја и за регионот, бидејќи од овие краишта ИСИС регрутира многу од своите припадници – вели Трајкоски.
Тој истакнува дека овие актуелни процеси во моментов се судираат со човековите права на Обединетите нации и законите на државите за регулирање на овој безбедносен проблем со борците на ИСИС.
– Верувам дека Македонија сега треба да пристапи внимателно кон ова прашање и да се обиде да ги дерадикализира младите индивидуи, но и сопругите на борците на ИСИС, по примерот на механизмот што ние го поседуваме за ресоцијализација на овие луѓе повратници во Македонија – вели Трајкоски.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека ваквите чекори, кои сега ги преземаат некои земји да им ги одземат државјанствата на овие лица, како Данска и Германија, не се потребни за Македонија.
Аналитичарот ја темели оваа своја аргументација на фактот дека земјите што сега се обидуваат да им го одземат државјанството на овие луѓе се справуваат со бројно поголем безбедносен проблем од оној што го има нашата држава, каде што станува збор за помалку од сто лица.
– Во периодот откога траат воените случувања на Блискиот Исток досега, од Македонија на боиштата заминаа да војуваат приближно 80 луѓе, од кои назад се вратени поголем дел. Во меѓувреме, измената на Кривичниот законик во државава и стапувањето во сила на неколку државни стратегии за борба со екстремизам, тероризам и верски радикализам дадоа плод, па со тоа се намали и бројката на нови луѓе од земјава што заминуваат на боиштата. Од друга страна, проблемот со кој се справуваат во моментов Данска и Германија не може да се мери со оној во Македонија, бидејќи кај нив станува збор за повратници што се бројат со стотици и илјадници, па оттука логична е и различната потреба за построго државно справување со ова безбедносно случување – заклучува Марковски.
ЕУ ја тужи Италија за несподелување податоци за терористи
Европската Унија го тужи Министерството за внатрешни работи на Италија, дека не споделувало доверливи информации за терористи со државите од Унијата.
Според информациите објавени во новинскиот портал „Еурактив“, Брисел му е лут на Рим, бидејќи италијанските власти одбиваат да ги споделат ДНК-податоците за терористите и нивните отпечатоци, со што се забавува работата на европските полиции и обвинителства во битката со тероризмот.
Професорот Андонов овој случај го окарактеризира како политика што треба да е пример за сите.
– Во светот, иако земјите се составен дел на меѓународните сојузи како НАТО, ОН и ЕУ, на крајот на краиштата се водат од лични интереси, а не од колективни. Италија во овој случај одлучила да сподели со остатокот од ЕУ тоа што е во нејзин интерес, а со остатокот од информациите со кои располага таа ќе дејствува онака како што суди таа, односно на начин што во најголема мера ѝ оди во полза на земјата, не на меѓународниот сојуз – вели професорот.
Тој додава дека ова треба да е пример и за Македонија, која не треба слепо да ги следи одлуките на ЕУ и НАТО, туку да дејствува првенствено и пред сѐ водена од својот национален интерес.