Фото: Игор Бансколиев

Кампањата за локалните избори на 17 октомври зеде замав и кандидатите секојдневно пред граѓаните ги изложуваат своите замисли и проекти преку кои ја бараат довербата. За споредба, „Нова Македонија“ направи анализа и пресек на тоа што се ветува кај нас на избори, а што во Европа, поткрепена со осврти и коментари на експерти за локална самоуправа

СПОРЕДБЕНА АНАЛИЗА ПРОЕКТИ И ТЕМИ ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО ЕВРОПА И КАЈ НАС

Со почетокот на изборната кампања за локалните избори, на виделина излегуваат и клучните теми и проекти врз чија основа кандидатите ќе ја бараат поддршката од граѓаните. Она што може да се забележи од досегашните ставови во кампањата и програмската понуда на кандидатите за градоначалници и советници е дека во фокусот на нивните ветувања повторно се јавуваат исти теми и проекти, како на пример поставување канализациски мрежи, асфалтирање улици, засадување зеленило. Во суштина, локалната власт се занимава со основните потреби на граѓаните, меѓу кои секако се и овие теми, но симптоматично е што години и декади наназад постојано се зборува за исти стари проекти и проблеми наместо одамна да се сработело тоа. Затоа заложбите и ветувањата на нашите кандидати на локалните избори на одреден начин личат како да се од минатиот век, во споредба со проектите и плановите што се нудат во Европа на локални избори.
За споредба, „Нова Македонија“ направи анализа и пресек на тоа што се ветува кај нас на избори, а што во Европа.
Годинава локални избори се спроведоа во Англија и во Германија, каде што се избираше и градоначалник на Берлин. За разлика од домашните политичари и претенденти за освојување на локалната власт, европските имаат сосема поинаква агенда во изборните кампањи.
За илустрација, таму, на пример, пред гласачите се нудат разни проекти поврзани со сончевата енергија, примена на роботика, електрични полначи за возила на сите објекти, користење сателитска мрежа за подобар јавен превоз итн.
Политичките аналитичари и познавачи на локалната самоуправа со кои се консултиравме велат дека македонските политичари со своите ветувања на локалните избори не можат ниту да се споредат со оние во Европа. Според нив, тоа е така бидејќи во Европа локалните власти размислуваат за проекти поврзани со роботиката, сончевата енергија и сателитите, а во Македонија сѐ уште се говори за канализација и асфалтирање улици.

Горан Ангелов, поранешен претседател на ЗЕЛС, вели дека постои огромна разлика од содржината на изборните кампањи на политичарите што претендираат за позиции во локалните власти во земјава и во развиените држави.
– Кај нас политичарите сите овие изминати години во плурализмот, генерално, ветуваат проекти пред гласачите што се однесуваат на проблеми од областа на инфраструктурата. За разлика од нашите политичари, оние во странство политичките кампањи ги градат врз основа на новитетите во локалната власт и врз основа на развојните процеси. Тоа е така бидејќи кај нас основните елементарни прашања не се решени, што на пример не е случај во Германија или во Англија – вели Ангелов.
Тој објаснува дека кај нас во моментов имаме екстремно сиромашни општини, кои не можат да соберат пари за плати на вработените, но и општини што се добро финансиски потковани, а оваа димензија исто така влијае и на фактот што можат да сработат градоначалниците со толку мал буџет.
– Пред петнаесетина години, на една службена посета во Германија, со мноштво од тогашните градоначалници имавме мошне интересна дебата за искуствата на нашите локални власти и оние од Европа. Од дискусијата паметам едно прашање на еден наш градоначалник до колегите од Германија, кога тој ги запраша колкава е просечната наплата на вода во оваа земја од општините. Тамошните функционери се погледнаа и рекоа 100 проценти. Самиот одговор на странските локални власти многу говори за нашите состојби на терен во Македонија. Слично беше и со прашањето колкав процент од градбите во Германија се дивоградби, а одговорот на прашањето се состоеше во фактот дека во германскиот јазик воопшто нема термин за дивоградба – вели Ангелов.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, кој вели дека ние во Македонија на локалните, но и на парламентарните избори се судираме со прашања поврзани со решавање на основните човекови проблеми.

– Работите за решавање во Македонија се претставени со политичката пирамида во изборните програми, каде што во моментов се поставуваат сѐ уште темелите на основните потреби што политичките партии сакаат да ги задоволат за нивните гласачи. Во Европа, пак, или во Америка работите што ги решаваат тамошните политички елити се во самиот врв на пирамидата и токму затоа кај нас ќе чуеме ветување дека во Македонија нема канализација во некои места и дека некој политичар се залага дека ќе ја изгради, а во Европа тие веќе говорат за роботика, сончева енергија, употреба на сателити во градски превоз и слично – вели Пекевски.
Тој вели дека кога ќе ги санираме улиците, кога сегде ќе изградиме канализација и ќе ги реновираме училиштата и болниците, кои не се чепнати со модернизација последниве сто години, тогаш ќе може на локалните избори да се ветуваат програми поврзани со експлоатација на сонцето и сателитите.


Теми за кампања во Европа

  • „Одржлив и зелен“ град за наводнување на зелените површини.
  •  Забрзување на јавниот превоз со сателитска навигација т.н. паметен град.
  • Најсовремени проекти за зголемена безбедност од криминал на граѓаните со користење најнова технологија.
  •  Зголемена примена на роботика, сателити и најсовремени уреди
  •  Проекти за искористување на сончевата енергија.
  •  Подземни и надземни паметни контејнери за селектирање, рециклажа и третман на отпад.
  •  Електрични полначи во сите домаќинства за електровозила.
  •  Модерни енергетски фасади во урбани средини од рециклирани производи.
  •  Промена на локални уредби и закони во областите на здравството, образованието, локалната самоуправа, транспортот, социјалата за поквалитетен живот.
  •  Превенција и битка со пандемијата на локално микрониво.

Теми за кампања во Македонија

  • Поставување чешми и изградба на водоводни мрежи.
  • Асфалтирање улици и патишта.
  • Поставување сообраќајни знаци.
  • Изградба на канализациска мрежа (во овој момент таа опфаќа само 18 проценти од целата територија на населените места).
  • Раззеленување на општините со паркови.
  • Изградби на киносали, базени.
  • Реновирање училишта, болници, културни домови и библиотеки.
  • Набавка на автобуси.
  • Поставување клупи, лулашки и други реквизити.

[email protected]