Пораки за единство и одговорност за евроинтеграциите на Македонија, за кои според Брисел, веќе е јасен патот, апели од власта за придонес и поддршка од сите политички чинители, обвинувања од опозицијата дека договорот за името е капитулантски чин, ja отсликуваaт атмосферата по неодамнешната одлука на Европската унија за датум за почнување преговори за членство на Македонија.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера побара од претседателот Ѓорге Иванов да биде конструктивен и да се вклучи во процесот за европска иднина на Македонија и ја повика опозицијата, како што рече, да каже на која страна е во овие историски моменти.
– Стратешка определба и на опозициските партии е членството во НАТО и во ЕУ. Консензуална волја на граѓаните вклучувајќи го и електоратот на опозицијата е членство во ЕУ и во НАТО и оттука е време опозицијата да ги разреши сите дилеми кои што ги има во однос на ориентацијата и јавно да ја комуницира јавноста. Ние сме отворени за јавноста и заеднички политики кога се однесува на овие стратешки определби на граѓаните- рече Османи, изразувајќи оптимизам референдумот и уставните измени да завршат до крајот на годината.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, му одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од ЕУ и НАТО и го поддржува евроатлантскиот пат на Република Македонија, но оти не може да се очекува да „застанат рано до рамо“ за според опозициската партија, капитулантскиот договор за името со Грција.
– Ќе го повторам нашиот став дека опозицијата цврсто чекори кон патот на евроатлантските интеграции на Република Македонија, но доколку некој очекува од опозицијата да застане рамо до рамо со овие кои што ја потпишаа оваа капитулација, тогаш во најмала рака е премногу претенциозно да се очекува такво нешто од страна на опозицијата – изјави Мицкоски.
Истовремено во заедничка изјава високата европска претставничка Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан порачаа дека изминатава недела членките на ЕУ го потврдиле достигнувањето со договорот меѓу Скопје и Атина и оти е поставен јасен пат кон отворање пристапни преговори во јуни следната година.
Хан и Могерини порачаа дека сите политички сили треба да ја делат одговорноста за одржување конструктивен дијалог и продолжување на аспирациите на граѓаните, особено преку реформи во владеењето на правото, безбедносните служби, јавната администрација и функционалната пазарна економија.
– Единство, храброст, одговорност и прагматизам од сите ќе бидат од суштинско значење. Сите политички групи и партии, локалните власти и граѓанското општество треба да ја преземат одговорноста за овој процес и заедно да ја подготват основата за преговорите – наведоа Хан и Могерини.
Според премиерот Зоран Заев, неодамнешната одлука на ЕУ за датум за почнување преговори за членство на Македонија и Албанија, е „историска“, а консолидацијата на ЕУ ќе биде довршена дури кога Унијата ќе го прифати Западен Балкан.
– Добивме датум за преговори – јуни 2019. Дотогаш, заедно со нашите пријатели и партнери од Европската комисија, заеднички ќе работиме на остварување на критериумите, односно на имплементација на фазите од Договорот со Грција и финализација на реформите. Многу сме блиску до нашата цел да ги достигнеме стандардите на ЕУ – рече Заев, во интервју за Дојче веле на македонски јазик.
Како што најави вицепремиерот Османи, до 17. месецов треба да биде познат тимот на Македонија кој ќе ги води преговорите со ЕУ, по што ќе започне скрининг процесот.