Владата го прекршила сопствениот Деловник во декември, бидејќи од усвоени 120 закони, 94 не биле ставени на консултации на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Овие информации вчера ги објави мониторингот на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Според истиот извор, во последниот месец од мандатот, политичката влада на СДСМ и на ДУИ го прекршила Деловникот за работа, така што повеќето закони што поминале на владина седница не ги објавила на ЕНЕР, а сето тоа е утврдено со следење на отвореноста на процесите за подготовка на закони преку редовно објавување на национален електронски регистар на прописи.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција, информираат дека во согласност со Деловникот на Влада, сите предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на закони што ги предлага Влада до Собранието, надлежните министерства имаат обврска да ги објават на својата интернет-страница и на ЕНЕР и истите тие треба да бидат достапни за коментари од јавноста најмалку 20 дена од денот на објавувањето на интернет-страницата.
– Со ваквата практика на масовно донесување закони по скратена постапка, кои наедно не се објавени на ЕНЕР, јавноста и сите засегнати страни не се во можност навремено да се информираат, да дадат свој придонес и да се вклучат во подготовка на закони што ќе ги одразуваат потребите на граѓаните. Напоменуваме дека оваа состојба беше констатирана и пред парламентарните избори во 2016 година што, пак, создава една негативна предизборна практика – се вели во реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупција.