Во рамки на Самитот за климатски промени, што се одржува во Катовице, претседателот Ѓорѓе Иванов се сретнал со неговиот полски колега Анджеј Дуда со кого разговарал за севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Полска, при што констатирале дека двете земји негуваат пријателски и конструктивни односи со стабилен политички дијалог.
Претседателот Иванов, како што соопштија од неговиот Кабинет, изразил благодарност за целокупната поддршка на Полска од воспоставувањето на дипломатските односи кои годинава одбележуваат 25 години, како и за употребата на нашето уставно име во билатералните односи.
Истакнувајќи дека Полска е важен и докажан партнер и поддржувач на македонската интеграција во Европската Унија и во НАТО, претседателот Иванов изразил интерес за понатамошно продлабочување на билатералната соработка преку размена на посети на највисоко ниво.
– На средбата беа разменети мислења и информации за мигрантската и бегалска криза, при што Иванов се заблагодари за досегашната помош од страна на Полска. Во тој контекст, македонскиот претседател нагласи дека полскиот контингент како дел од странските полициски сили дава значајна поддршка на македонските безбедносни сили во контролирањето и сузбивањето на обидите за илегални премини на нашата јужна граница – велат од Кабинетот на претседателот Иванов.
Оттаму додаваат дека полскиот претседател посочил оти поддршката од Полска ќе продолжи и во иднина како во однос на евроатлантски интеграции, така и во однос на мигрантската криза.