Фото: Маја Јаневска-Илиева

Никој не очекуваше дека проблемот што ја мачи земјава со децении, буквално, ќе биде решен прекуноќ, па дури ни по седница на Советот за безбедност. Но утрото, по седницата, граѓаните веднаш ја забележаа промената. Вчера, кога мерните инструменти покажуваа нула загаденост на воздухот, главното прашање што се наметна беше како ваквата состојба да стане секојдневие. Факт е дека секој ден не може да дува северен ветер, како прексиноќа и вчера, но треба да се знае што е потребно во иднина загадувањето да се сведе во прифатливи рамки

Неполни шест часа откако заврши седницата на Советот за безбедност, на која првпат на високо политичко ниво се расправаше за проблемот со загадувањето на воздухот, мерните станици низ земјава покажаа нула загадување. Никој не очекуваше дека проблем што ја мачи земјава со децении, буквално, ќе биде решен прекуноќ, па дури ни по седница на Советот за безбедност. Но утрото, по седницата, граѓаните веднаш ја забележаа промената, а потврда за тоа беше нивното масовно присуство низ улиците, каде што со полни гради го дишеа воздухот, кој одамна не беше толку чист.
Вчера, кога мерните инструменти покажуваа нула загаденост, главното прашање што се наметна беше како ваквата состојба да стане секојдневие. Факт е дека секој ден не може да дува северен ветер, како прексиноќа и вчера, но треба да се знае што е потребно во иднина загадувањето да се сведе во прифатливи рамки без да има последици по здравјето на луѓето.
– Ние не се собравме тука за да донесеме одлуки за решавање на овие проблеми, или за забрзување на позитивните трендови во оваа област. Неоспорно е дека е потребно и на ова ниво да дадеме еден импулс плус во јавноста, ова прашање да не се третира ад хок, туку системски, односно посистемски од досега – истакна по завршувањето на седницата на Советот за безбедност претседателот Стево Пендаровски, кој, како што претходно најави, еден дел од седницата на советот му ја посвети на загадувањето.
Според претставниците на невладините еколошки организации, кои ја иницираа прексиноќешната дебата во Советот за безбедност, за да се намали загадувањето е потребно да се преземат повеќе мерки, но тие издвојуваат четири што ги презентирале и пред советот.

– Да се види можноста за забрана за увоз на отпад. Ние увезуваме многу отпад, а не можеме да го менаџираме и нашиот отпад. Треба да се преиспитаат сите елаборати и дозволи за изградба на мини-хидроцентрали во заштитените подрачја, во близината на заштитените подрачја или во близината на подрачјата што имаат влијанија врз заштитените подрачја. Трета работа, инспекцијата за животна средина да биде поддржана и од полицијата, како што е случајот со УЈП низ целата територија на државата, и на крајот да се врши контрола во сите општини во однос на дивоградбите – објасни некои од мерките Аријанд Џафери, од „Екогерила“, кои би требало да се преземат во насока на намалување на загадувањето во земјава.

Засега мерките што ги презема државата се недоволни бидејќи во деновите кога нема струење на воздухот загадувањето повторно оди до највисоки граници, а македонските градови се во светскиот врв според нивото на загаденост на воздухот. Се доцни со гасификацијата на домаќинствата, главното производство на електрична енергија и натаму доаѓа од термоцентралите на јаглен, дел од индустријата нема инсталирано филтри, а голем проблем е и застарениот возен парк.

– За да се постигне некаков ефект во намалувањето на загадувањето на воздухот, потребна е координација на сите институции што работат на ова поле, како и нивна синхронизација за да можат ефектите од преземените мерки да бидат повидливи. Кај нас овие институции не работат заедно и не се координирани – вели Елена Николовска од „Екосвест“.

Според неа, некои мерки што ги носи државата, како субвенции за набавка на инвертори, се добра работа, но и тука е потребна законска регулација на некои делови.

– Ако веќе се доделуваат инвертори, треба со закон да биде регулирано дека оној што зел од државата инвертор, повеќе нема да користи валкани извори на загревање. Ние и денес имаме домаќинства што се загреваат на јаглен, тоа треба да се забрани, а подоцна треба да следува забрана и за греењето на дрва и пелети. Кај нас никој не го контролира квалитетот на пелетите, така што и за овој вид загревање не може да се каже дека е еколошко. Значи, потребна е координација на сите институции за да има ефект и резултати. Покрај тоа, потребна е и изработка на национална стратегија за справување со загадувањето, која ќе биде долгорочна – додава Николовска.

Засега, временските услови им одат во прилог на граѓаните, но на сите им е јасно дека тоа нема вечно да трае. Затоа, потребно е итно преземање долгорочни решенија за справување со загадувањето бидејќи само тогаш ветерот на овие простори ќе почне да се доживува како нормална природна појава, а не како насушна потреба за спас од загадувањето на воздухот.


Филипче ќе бара побрзо активирање на алармот за загадувањето

Министерот за здравство, Венко Филипче, ќе предложи вонредните мерки против загадувањето на воздухот во иднина порано да се активираат.
– Ќе иницирам да не се чека три дена по ред ПМ 10 честичките да бидат над 200 микрограми на кубен метар, туку вонредните мерки против загадувањето на воздухот да се активираат порано во Владата – изјави вчера министерот Филипче, по промоцијата на новата опрема на Клиниката за очни болести.