Инсистирањето на платформи единствено за албанските интереси, игнорирајќи ги мнозинскиот народ и другите малцинства во Македонија, секогаш носи ризик за предизвикување етнички тензии и е ретроградно и деструктивно за државата. Истовремено, таквите етноцентристички манифестации кај Албанците се толерирани од меѓународните фактори, додека дури и помислата за македонско национално единство и политичко обединување на двете најголеми партии експресно се квалификува како мајоризација. Која е заднината на ваквите феномени
Постизборниот период во кој се наоѓа Македонија веќе две седмици остава отворен простор за партиите во јавноста да ги „манифестираат“ своите амбиции и аргументи за партиципирање во идната власт. Таквиот простор е уште поотворен со оглед на „тесните“ изборни резултати (блискоста на бројките на освоените мандати) и кај партиите од македонскиот блок, но и кај партиите од албанскиот блок. Во актуелниот политички контекст од партијата ДУИ во јавноста беше лиферувана т.н. албанска платформа за заедничко дејствување на албанските партии во политичкиот амбиент во земјава. Всушност, тоа се т.н. пет столба (принципи) што ДУИ се обидува да им ги наметне на другите субјекти од тој национален блок на партии, за наводно поефикасно претставување на албанските гласови и интереси во Македонија. Оваа платформа се покажа како неприфатлива за другите партиски субјекти од албанскиот политички кампус, но индикативно е што продолжува тенденцијата на обиди за креирање политички платформи врз еднонационална основа во македонското општество, особено по избори, кога треба да се формира влада. По тиранската платформа од 2017-та (која сѐ уште никој од учесниците не признава дека постои) и по оваа нова албанска платформа, се наметнува прашањето дали овој „платформски изборен феномен“ во Македонија е воопшто продуктивен за државата, за меѓуетничките односи, за развој на демократијата… Колку овие етноцентристички модели носат напредок и влечат напред или, пак, постојано ја враќаат државата назад и ја уназадуваат во секој поглед?
– Најновата т.н. албанска платформа, предложена од ДУИ, претставува уште еден обид да го поврати своето влијание во албанскиот политички фактор, кое како монопол го имаше во изминатите 18 години. Кога се бара обединување, очигледно не се чувствуваат доволно силно за да се наметнат како единствен легитимен репрезент на албанските гласачи со услови за да бидат дел од власта. Платформата е само напор под нивното партиско знаме да се манифестира некакво обединување за застапување на албанските интереси, односно ДУИ повторно да биде хегемон во рамките на албанскиот политички блок. Воопшто не ги загрижува што со тоа би го поларизирале општеството или можеби би предизвикале реакција во македонската јавност, само за нивниот партиски интерес. Колку и да е ретроактивна и да ја кристализира острицата на национализмот, таквата стратегија за себенаметнување како хегемон на албанските интереси во Македонија, сметам дека овој пат нема да помине, ниту кај другите партии во албанскиот блок, ниту како ултиматум за партиципација во власта – вели професорот по филозофија и поранешен пратеник Ферид Мухиќ.
Дури и да е постизборна тактика за подобра позиција во власта, инсистирањето на платформи единствено за албанските интереси, игнорирајќи ги мнозинството и другите малцинства во Македонија, секогаш носи ризик за предизвикување етнички тензии, барем како револт во јавноста дека таквите манифестации кај Албанците се толерирани од меѓународните фактори, додека дури и помислата за македонско национално единство експресно се квалификува како мајоризација.
– По изборите, национализмот на ДУИ станува сѐ повидлив и пожесток, но изгледа овој пат тоа ќе остане празна реторика. Албанските партии само ако имаат поддршка од меѓународните фактори, ги остваруваат своите агенди, а овој пат се чини странците не сакаат да влегуваат во интеретничкото ривалство меѓу албанските партии за партиципација во власта. Сепак, тоа не значи дека албанската агенда не оди еден чекор понапред. Ако не денес со платформата, утре со конституирање на Собранието нивната доминација (на албанските пратеници) ќе стане реална кога ќе се гласаат системските закони. Сега платформата е само форма на политичка уцена, но вистинската опасност од албанската агенда е во парламентот.
Она што ги антагонизира Македонците и другите малцинства во однос на идејата за премиер Албанец воопшто не е етничката припадност на можниот премиер, туку што зад тоа се крие спроведување исклучиво на албанската агенда, со целосно игнорирање на македонските интереси. Дополнително фрустрирачки за македонските интереси е што и самата забелешка за постоење и спроведување албанска агенда се квалификува како национализам – вели професорката Солза Грчева, лидерка на Глас за Македонија.
Во целиот амбиент создаден од наративот на т.н. албанска платформа и предизборно за премиер Албанец, индикативно е што се инсистира и на чување не само на Охридскиот договор туку и на зачувување на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија, како услов за коалицирање со ДУИ.
– Би било чесно и доблесно претставниците на некои албански партии во Република Македонија (како што се, на пример, Теута Арифи или Бујар Османи) да објаснат зошто им е толку значаен „договорот“ со Бугарија во формирањето на новата влада, бидејќи со него се бара ревизија на македонската историја, како и на македонскиот народ. Исто така, би било доблесно да кажат, бидејќи овој „договор“ воопшто не ги тангира Албанците каде и да се. Тој од нив ниту бара нешто, ниту им наложува нешто, ниту (колку што знам) им ветува нешто. И, што е најбитно, би било чесно да кажат, бидејќи само така македонскиот народ ќе знае зошто и под кои услови некоја македонска партија би влегла во коалиција со ДУИ во формирањето на новата влада. Се надевам дека чесноста и искреноста сѐ уште не се заборавени особини во Македонија – смета професор по филозофија Љубомир Цуцуловски.
Тој додава и дека таквата заштитничка улога на ДУИ спрема договорите е „инвестиција“ во можна идна федерализација на Македонија, а можеби и сепарација.
– Индикативно е што ваквата позиција ДУИ ја гради кога сѐ поактуелни стануваат разговорите за разврска на косовското прашање меѓу Белград и Приштина и можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово. Со евентуално реализирање на таквата можност, се создава нова геостратегиска линија на интерес за поврзување на Црно Море и Јадранско Море, наместо сегашната Моравско-вардарска долина – вели професорот Цуцуловски.