Интересен викенд на домашната политичка сцена
Македонската политичка сцена изминативе неколку дена беше интересна бидејќи политичките партии, и од опозицијата и од власта, дискутираа за можноста за формирање заедничка влада.
Премиерот Зоран Заев во јавноста спомена дека сака да отвори дебата со опозицијата за формирање заедничка влада. Тој за медиумите изјави дека неговата партија нуди соработка од секој можен аспект на оваа тема, но, како што вели, треба да има и човек од другата страна за да се разговара. Премиерот смета дека администрацијата треба да се департизира, а тоа, според него, е можно ако двете страни (партии) се внатре во тој процес. Тој појасни дека идејата за заедничка власт со опозицијата не е исто што и техничка влада.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема информираа дека се подготвени да разговараат за експертска влада, предводена од заеднички прифатлива, натпартиска личност.
Своја изјава за јавноста имаше и првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој од тетовско Доброште изјави дека всушност и нема реални дијалози за создавање на, како што рече, „некое партнерство за коалиција“.
Претседателот на Либералдемократската партија, Горан Милевски, ја отфрли идејата за широка влада што ја изнесе во јавноста премиерот Заев.
– Ако си се сакаат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува – напиша Милевски на својата фејсбук-страница.