Искуството и практиката покажуваат дека политичките идеи и проекти создадени во Албанија имаат големо влијание врз текот на настаните во политичкиот живот во Македонија, односно во однесувањето и стратегиите на партиите од албанскиот блок во земјава. Потврда за тоа се и последните изјави на политичари од Албанија како, на пример, онаа на Дитмар Бушати, кој оценува дека „тиранската платформа засега е реализирана само половина“. Од друга страна, се поставува прашањето дали албанските политичари од Македонија имаат капацитет и авторитет да влијаат во креирањето на политичкиот амбиент и процесите во Албанија или само да ги спроведуваат идеите од Тирана во Македонија? Експертите и аналитичарите изнесуваат интересни согледувања
Дури и без европската квалификација Западен Балкан за земјиве во регионот, кои декларативно непоколебливо сакаат да станат членки на ЕУ, на политичките познавачи на состојбите јасно им е дека политичките случувања во една земја како преку сврзани садови влијаат на политиките кај сите во регионот. Вообичаено, таквиот ефект најчесто се манифестира со раздвижување на албанското прашање, односно спроведувањето на идејата за обединување на сите Албанци во регионот. Неодамна албанскиот премиер Еди Рама во интервју за српската телевизија Пинк изјави дека сака регион без граници.
– Не сакам граници со Косово, Црна Гора, Македонија, Србија. Би требало да работиме на тоа за да овозможиме тоа да се случи – рече Рама.
Според него, Албанците во Албанија и во Косово се браќа што живеат во две држави и треба да се обединат на патот кон Европската Унија, но на тоа не гледа како на создавање голема Албанија.
– „Голема Албанија“ е поим што е создаден, промовиран, коментиран и користен против Албанците од страна на оние што стојат на другата страна на воените ровови во текот на историјата. Нема „голема Албанија“ во никаков албански романтизам, дури ни во ренесансата, ни пред, ни потоа. Постои јасна претстава дека ние сме браќа што денес живеат во две различни држави и оти треба да се обединиме. Јас на тоа обединување гледав како на дел од нашиот пат кон ЕУ и ако постои нешто што е големо, тоа е голема ЕУ – објасни Рама.
Оваа изјава албанскиот премиер ја даваше во екот на жестоките опозициски протести во неговата земја, на кои лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша му порачува „да не демонстрира сила бидејќи, како што рече, во најдобар случај ќе се моли да заврши како поранешниот македонски премиер Никола Груевски“.
И оваа ривалска комуникација меѓу политичките лидери во Албанија, на некој начин ги илустрира поврзаноста и меѓусебното влијание на политичките случувања во регионот, макар и само како пример. Меѓутоа, од друга страна, докажано е во практиката дека политичките идеи и проекти создадени во Албанија, многу повеќе имаат влијание врз текот на настаните во политичкиот живот во Македонија, односно во однесувањето и стратегиите на партиите од албанскиот блок во земјава. Најактуелен проект (за кои одредени политичари во Македонија велат дека не постои) е т.н. тиранска платформа, која иако „непостојна“ сепак се спроведува, што го потврдува и поранешниот министер за надворешни работи и ЕУ на Албанија, Дитмар Бушати. Во изјава за албанските медиуми, Бушати оценува дека „тиранската платформа засега е реализирана само половина и дека очекува наскоро да биде имплементирана целосно“.
Без оглед на признавањето и негирањето на постоењето на тиранската платформа, очигледен факт е дека политичките идеи и процеси од Тирана играат голема улога во креирањето на политичките цели на албанскиот политички фактор во Македонија. Со оглед на постојаните тенденции за обединување на Албанците во регионот (од каков било вид), логично се наметнува прашањето дали политичките влијанија во тој „сеалбански проект“ се двонасочни, или само еднонасочни. Односно, дали албанските политичари од Македонија имаат капацитет и авторитет да влијаат во креирањето на политичкиот амбиент и процесите во Албанија, или само да ги спроведуваат идеите од Тирана во Македонија? Кој е капацитетот на лидерите на албанските партии во Македонија да влијаат, на пример, на случувањата во Албанија? Експертите и аналитичарите изнесуваат интересни согледувања.
– Неоспорен факт е дека Тирана го носи знамето на албанизмот во регионот. По независноста на Косово, постои одредена конкуренција меѓу Приштина и Тирана, меѓутоа никој не ја доведува во прашање улогата на албанскиот премиер. И во времето на Енвер Хоџа, кога постоеше страшна диктатура, албанското национално прашање беше на маса и се спроведуваше. Таквата практика продолжува до денес во регионот. Обратно, пак, македонските Албанци немаат речиси никакво влијание на таа генерална политика, но се нејзини посветени спроведувачи. Многу често Еди Рама ги артикулира албанските националистички ставови, со кои се урива поредокот на Балканот, меѓутоа, за тоа никогаш не си „добива по прсти“ од меѓународниот фактор. Тоа само потврдува дека големоалбанскиот проект, кој по независноста на Косово е 70 отсто реализиран, постојано е актуелен и постепено но сигурно се спроведува – размислува Ристо Никовски, поранешен македонски дипломат и познавач на политичките односи во регионот.
За тоа дали евентуалните интелектуални и политички амбиции на политичарите од албанскиот блок во Македонија како било влијаат на општествено-политичките случувања во Албанија, политикологот Сефер Тахири оценува дека тие се незначителен, речиси непостојни.
– Ниту некоја од албанските политички партии во Македонија, ниту некој политичар од тој блок, ни најмалку не можат да влијаат врз општествените и политичките процеси во Албанија. Никој од нив воопшто не е присутен во јавната дебата во Албанија, а и во Албанија многу малку се зборува и се знае за приоритети на дејствување на албанските политички партии во Македонија. Од времето на Арбен Џафери се нема појавено албански политичар во Македонија со интелектуален и политички капацитет, па и намера да влијае врз општествениот дискурс во Албанија, а преку тоа и за некакво влијание во политичкиот живот – вели Сефер Тахири.
И покрај актуелните политички превирања во Албанија, и понатаму во развојот на политичките процеси во регионот тежи сенката на „идеите од Тирана“, кои несомнено (прикриено или јавно) влијаат и ја одредуваат динамиката на одредени случувања, особено поврзани со евроинтегративните амбиции и на Македонија. Она што е индикативно е и отсуството на каква било реакција кај албанскиот блок партии во Македонија на одредени контроверзни или провокативни тези што често доаѓаат однадвор, ја засегаат Македонија или значат мешање во нашите внатрешни работи.
Тоа на некој начин значи дека домашните политички партии од албанскиот блок самоволно се стават само во улога на подизведувачи, оценуваат аналитичарите.
– Сегашните превирања во Албанија, во никој случај не го доведуваат во прашање тој големоалбански проект. Напротив, кој и да излезе победник, ќе мора уште посериозно да се ангажира на неговото спроведување. Ниту една албанска политичка сила во регионот (ниту во Албанија, ниту во Косово, ниту во Македонија) не го доведува во прашање тој проект – вели амбасадорот Ристо Никовски.