Замислете вие каков див народ е овој со кој сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика што ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува, рече поглаварот на ИВЗ за време на церемонијата за поставување камен-темелник на џамија во скопското село Арнакија
Дали верските лидери се свесни за одговорноста на јавно искажаните зборови во нивните говори и зошто институциите не реагираат на сѐ почестите изјави на верски лица, кои се граничат со говор на омраза и предизвикување етничка и верска нетрпеливост и поткопување на соживотот во земјава? Ваквите дилеми се наметнаа во јавноста откако вчера на социјалната мрежа Фејсбук беше поставено видео во кое Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница, за време на церемонијата за поставувањето на камен-темелникот на џамијата во скопското село Арнакија зборува недолични зборови за народот со кој тие самите, мислејќи на муслиманите во земјава, градат соживот. Поглаварот во својата изјава вели дека ИВЗ нема да дозволи да биде попречувана градбата на џамии и нема да молчи за тоа.
– Џамиите да се попречуваат и да не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме со Господ напред дека ќе дојдат подобри времиња и секаде имаме народ и места… во селото Лажец, Битолско каде што повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие каков див народ е овој со кои сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува – вели Реџепи.
Церемонијата се одржала на 14 март, а на својот фејсбук-профил Реџепи го поставил видеото пред два дена.
Експертите експресно реагираа отворајќи ги дилемите дали говорот на верските претставници е соодветен на општество како македонското, кое има мултиетнички и мултирелигиски карактер? Зошто верските лидери повеќе зборуваат низ речникот на политика, а честопати и низ речник на уцени и навреди, отколку да зборуваат за почит и соживот?
Ѓорѓи Тоновски, професор по социологија на универзитетот ФОН вели дека најблаго речено станува збор за „несреќна изјава“ на поглаварот Реџепи. Тој треба да излезе со соопштение во кое ќе даде дообјаснување на изјавата, односно да објасни за што точно мислел, кој е тој див народ, кој е тој народ без идентитет, како и да објасни на кого се однесуваат неговите зборови. Која е причината што го испровоцирала да употреби вакви зборови, зашто сепак, тој е верски лидер и овој речник не треба да е својствен за неговата функција -објаснува Тоновски.
Експертите посочуваат и на дилемите дали говорот на верските претставници е соодветен на општество како македонското, кое има мултиетнички и мултирелигиски карактер? Зошто верските лидери повеќе зборуваат низ речникот на политика, а честопати и низ речник на навреди, отколку да зборуваат за почит?
Инаку, во целата повеќеслојна македонска јавност одгласите не можеа да се сопрат. На социјалните мрежи изјавата на реисот поттикна лавина реакции, од голем број припадници на албанската, турската и од другите етнички заедници во земјава. Тие ја осудија изјавата на поглаварот, посочувајќи на тоа дека во Македонија отсекогаш постоел добар соживот меѓу различните етнички и верски заедници.
ЈО и МВЗ ќе поведат постапки
Од Јавното обвинителство вчера изјавија дека ги следат сите информации и во согласност со своите надлежности ќе постапуваат каде што постојат елементи за сторено кривично дело.
Хелсиншкиот комитет за човекови права вчера поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи за ширење говор на омраза од страна на Сулејман Реџепи, поглаварот на Исламската верска заедница.
– За време на церемонијата за поставување камен-темелник на џамијата во скопското село Арнакија, реисот Реџепи се обрати до присутните верници со зборови што предизвикуваат омраза, раздор, нетрпеливост и исмејување на македонскиот народ – исполнувајќи ги битијата опишани во членовите 319 и 179 од Кривичниот законик. Користењето говор на омраза од страна на вршител на висока верска функција и човек со големо влијание во јавноста е особено опасно и недозволиво. Во една мултиетничка и мултиконфесионална држава, верските лидери треба да се свесни за својата улога и да дејствуваат во духот на толеранцијата и соживотот, а не да иницираат и разгоруваат нетрпеливост и омраза. Побаравме од МВР веднаш да постапи по оваа пријава и да ги преземе сите мерки во согласност со законските прописи – соопштија од Хелсиншкиот комитет.
Оградувања од изјавата на поглаварот
Александар Даштевски, претседателот на Комисијата за спречување дискриминација вели дека како надлежно тело ќе свикаат седница и ќе се обратат до Исламската верска заедница за прецизирање на изјавата на поглаварот.
– Нејасна е изјавата на поглаварот. Тој зборува за див народ што живее на ова тло, а не посочува конкретно име на одреден народ. Ние имаме право со писмо да се обратиме до ИВЗ и да бараме прецизирање на неговиот говор. Потоа ќе видиме дали ќе реагираме со генерална препорака за говор на омраза, или ќе поведеме прекршочна постапка за ширење говор на омраза – објаснува Даштевски.
Според него, ваквиот говор на поглаварот повеќе може да се толкува како начин на притисок што сака да го изврши врз властите, кои, како што и повеќепати рекол Реџепи, ја кочат изградбата на неколку верски објекти во земјава.
Даријан Сотировски, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи вели дека колку што нѐ разочарува фактот дека верски лидер користи наративи што дејствуваат штетно кон општествената кохезија, толку радува бурната реакција на оградување и негодување од муслиманите во нашата мултиетничка и мултирелигиска држава.
– Нашето општество созрева, а ваквите јавни настапи веќе не можат да придонесат да се зајакне нечиј авторитет, ниту пак да придонесат кон поделби. Праќам јасна порака до сите граѓани, да се почитуваме и да подаваме рака, а верските лидери да бидат пример и да предводат – посочува Сотировски.
Грчки митрополит осуден за говор на омраза
Митрополитот Амвросиос од грчкиот град Калаврита на почетокот на годината беше осуден на условна затворска казна од седум месеци за јавно поттикнување насилство или омраза и за злоупотреба на црковната служба. Грчкиот митрополит во декември 2015 година објавил текст во кој ги нападнал хомосексуалците и побарал од граѓаните да ги плукаат. Освен што јавно го искажува неговото несогласување со правата на ЛГБТ-заедницата, важи за поддржувач на Златна зора, а во минатото има изјавено дека мигрантите „ја загадуваат земјата“, категорично е против изградба на џамија во Атина, а по катастрофалните пожари лани во областа Атика, рече дека главен виновник за тоа е грчкиот премиер Ципрас, бидејќи е атеист.
Вранишковски осуден за верска омраза
Поранешниот владика на Македонската православна црква, Јован Вранишковски, е единствениот верски претставник што од независноста на државата бил осуден и одлежал околу една година затвор, за поттикнување верска омраза и нетрпеливост.
Откако ја напушти МПЦ-ОА, судот во Битола во 2005 година, го осуди на 18 месеци казна затвор заради предизвикување верска, расна и национална омраза. Одлежа околу една година, откако Врховниот суд му ја намали казната.
Во 2005 г. беше обвинет за предизвикување верска омраза, поради црковните материјали со навредлива содржина за МПЦ што ги публикуваше неговата црква Охридска архиепископија. Вранишковски беше обвинет и дека сторил повеќе кривични дела со делење црковен календар и пропаганден материјал, преку кој вршел клевета против МПЦ и Светиот архијерејски синод и ги повредувал верските чувства на граѓаните.
ИВЗ: Реџепи немал намера да ги навреди Македонците
Од Исламската верска заедница вчера изјавија дека поглаварот Реџепи мислел на времето пред 30 години, односно на 80-тите години од минатиот век кога во тоа село, од тогашните власти било наредено да се изгори џамијата, која сега ја обновуваат и доградуваат. Оттаму додаваат дека намерата на поглаварот не му била во насока да навреди одреден народ што живее во земјава.