Претседателот на Владата Зоран Заев по средбата со координативното тело за помирување и интеграција во Собранието изјави дека е постигната согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение. Покажавме политичка волја, рече Заев, дека сме подготвени за еден ваков чекор, посочувајќи дека мора да се направи дистинкција помеѓу оние кои учествувале во настаните од 27 април.
-Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер, рече Заев и изрази убедување дека во натамошната постапка ќе се дознаат сите стручни аспекти на механизмите како да се направи помирување во државата, а истовремено како да се постават и другите апсекти на целите на интерпарламентарната група.
Премиерот кажа дека волја и желба постојат, но дека црвените линии не смеат да се поминуваат, што е многу важно за да не ни падне, како што рече, на памет да влијаеме врз правосудниот систем.
Потсети дека реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ.
Не навлегувајќи во деталите од разговорите на средбата, Заев кажа дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е тоа насилство, а што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.
-Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна динстикција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои, рече Заев.