Претседателот на Собранието Талат Џафери до претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања го доставил барањето испратено од судот за одземање на мандатот на пратеникот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, заради издржување на двегодишната затворска казна за набавката на луксузниот мерцедес.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски потврди дека барањето е доставено до него и најави дека седницата на која што ќе биде разгледувано треба да биде закажана во рок од 15 дена. Тој не сакаше да прецизира кога точно ќе ја закаже седницата, само нагласи дека роковите ќе бидат запазени.
Според Деловникот, мандатот на пратеникот може да му биде одземен доколку е фатен во извршување кривично дело за кое е пропишана казна од најмалку пет години, доколку е осуден на казна затвор што го прави недостоен за вршење пратеничката функција и доколку е осуден на затворска казна за кривично дело кое се гони по службена должност. Ако барањето за одземање на мандатот помине во Комисијата за деловнички и мадатно имунитетни прашања, Собранието треба да расправа за него на првата наредна пленарна седница. Одлуката за одземање на пратеничкиот мандат, според член 65 од Уставот, се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници.
Поранешниот премиер Никола Груевски најдоцна до 8 ноември треба да се јави во затвор за отслужување на двегодишната затворска казна.
Апелацискиот суд во Скопје на петти овој месец како неоснована ја одби жалбата на Груевски за предметот „Тенк“ и во целост ја потврди првостепената пресуда за затворска казна од две години.
Кривичниот суд Скопје на 23 мај година за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра го осуди првообвинетиот Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот Никола Груевски како поттикнувач за извршување на делото на две години затвор. Двајцата потоа поднесоа жалби на првостепената пресуда до Апелацискиот суд Скопје.
Во предметот „Тенк“ осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на шест години затвор.