Лидерите на Зелената партија ДОМ, Маја Морачанин и на ЛДП, Горан Милевски во Штип го претставија новото граѓанско движење на Центарот, со мотото „Излези од маглата“.
Во своето обраќање пред штипјани, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин нагласи дека ДОМ и ЛДП се прогресивни партии кои се отворени за сите граѓани, граѓански движења, експерти кои споделуваат слични вредности, за кои приоритет е јавниот, а не личниот интерес и кои сакаат да придонесат за здрав и квалитетен живот на граѓаните.
Таа се осврна и на потребата од побрз одржлив развој на општина Штип, преку искористување на научните сознанија, иновациите и дигитализацијата.
Нагласи дека мора да се употреби потенцијалот на ветерот и сонцето за производство на електрична енергија со поставување ветерници и фотоволтаици.
Ја истакна и потребата за развој на бањскиот, рекреативниот и екотуризмот преку искористување на геотермалните води и промоција на природното и културното богатство во регионот.
Во своето обраќање, лидерот на ЛДП, Горан Милевски рече дека Граѓанското движење на Центарот нуди нови визии за решавање на локалните проблеми и прашања во Штип и во другите места од регионот.
Тој подвлече дека ЛДП и ДОМ не се согласуваат со предложениот Изборен законик кој не е во прилог на развој на демократијата, туку ги фаворизира интересите на големите партии.
Пред штипјани се обратија и претседателите на општинските организации на ДОМ и на ЛДП во Штип, Ванчо Санев и Горан Варадинов, како и генералниот секретар на МОДОМ, Мартин Каровски.