Лекарите како пожртвувани и прекалени борци, особено изминатата пандемиска година, уживаат голема доверба и популарност кај граѓаните, што сега политичките партии сакаат да ги преточат во освоени мандати во своја корист. Но колку е оправдано на овој начин да се троши дефицитарниот медицински кадар, и тоа во услови кога Македонија и светот стравуваат од четврти бран на вирусот и се наоѓаме пред мноштво здравствени предизвици?
Дали пандемијата на ковид-19 ги профилира и издигна лекарите како посакувани кадри и во политиката, особено сега во пресрет на локалните избори наесен. Изминатиот период во јавноста веќе се посочуваат имиња на лекари како идни претенденти за градоначалници, а одредени вакви кандидатури беа и јавно обелоденети. Ќе го искористат ли партиите авторитетот на докторите, кои токму изминатата година беа во првите борбени редови против пандемијата на ковид-19, за да го надоместат она што им недостига како политичка понуда, односно да го пополнат кадровскиот дефицит? Од друга страна, пак, што е тоа што лекарите ги влече да влезат во политика и фокусот од здравствените предизвици да го пренасочат на решавање комунални прашања и проблеми.
Сите овие дилеми се наметнуваат во јавноста деновиве, откако сѐ погласно се зборува за многу лекарски имиња што би требало да влезат во политиката.
Пред официјално објавување на политичките кандидати за градоначалници, партиите на голем број докторски имиња им го мерат рејтингот колку се популарни меѓу членството и локалното население.
Граѓаните, пак, се прашуваат зошто некој доктор наместо да лекува, би се нафатил да решава урбанистички и административни проблеми, но и редица комунални прашања. Она што е сосема извесно е дека партиите сакаат да ја искористат популарноста на докторите за да обезбедат што повеќе гласачи.
Докторите како пожртвувани и прекалени борци, особено измината пандемиска година, уживаат голема доверба и популарност кај граѓаните, што сега политичарите сакаат да ги преточат во освоени мандати во корист на партиите.
Но од друга страна, пак, се наметнува и дилемата колку е оправдано политичарите да го трошат дефицитарниот медицински кадар, и тоа во услови кога светот стравува од четврти бран на вирусот?
Дотолку повеќе што огромниот влог што го прават лекарите, особено во текот на нивниот образовен процес, како и доживотното учење преку постојаните специјализации, но и со вложување во спасувањето на човечки животи е повреден и има поголем интегритет од дневната политика?
Во моментот во парламентот има над десетина лекари, дел од медицинскиот кадар седи и во Владата, а интернисти и кардиолози има и меѓу градоначалниците. Каков ќе биде епилогот и новиот сооднос на медицински кадар во политиката по претстојните локални избори, ќе знаеме во октомври годинава.
Комуникологот и експерт за односи со јавноста Бојан Кордалов вели дека како и секоја професија, не е спорно да има и доктори во политиката, туку, напротив, добро е и здраво е за демократија.
– Но ако ни се случи т.н. пандемија од доктори и медицински лица во политиката, тогаш ќе ги изгубиме нив кај што ни се најпотребни, а тоа е во болниците и здравствените центри каде што спасуваат животи – посочува Кордалов.
Според него, кога правник или економист влегува во политиката, полесно е да се најде замена.
– Но кога тоа се случува со докторите или инженерите, тоа не е случај, а последиците можат да се чувствуваат со децении во иднина – вели тој.
Според Кордалов, македонската политика за разлика од онаа во САД и во ЕУ ги троши луѓето, и тоа психички, физички и кадровски.
– Партиите за победа номинираат медицински лица или професионалци во други области, не водејќи сметка дали професијата е дефицитарна. Политичките партии сѐ уште се водат само од голите рејтинзи при изборот на кандидати и кандидатки. Но мала земја како Македонија не може да си го дозволи луксузот со своите луѓе да се однесува по принципот искористи, дискредитирај и фрли – заклучува Кордалов.
Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека лекарите секогаш имале посебен статус во општествата.
– Тој статус им овозможува да имаат автономна позиција во општеството. Токму тој статус е примамлив за политичките партии, а здравјето е најчувствителна тема кај граѓаните – посочува тој.
Според него, уште од првите парламентарни избори од 1990-тите години играат на голема карта со лекарите.
– Тоа не е новина. Лекарската професија е на прво место во таа кадровска политика. И тоа ќе продолжи и понатаму – заклучува социологот.
Студиите по медицина траат шест години, а за специјализација во зависност од изборот на медицинската област, следуваат дополнителни околу пет-шест години. Уште толку е потребно ако докторот сака да оди на супспецијализација.
И покрај децениското учење и едукација, дел од тие специјалисти се обидуваат и во политиката и стануваат министри, пратеници или советници.