Неколку дена по сведочењето на бившиот разузнавач Зоран Верушевски, како сведок во случајот „Таргет – тврдина“, во јавноста не стивнуваат и реакциите, но и различните интерпретации на неговата изјава.
И наместо со сведочењето на шефот на безбедносната политика на СДСМ да се дорасветли случајот, впечаток е дека сега состојбите дополнително станаа поконфузни, па дури и се мистифицираа. Како и сѐ кај нас што се толкува со „стравотна модификација“, така и сега, изјавата на сведокот, во јавноста „се трансформира“ како да е изјава на вештак-експерт.
По ваквата изјава на Верушевски, во медиумите веднаш се огласи и обвинителката Фатиме Фетаи.
Што точно кажа Верушевски, а што Фетаи, и што тие, всушност, сакаа да кажат и да порачаат?
Верушевски двапати се огради
Зоран Верушевски, во судница како сведок во случајот „Таргет – тврдина“ изјави дека „бомбите“, поточно „документацијата“, како што тој ја нарекува (што е многу поширок поим од тонските записи и имплицира други форми на донесувани материјали), биле носени директно во СДСМ, а не кај него, а со целата документација управувале партиските претседатели, кои носеле стратегиски одлуки за тоа како да се постапува понатаму.
– До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации што доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност – изјави Верушевски.
Со таквата изјава, тој се амнестира себеси од одлуките за носењето стратегиски одлуки во врска со „документацијата“. Тој не негира дека до неговото лишување од слобода, тој на оперативно ниво бил во допир со споменатите материјали, но истите тие се нашле надвор од неговата зона на одговорност, по неговото апсење. Со тоа тој повторно става ограда околу себе во контекст на „стравотната модификација на документите“, која Верушевски ја дава како факт во својата изјава.
Во контекст на примопредaвањето на класифицираната строго доверлива, Верушевски додаде дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата.
– Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата што донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година. Документацијата е цело време во партијата и со неа управува претседателот на партијата. Информацијата и документацијата не завршуваше кај мене, туку кај политичката партија – рече Верушевски пред судот.
Тој исклучително експлицитно изјави дека откако го уапсиле документите биле видоизменети, односно „стравотно модифицирани“ како и компромитирани. Првиот термин (модифицирани) е всушност оној на кој исклучително сензибилно реагираше обвинителката, бидејќи со тоа битието за формирањето и работата на СЈО е девастирано од страна на исказ на лице што било во центарот на случувањата. Така што од тоа произлегува дека и институцијата и „документацијата“ се ништовни како докази…
– Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода – сведочеше Верушевски и додаде дека „исказот на Ѓорѓи Лазаревски пред Обвинителството за случајот ’Пуч‘ бил целосно невистинит“. Второ, во жаргон на разузнавањето, употребениот термин „компромитирани“ документи значи дека тие се нашле во рацете на многу консументи, кои по своја волја и убедување ќе ги ползуваат, што е навистина стравотна констатација.
Експресно реагираше обвинителката Фатиме Фетаи, бидејќи ваквите изјави на Верушевски испукани од и во самиот центар на збиднувањата, како со гумичка го избришаа формирањето, постоењето на СЈО и нивната работа…
Фетаи: Вкрстено испрашување ќе ја расчисти мистеријата
Обвинителка Фатиме Фетаи пред почетокот на рочиштето за предметот „Насилство во Центар“ изјави дека изјавата на разузнавачот Верушевски во предметот „Тврдина – таргет“, за модификацијата и компромитирање на документацијата, нема да влијае врз постапките што ги водеше СЈО, а кои сега продолжуваат во редовното обвинителство
– Изјавата на сведокот Верушевски нема да влијае на автентичноста на овие докази, ниту на постапките што се водат во врска со нив. Прочитав дека изјавил и оти бомбите биле модифицирани и компромитирани. Сакам да напоменам дека никогаш во судница обвинетите не ја кажале онаа фраза: ’Сечени, лепени, монтирани‘, што ја кажуваа во медиумите – рече Фетаи.
Очигледно е дека со изјавата на Верушевски длабоко и суштински е засегната СЈО.
Какви се ставовите на експертите
Стручната јавност во земјата вели дека изјавите од овој тип „доказите што тоа не се и модификациите што не се видоизменувања“ можат само да долеат масло на огнот и да придонесат да се случи нова политичка криза и државна хаварија, доколку докрај и според законот не се расветлат постапките што се водат пред нашите судови.
Универзитетскиот професор на Првиот факултет Гордан Калајџиев вели дека во овие моменти во јавноста владее општо недоразбирање, кое е повлечено од сведочењето на Зоран Верушевски.
Според професорот, дополнителната конфузија во јавноста на оваа тема е засилена и со изјавите на самите обвинители и таканаречени експерти, кои секој од своја перспектива ги толкува настаните.
Според Калајџиев, она што веднаш паѓа во очи е што изјавата на Верушевски повеќе изгледа како да е кажана во својство на експерт и вештак отколку на сведок.
– Она што јавноста и судот мораат да разберат е што Верушевски таму бил повикан да каже што видел и знаел, а не што мислел или, пак, како тој ги толкува настаните на одредена тема поврзани со судскиот процес – вели професорот.
Тој додава дека при ваква поставеност на настаните мора да се изврши правно разликување на состојбите односно да се сфати дека мислењето на Верушевски за автентичност на доказите може да се уважи само ако тој е вештак по таа проблематика во спротивно единствено ќе му држи зборот само за она што го видел, доживеал и слично.
– Натаму јавноста во контекст на последното случување мора да ги разликува толкувањата за снимените материјали, бомби или документи, односно дека сомнежот за менувањето на содржината на ова сведочење не се однесува на сите предмети туку најверојатно само за конкретниот, но единствено во својство на сведок и ништо повеќе – заклучува Калајџиев.
Според него, она што за јавноста и за случајот треба да биде важно во моментов од сведочењето на Верушевски и на самиот процес е да се разбере како овие материјали, документи или т.н. бомби практично излегле од МВР и завршиле во партија, а второстепено би било утврдувањето на доказот дали е тој автентичен менуван или не е менуван на оригиналот.
Професорот резимира дека изјавата на Верушевски за преостанатите процеси не може да фрли сомнеж бидејќи неговото сведочење не е предмет на други постапки што се водат во судовите и Обвинителството.
Адвокатот Александар Тортевски смета дека сега Јавното обвинителство треба веднаш да го повика Зоран Верушевски.
– Треба Верушевски да каже на кои снимени разговори мислел кога рекол дека се модифицирани и тоа треба сериозно да се провери. Обвинителството треба да го соочи со Лазаревски и со Костовски. Доколку се утврди дека во претходната постапка, во предистрагата, Верушевски кажал нешто сосема спротивно, тогаш треба да му се поведе постапка за лажно сведочење – вели Тортевски за медиумите и прашува зошто Верушевски досега молчел.
Адвокатот Александар Новаковски, пак, смета дека изјавата на Верушевски може да има влијание врз тековните предмети на СЈО.
– Многу обвиненија, кои ќе се базираат само на прислушуваните докази, може да завршат со ослободителни пресуди – вели Новаковски.
Според поранешниот министер на МВР, Павле Трајанов, изјавата на Верушевски е во правец и во функција на заштита на поранешниот разузнавач Мијалков.
– Изјавата на Верушевски е во функција да се заштитат или да се релативизираат оние што ги злоупотребиле системите со прислушување. Поинаку оваа негова изјава не можам да ја разберам, бидејќи ако е тој врската со свиркачите, и преку него сето стигнувало до СДСМ, сега се менува целата работа – вели Трајанов.
Докторката, пак, по правни науки и редовна професорка на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања Мирјана Најчевска реагираше на сведочењето на Верушевски во своја објава на Фејсбук и напиша дека со лицето Верушевски таа се занимавала во време кога била дел од Хелсиншкиот комитет.
– Верушевски беше еден од оние функционери што ги идентификуваше Хелсиншкиот комитет како валкани и кои беа лица од интерес за комитетот заради својата недопирливост и неказнивост – пишува Најчевска.
Аналитичарот Сашо Клековски смета дека сведоштвото на Зоран Верушевски за бомбите, кое деновиве го даде пред судот, се причина за повторен поглед на перспективите во 2014 и 2015 година.
– Тогаш напишав дека во Македонија кружат политички приказни дека властите, поранешни и сегашни, во текот на владеењето собираат документи, снимки, досиеја и други материјали за наводно сторен криминал од своите политички ривали. Целта на таквото собирање документи, најверојатно, не е борба против криминалот и владеењето на правото, туку тие документи и снимки се да се најдат, за не дај боже, да бидат употребени против политичките ривали, во негативна кампања, во тешки политички моменти – смета Клековски.
Во контекст на актуелните случувања може да се вброи и вчерашната изјава на поранешниот директор на ДБК Горан Митевски, кој за национална телевизија откри дека пред снимените материјали да завршат кај Верушевски бомбите му биле нудени и нему.