Покрај одредената одговорност на граѓаните во процесот на градење општествено-политичка функционалност, главниот предизвик во демократските општества за враќање на довербата на гласачите го имаат политичарите, особено пред изборен процес
Динамиката и сѐ поголемата настојчивост во спроведувањето одредени политички процеси и постигнувањето некои политички цели, без оглед на последиците, се покажуваат како основна причина за губење на вербата на граѓаните во политичките елити, политичарите и воопшто во политиката. Политиката, која е длабоко навлезена во секоја сфера од општеството, која создава амбиент дека за решавање на најбанален егзистенцијален проблем, или за спроведување наједноставна бирократска процедура е потребна пред сѐ партиска препорака, одобрение или поддршка, кај граѓаните создаде фрустрации, кои резултираа со голема недоверба во политичарите, што, според прогнози на аналитичарите, може да им се врати како бумеранг веќе на наредните избори.
Имено, како најилустративен аналитичарите го посочуваат примерот со обидите преку политиката да се бара решение за справување со хроничниот еколошки проблем, загадувањето на воздухот, а бидејќи политиката не испорачува резултати – граѓаните се чувствуваат немоќно. Кога чувството на немоќ се пренесува во (не)можноста да се влијае и на други политички процеси, кога се изигрува и игнорира пораката на граѓаните дури и при изјаснување за националното и идентитетското прашање на најдемократскиот институт како референдум, тогаш се чини дека изгубената верба и апатијата кај граѓаните кон политиката воопшто и спрема власта, како и спрема опозицијата, се неминовни.
– Негативните кампањи за сите процеси во општеството, високите политички тензии, длабоките поделби во општеството, се повеќе од доволно причини за создавање цинични, недоверливи и апатични граѓани во однос на политиката и политичките елити во државата. Притоа нашето општество е толку поделено, па што и да направи одредена политичка елита, тоа сигурно нема да им се допадне барем на 50 отсто од граѓаните. Не треба да се заборави дека одвреме-навреме се создаваат околности кога секоја партија ги разочарува дури и своите поддржувачи. Кога ќе се соберат сите тие фактори во еден политички момент, се создава општествен амбиент со доминантно цинични граѓани кон политиката, што обично резултира со констатацијата „сите се исти“. Политичарите треба да знаат дека граѓаните не ја даваат својата доверба на принципот на реални можности („толку ни е силата“), туку на исполнување на нивните очекувања – ја согледува политикологот Петар Арсовски општествената состојба на граѓанска недоверба спрема политичарите.
Сепак, неговиот колега Алберт Муслиу, не намалувајќи ја одговорноста на политичарите за губењето на доверба кај гласачите, за состојбата на општа разочараност во политичките елити, причината ја гледа и во одредена некритичност кај граѓаните, што понекогаш доведува до слепа доверба.
– Политичарите, секако, се виновни што даваат големи ветувања, притоа не размислувајќи, уште помалку објаснувајќи, како ќе ги спроведат, а граѓаните не прашуваат за рокови за ветувањата. Тој процес на градење доверба меѓу политиката и граѓаните се одвива со прашување, а не со слепо верување. Инаку, тој феномен на губење доверба на граѓаните кон политичките елити не е ограничен само на македонското општество туку се чини дека сѐ повеќе е глобален проблем. И во Европа се случува губење на граѓанската доверба кон политичарите. Тоа му се случува во моментов на Макрон во Франција, со движењето „Жолтите елеци“… Најновиот приоритет на Европската Унија е токму враќањето на довербата на граѓаните. Се констатира дека има премногу клиентелизам во односот меѓу политичарите и граѓаните, и тоа е проблем во сите демократски општества. Политичарите настапуваат со премногу упростени ветувања и краткорочни програми пред граѓаните, без некоја подалекосежна визија – смета Алберт Муслиу. Покрај одредената одговорност на граѓаните во процесот на градење општествено-политичка функционалност, главниот предизвик во демократските општества за враќање на довербата на гласачите го имаат политичарите, особено пред изборен процес. На крајот, секогаш на политичарите им се наметнува прашањето како да се врати довербата на гласачите.
– Одговорот е едноставен. Граѓаните треба да почувствуваат имплементирани подобрувања во нивното живеење од политиките што ги спроведуваат политичките елити. Сегашната состојба на враќање на довербата на граѓаните кон политичките елити во македонското општество е условена од темпото на добивање на придобивките од досегашните политички влогови. Конкретно, политичката цена за спогодбата од Преспа е платена однапред, а придобивките допрва се очекуваат – констатира политичкиот аналитичар Петар Арсовски.