ПРВИЧНИ РЕАКЦИИ ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЈО
Дел од стручната јавност смета дека со предочените измени на законот, на ова поле,
во практика нема да се промени многу во работата на Обвинителството, бидејќи и натаму ќе има простор политиката да ги вмеша своите пипала во ова правно тело
Во моменти кога претставници на власта и на опозицијата ги приближија ставовите за законот со кој ќе се реши иднината на специјалното јавно обвинителство, во јавноста е актуелна дилемата што ќе значат овие новини во правосудството и дали и колку ќе го подобрат функционирањето на правната држава.
Според објавите во медиумите, од изјавите на власта и на опозиција за предлог-законот со кој ќе се реши иднината на специјалното јавно обвинителство, се предвидува обвинителствата да добијат поголем буџет за работа, да им се зголеми кривичната одговорноста на јавните обвинители, да се укине таканаречениот доживотен мандат, кој би бил во иднина ограничен на временска функција, и да се воведе практиката за поднесување шестмесечни извештаи за сработеното пред одредени државни институции.
Предлог-законот за јавно обвинителство на Владата, кој е поднесен во Собранието, предвидува и спојување на СЈО со обвинителството за организиран криминал и корупција.
Во меѓувреме, и власта и опозицијата вчера со свој став ги коментираа овие новини што ги предвидува новото законско решение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ги поддржуваат овие новини и велат дека се подготвени да поддржат законско решение доколку власта ги прифати нивните предлози и ги имплементира како законско решение.
– Станува збор за решенија што ги предлагаме, а се во согласност со меѓународните норми за јавнообвинителската сфера, кои ќе придонесат во иднина да имаме неселективност при работата на Обвинителството – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, премиерот Зоран Заев, вчера одговарајќи на новинарско прашање околу финансиската независност на државното обвинителство, рече дека тенденцијата на надлежните органи е да се обезбедат повеќе средства од државната каса.
– Зборуваме генерално за правосудството кога разговараме за финансии заедно со судско-буџетскиот совет што го покрива и обвинителскиот совет. Тенденцијата што сега се бара во согласност со капацитетите, е да пораснеме колку што е можно повеќе од 0,37 проценти од БДП и сакаме да стигнеме до 0,5 проценти. Тоа се огромни пари и тие ќе овозможат дополнителна независност и дополнителен квалитет на правосудството, вклучувајќи половина за Обвинителството, а половина за судството во државата. Ако има доволно пари да обезбедат Обвинителството да не должи пари за вештачење, да имаат независни експертизи, да ги оформат истражувачките центри, да ги доекипираат стручните служби, а административните да се доекипираат со доволно обвинители, верувам дека тоа ќе биде помоќно, посилно, понезависно и уште поправично во делот на процесирање на предметите. Истото тоа важи и за судството, така што ќе стегнеме заби и дополнително ќе определиме средства – изјави премиерот Заев.
Во сублимиран заклучок, стручната јавност со која се консултиравме смета дека со предочените измени на законот, на ова поле, нема да се промени многу во практиката во работата во Обвинителството бидејќи и натаму ќе има простор политиката да ги вмеша своите пипала во работата на ова правно тело.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, е скептичен кон новитетите во содржината на законот со кој ќе се реши иднината на специјалното јавно обвинителство.
– Попусто се поголеми буџети за обвинителите и попусто е што нивните мандати ќе се привремени, а не доживотни. Тоа го велам бидејќи никаде во новиот закон не се предвидува независност на институцијата од политичко влијание. Какво подобрување на состојбата се очекува кога постои политичко тело што ќе ги именува обвинителите – вели Илиев.
Судијата истакнува дека во период кога се носи овој закон нашата земја можеби треба да се угледа на примерот на Хрватска, која кога неодамна го менувала овој закон уставно утврдила дека Обвинителството во земјата е посебен правен субјект и независен правосуден орган и само на таков начин ова исклучително битно правно тело ќе се откачи од политичките и криминални влијанија.
Поранешниот обвинител Александар Наков во изјава за медиумите на оваа тема вели дека во нашиот менталитет давањето на човекот доживотен мандат, е како да одиме во погрешна насока, во бунарот, во бездната, бидејќи луѓето енормно се богатат.
– Вчера почнале со тоа, имаат по неколку стана во Скопје, во внатрешноста итн. и автомобили да не зборувам, џипови. Тоа реално од плата не бива, да не се залажуваме. Знаеме сите колку земаат тие плата и таквиот однос нас нѐ води во една раскалашена состојба во државата и целосно во правосудниот систем. Скептик сум дека ние со измените, со новите законски решенија навлегуваме во проблемите – вели Наков.