Кандидатите за претседател на Република Македонија ја продолжуваат кампањата, на која на средби со граѓани и митинзи ги престатвуваат своите изборни програми.
Блерим Река, кој на овие шестти претседателски избори учествува со поддршка на албанската опозиција, својата програма ќе ја презентира пред граѓаните во Дебар, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ќе престојува во Демир Хисар и Битола, додека кандидатот на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски ќе има средби со граѓани во Чешиново, Облешево и Пехчево и граѓански трибини во Берово и Делчево.
Кампањата официјално почна на први април, а ќе трае до 19 април по што следува 24-часовен изборен молк пред денот на гласањето.
Пендаровски под мотото „Заедно напред“ ја стартуваше кампањата од Прилеп, Силјановска под слоганот „Правда за сите“ од родниот Охрид, додека Река под мотото „Република за сите“ од Скопје.
Тројцата кандидати за претседател на државата ветија мирна и фер кампања со посета на речиси сите населени места.