Не е безбедно малолетници да се ангажираат во ковид-центрите
Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ реагира на последната идеја на министерот за здравство Венко Филипче за можно ангажирање на учениците од четврта година од средните медицински училишта во ковид-центрите, како помош на медицинскиот кадар.
Ваквата идеја, според нив, не е безбедна за учениците и реагираат со намера оваа идеја да не прерасне во одлука.
– Сметаме дека во еден ваков период, кога се носат мерки за зачувување на здравјето на учениците и се препорачува онлајн настава за да се намали трансмисијата во училишните клупи, не е соодветна идејата малолетни ученици и недоусовршен кадар од средните медицински училишта да биде пуштен директно во најголемите жаришта на оваа пандемија – рекоа тие.
Матурантите да изберат проектни задачи до крајот на ноември
Подготовките за државната матура во учебната 2020/2021 година се во тек, а полагањето на завршните испити ќе се одржи во предвидениот законски рок, во јуни следната година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска при работната посетата на гимназијата „Таки Даскало“ во Битола.
– Ги поттикнувам учениците до крајот на ноември месец да изберат проектна задача во делот на матурата што ќе се случува оваа година и, исто така, до крајот на наредниот месец, да изберат предмети што ќе сакаат да ги полагаат за матура. Не сакаме пандемијата да предизвика застој во развојот на нашите ученици, кои се нашата иднина – рече Царовска.
Матура има во сите земји во регионот и во сите европски земји и овие завршни испити, и покрај пандемијата, се одржаа и минатата година.
„Евроњуз“: Бугарија сака Македонија да признае дека македонскиот јазик е бугарски дијалект
Европските лидери му дадоа зелено светло на Скопје за влез во ЕУ, но сега постои уште една пречка – Бугарија, наведува „Евроњуз“ во анализа со наслов „Бугарија става кочници за соништата на Македонија за ЕУ. Еве зошто“.
Причината за блокирањето, според „Евроњуз“, е поради внатрешнополитичките проблеми во владата на бугарскиот премиер, Бојко Борисов.
„Софија, која моментално е зафатена со долготрајни антивладини протести, се противи на почнувањето на разговорите за членство велејќи дека не е задоволна од сегашната рамка за преговори. Протестите против корупцијата во Бугарија траат повеќе од 100 дена, а демонстрантите бараат оставка од Борисов и од главниот обвинител Иван Гешев. Тие се обвинети за поврзаност со олигархиската мафија“, наведува „Евроњуз“.