МВР поднесе пријава за софтверот на ДИК, Дерковски вели сѐ било чисто

Јавното обвинителство по пријава од организиран криминал на МВР поднесе пријава против претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, тројца членови на Комисијата за јавни набавки во ДИК и сопственик на една фирма, а во врска со набавката на софтверот што крахира во изборната ноќ.
Обвинителството смета дека пријавените ги подготвувале спецификациите со фирми-учесници на тендерот, а една од фирмите што добиле јавна набавка всушност немала право да учествува на тендери. Фирмите, спротивно на законот, заработиле околу 1.250.000 денари или околу 20 илјади евра, стои во соопштението на обвинителството. Најголем проблем е со софтверот што бил набавен, но не бил тестиран, а кога требаше да информира за резултатите падна и не ја оствари функцијата
Во краток телефонски разговор за дел од медиумите, Дерковски изјави дека остава судот да ја тера постапката, а оцени дека набавките биле транспарентни и јавни во пресрет на изборите.


Посебните училишта ќе станат регионални центри

Министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска, ги презентираа македонските искуства во деинституционализацијата на грижата за деца на онлајн тркалезната маса организирана од УНИЦЕФ и Министерството за образование на Белорусија. Учеството на претставници на Македонија е одраз на позитивната оцена за нашиот модел на трансформација на грижата за децата – од систем заснован на безлични и кабести институции, кон грижа во семејство или во средина слична на семејната.
Македонија е една од ретките земји во регионот и во Европа во кои ниту едно дете под 18 години не е сместено во институција за долгорочно сместување.
– Во тек е трансформацијата на посебните училишта во национални, односно регионални центри што ќе нудат стручни, материјални и просторни ресурси за учениците со попреченост, нивните семејства и воспитно-образовниот кадар во редовните училишта. Тие ќе вршат индивидуален третман и рехабилитација, ќе ја обезбедуваат образовната/личната асистенција, ќе учествуваат и во реализација на дел од модифицираната програма за учениците со комплексни потреби, во согласност со препораките на стручното тело за функционална процена – рече министерката Царовска.


Засега не е можно да се суди онлајн

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека во овој момент не е можно да има онлајн судења, и покрај пандемијата на ковид-19. Тој кажа дека е свесен дека законската рамка во моментов не дозволува класични онлајн судења какви што можеби има во другите држави.
– Вистината е дека ова е прашање што е сложено и бара дискусија од сите фактори и актери, само еден министер или само Владата не може да го реши овој проблем. Најдобро е таа дискусија да продолжи и да се бара заедничко решение, кое ќе функционира во практиката. Не е добро да има преголем застој, ние со тие застои во минатото се боревме и не треба да дозволиме да се повтори. Не треба ниту едно решение да се отфрла и за секое решение треба да бараме практична примена. Владата е подготвена да разговара – рече Маричиќ.