Град Скопје ќе испрати помош за настраданите од земјотресот во Измир
Град Скопје ќе испрати помош за настраданите од земјотресот што го погоди Измир, во Турција. Информацијата ја соопшти Град Скопје на својот официјален профил на социјалната мрежа Инстаграм, споделувајќи фотографија на која пишува: „Скопје знае, Скопје сочувствува.“
– Скопје е град што памети. Солидарноста е нашата највисока вредност. В понеделник Советот на Град Скопје ќе испрати помош за настраданите во Измир, а дотогаш нашите мисли се со луѓето под урнатините и спасувачките тимови – се вели во објавата на Град Скопје. Пораки на сочувство до турскиот народ испрати државниот врв на Македонија, односно претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Локалните избори во Штип ги стопираа набавките за лекови на Инфективна
Коронавирусот ја зголеми потрошувачката на кислород, антибиотици, наскоро може да се јави и недостиг од заштитна опрема за здравствените работници во штипската клиничка болница. Набавката на овие материјали, кои спасуваат човечки животи на Инфективното одделение, во моментов е спречена. Изборите за градоначалник на Општина Штип, кои треба да се одржат на 13 и 27 декември, не му дозволуваат на менаџментот да ги прави јавните набавки и покрај тоа што се важни во битката со пандемијата.
Антикорупциската комисија смета дека во време на избори не може да се распишуваат огласи за вработување и да се вршат јавни набавки во институциите, кои се на територијата каде што ќе има избори. Една од опциите е да се позајмат медицинските материјали, но во ова време сите болници се соочуваат со голема потрошувачка на лековите и кислородот.
Грантови од Владата за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби
Рестораните за свадби ќе добијат неповратна финансиска помош од државата во износ од еден милион евра со ребалансот на буџетот на 2020 година, за кој се расправа во Собранието. Со предложениот ребаланс, предвидени се 880 илјади евра за награда на сите здравствени работници што се вклучени во третманот на пациентите заболени од ковид-19.
Милионот евра за рестораните за свадби е дел од владината програма за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби, чија вкупна вредност е 5,5 милиони евра. Овие грантови, пак, се дел од четвртиот пакет мерки за помош на стопанството во износ од 470 милиони евра. Грантовите за рестораните за свадби се во висина од 3.000 до 10.000 евра, во зависност од остварениот промет во 2019 година. Грантови треба да добијат сите регистрирани и лиценцирани субјекти за оваа дејност, во вкупна вредност од еден милион евра.