Во мапите што ги поседува НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, Македонија е точно дефинирана земја, почнувајќи од античко време, па до денес. Имено, сите картографи, и оние што биле подобро упатени, но и оние што биле послабо упатени во состојбите на теренот, точно знаеле каде е и до каде е Македонија. Во дел од овие мапи се обележани народите што живееле на овие простори, а притоа јасно може да се види дека Македонците се прикажани како посебен народ, издвоен од Србите, Бугарите и Грците

Македонија на картите од атничките времиња до денес

Македонија била меѓу првите картографски претставени земји во светот! И не само што била претставена туку била многу прецизно географски опишана. Тоа се гледа уште од цртежот на Марин Тирски од првата половина на вториот век по Христос, а завршен подоцна од александрискиот географ и астроном Клавдиј Птоломеј. Во него многу прецизно се нанесени планините што ја заградуваат Македонија од север, границата на исток до Струма, утоките на реките, планините меѓу Вардар и Струма, Халкидик со трите полуострови. Римската Империја, која во тоа време ја опфаќала и Македонија, како и речиси целиот културен свет, организирала мерења за практични цели. И не случајно Македонија имала посебно, стратегиско место и значење. На тие карти, како што пишува Анте Поповски во предговорот на збирката со стари мапи на НУБ „Св. Климент Охридски“, особено во Табула Појтингеријана, Македонија е дадена со многу подробности: планините на север, Виа Егнација и Виа Милитарис, потоа патиштата Солун – Скопје, Битола – Стоби и други. Во средниот век, заедно со општиот застој во културата, има застој и во картографијата. На елипсовидната карта на монахот Беатус сепак е претставена и Македонија, исто како и на картата наречена Катонијана, како и на картата на Хајрних Мајнц, но и на картата на светот што се наоѓа во Оксфорд…

Македонија посебна земја во состав на Европа!

Во мапите што ги поседува НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, Македонија е точно дефинирана земја, почнувајќи од античко време, па до денес. Имено, сите картографи, и оние што биле подобро упатени, но и оние што биле послабо упатени во состојбите на теренот, точно знаеле каде е и до каде е Македонија. Затоа на сите мапи со крупни букви го пишувале нејзиното име токму во просторот обележан со прецизни топографски линии. Во воведот на Илија Петрушевски, автор на првата репрезентативна монографија на стари мапи со Македонија, стои дека во околу 600 мапи од 15 век па до 1912 година редовно е прикажана Македонија, а оригиналите на најголемиот дел од нив се наоѓаат во Британската библиотека во Лондон, во Француската национална библиотека во Париз, во австриската Национална библиотека во Виена, во Државниот архив и Националната библиотека во Загреб, во Народната библиотека во Белград… Мапите во кои е прикажана Македонија се обезбедени како копии и тие денес се чуваат во специјалната збирка на НУБ „Климент Охридски“. Меѓу авторите на овие мапи се Птоломеј, Касториус, Гасталди, Меркатор, Кантели, Валк, Сенекс, Лапи, Де л’Ил, Киперт и други. Подоцна, користејќи ги старите мапи, картографите ги пренесувале сите податоци за старите антички населби, а од Појтингерова таблица ги преземале патиштата и растојанијата меѓу тогашните македонски населби. Во првата половина на 19 век, подготвувајќи се за престојните војни, Наполеон испратил стручни лица во тогашната Европска Турција, за да извршат картографски снимања и да изработат воено-топографски карти.

Тие карти денес се исклучително значаен извор на информации за состојбата на теренот на тлото Македонија. Во тоа време биле изработени и првите карти без античката топонимија, но се даваат и многу податоци за актуелните селски населби, анови, патишта, тврдини, мостови, како и растојанијата меѓу одредени точки во часови. Како одговор на картографите на Наполеон, Австро-Унгарија изработува уште подетални мапи, а ги прави и првите топографски мапи во крупен размер од еден спрема двесте илјади. Денес токму на нив може да се видат многу битни податоци за населбите и распространетоста на Македонците во својата Македонија. Во дел од овие мапи се обележани народите што живееле на овие простори, а притоа јасно може да се види дека Македонците се прикажани како посебен народ, издвоен од Србите, Бугарите и Грците
Во зависност од тоа што сакале да прикажат, односно за што требало да служат, мапите се делат на неколку групи, но факт е дека како основна и појдовна мапа при изработката на речиси сите подоцнежни мапи секогаш била земана Птолемеовата мапа од вториот век, која го носи името на Клавдиј Птоломеј, александриски астроном и географ, кој живеел од крајот на првиот до средината на вториот век. Тој бил автор на делото „Географија“, од кое се зачувани две верзии. Неговите мапи биле препишувани со столетија, а во 1477-та за првпат биле отпечатени во книга, и оттогаш таа година се смета за почетна година во печатењето на географските карти. Интересно е тоа што Македонија е претставена на комплетниот десетти лист од мапата на Европа, како посебна земја во состав на Европа. Според таа мапа, нашата земја е дел на Европа уште од вториот век, па сегашната „европска агенда“ за влез на Македонија во Европа мора да е некаква топографска грешка! Освен Птолемеовата мапа, како појдовна мапа за следните вакви зафати се смета и Појтингеровата таблица од средината на 4 век, каде што всушност е преземена мапата на патиштата во Римската Империја од 393 година. Значајни мапи за Македонија имаат направено и Софијанос, кој живеел во 16 век, потоа Лауремберг, автор на историски мапи на Античка Македонија и Грција во 17 век, како и Де Лил, кој во 18 век изработил повеќе од 100 мапи, а Македонија ја застапил на една географска и една историска мапа. Исто така, мошне интересно звучи податокот дека засега не се пронајдени средновековни мапи за војните и освојувањата на балканските земји, како и за Самуиловата држава, најверојатно затоа што на картографите од Западот не има биле познати настаните што се случувале на Балканскиот Полуостров кон крајот на десеттиот и почетокот на единаесеттиот век. Оттука, за жал, нема ниту една автентична мапа што ќе ја прикажува државата на цар Самуил, односно Македонија во негово време.

Грчки картограф пред сто години ги раздвоил Елада и Македонија!

Меѓу таканаречените етнички мапи во кои точно се обележувале териториите каде што живееле одделни народи, посебно внимание заслужува мапата на атинскиот научник Сотеријадис, професор по историја на Атинскиот универзитет, кој уште на почетокот на 20 век дава одлично илустрирани материјали за Првата светска војна со етничка мапа на Македонија. Интересно е тоа што Сотиријадис во мапата на Македонија разликува шест националности: Мохамеданци, Грци, Бугари, Македоно-Словени, Албанци и Власи. Според таа мапа, тој уште тогаш ги имал увидено разликите меѓу Македонците и Бугарите, но и меѓу Македонците и Грците. Токму затоа што знаел дека немаат никакви заеднички особини со другите народи, Македонците ги издвоил со посебна боја, а во легендата ги напишал како Македонски Словени. Освен оваа мапа на Сотиријадис, голема историска тежина има и мапата на Димитрија Чуповски, изработена на почетокот на минатиот век. Имено, за време на Балканските војни Чуповски упатил два меморандума до Големите сили, со барање да се конституира посебна држава – Македонија. Мапата на Чуповски е прва мапа на Македонија изработена од Македонец. Во неа Македонија е прикажана во своите географски и етнички граници, а била изработена за да се испрати заедно со Меморандумот до Комисијата за разгледување на македонското прашање во Лондон, односно за да се види дека Македонија претставува една географска и етничка целина.


Три европски коридори минувале низ Македонија пред 17 века!

Во Појтингеровата мапа изработена од Касторуис во 350 година, освен Виа Егнација, со попатните станици Лигнидо, Хераклеја, Едеса, Пела и други, детално е прикажан и патот по долината на Вардар, со станиците Скупи, Агвас, Анаусаро, Гурбита, Стопис, Антигонија, Стенас, Идомена, Тавријана, Галикум и Тесалонике, односно денешниот таканаречен коридор десет, или автопатот Братство и единство, односно Александар Велики, или како што некои го нарекуваат Пријателство, но и третиот пат што се поклопува со денешниот коридор осум, кој низ Битола и преку Стоби водел до Софија, минувајќи низ попатните станици забележани на мапата од 350 година, како Стибера, Керамиеја, Евристос, Андаристус, Стоби, Транупара, Астибо и на крајот Сердика.

Пишува: Блаже Миневски