Потпишувањето на договорот со Грција направи длабок раскол во општеството, но не само во него туку навлезе и во најважната клетка на општеството – семејството.
Промената на уставното име ги подели семејствата. Едни се за спогодбата од Преспа други, пак, се против. Различни мислења има и во рамките на едно исто семејство, помеѓу татко и ќерка, мајка и син, татко и син, брат и брат, маж и жена или што би рекол народот почнувајќи од прво колено па натаму.
Во рамките на новинарски проект ви претставуваме искажани ставови на истакнати јавни личности, сегашни или поранешни политичари и функционери во однос на референдумот и, секако, за спогодбата со Грција


Ставовите на Блаже Ристовски

Кампања наголемо тече, политичари и разни општествено познати личности секојдневно, на телевизиите и на социјалните мрежи, ги објавуваат своите ставови за да влијаат врз граѓаните во донесувањето на нивниот конечен суд на 30 септември. Низ историјата познати се многу личности што навистина дале огромен придонес за она што денес е Македонија. Личности што се бореле за татковината, кои несебично се давале себеси во битката за самостојност, но и од нејзиното осамостојување се бореле за нејзино опстојување. Еден од нив е академик Блаже Ристовски, кој е македонски книжевен историчар, филолог, фолклорист и историчар.
Тој е и прв потпретседател на првата влада на самостојна Македонија од 1991 година. Денес е академик во Македонската академија на науките и уметностите. Има објавено повеќе од 80 книги за развитокот на македонската културно-национална мисла и над 1.300 статии и други прилози во разни зборници и списанија во земјата и во странство. Во два наврата бил едносеместрален гостин професор по македонски јазик, историја и цивилизација на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз. Добитник е на наградата „11 Октомври“ за својата прва книга „Крсте П. Мисирков (1966), признание за славистичките истражувања „Пушкин“ од претседателот на Руската Федерација; добил златен медал за научни истражувања од Националната академија на науките на Украина и златен медал од ректорот на Харковскиот национален универзитет. Во неодамнешното објавено писмо во „Нова Македонија“, Ристовски, заедно со другите потписници, смета дека договорот потпишан со Грција претставува негација на уставниот суверенитет на Република Македонија, со тоа што последниот збор им е даден на пратениците на странска држава (Грција). Новото име е наменето да се употребува не само во меѓународните односи туку и во внатрешниот правен поредок. Атрибутот „македонски“ ќе биде избришан од сите службени документи и од јавна употреба под закана од орвелијански санкции. За изучувањето на историјата ќе одлучуваат владини тела, а не научните работници, се ставовите во писмото зад кое со својот потпис застана и академик Ристовски.


Ставовите на Лилјана Поповска

Лилјана Поповска, која е ќерка на академик Ристовски, својата политичка кариера ја започнува како советничка во Советот на градот Скопје. Била координаторка на Либерално-демократската партија, во периодот од 1996 до 1998 година. Од 1998 до 1999 била заменик-министерка за развој, а во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Поповска со својата партија ДОМ била дел од власта како коалициски партнер. Таа секогаш се залагала за зелени, еколошки теми и се залага да има повеќе жени во политиката и во јавниот живот, како и за подобрување на положбата на жената во општеството. Во 2016 година, на парламентарните избори, настапи како коалициски партнер на СДСМ. Тогаш беше дел од листата на СДСМ, во првата изборна единица, но под притисок на јавноста подоцна се откажа од пратеничкото место, поради критиките дека лесно ги менува мислењето и политичкиот став.
Денес, таа го поддржува договорот со Грција, кој предвидува промена на уставното име на државата, го брише нашето досегашно постоење и историја. Нејзината партија ДОМ, чија лидерка е Поповска, за договорот со Грција излезе со став дека „со ратификацијата на договорот, Македонија ќе ги започне конечно преговорите со ЕУ и ќе го откочи процесот за прием во НАТО. Тоа се наши стратегиски цели, неопходни за зачувување на нашиот територијален интегритет и на нашите млади генерации. Со овој договор престанува да важи претходниот договор од 1995, со кој бевме обврзани пред ОН да преговараме со Грција и да ја носиме понижувачката референца Поранешна југословенска република Македонија. Со овој договор Македонија ја извојува главната битка, која се водеше зад сцена и беше вистинската причина што досега не можевме да најдеме заеднички прифатливо решение. Тоа е битката за македонскиот идентитет, како македонски народ, со македонски јазик, култура, традиција и историја. Ова беше битка без преседан во светската политичка историја и битка, која ја доби македонскиот народ, со своето гордо и достоинствено опстојување, со љубов кон својот јазик и својата земја. Таа битка ја водат со години и Македонците во Република Македонија и граѓаните на Република Македонија што си ја сакаат својата држава, но и Македонците низ светот, каде што судбината ги расфрлила“. Д.Т.