Според Ана Дукоска, глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“ од САД, трендот на опаѓање на заинтересираноста на иселениците за изборите не е новина и тој влече корени од минатото токму поради лошиот однос на македонските партии кон дијаспората
Иако иселениците се често гласни кога некоја одлука на државата се коси со нивните ставови и размислувања, сепак кога доаѓа време на избори и момент кога тие со пенкало треба да го покажат незадоволството или своето убедување на дело, некако ги нема. Ова впрочем може да се заклучи по бројката од 1.836 пријавени лица од вкупните 87 илјади иселеници, кои се на Избирачкиот список и до неодамна се евидентирале во Државната изборна комисија. Иако веќе неколку дена веб-страницата на ДИК не функционира, според последните податоци што ги објавија оттаму, вкупно 1.836 гласачи од дијаспората се пријавиле дека ќе гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) низ светот, а нема да се гласа во 15 града, зашто имало помалку од 10 пријавени. Како главна причина што нема да се гласа во амбасадите во кои има минимален одзив, претседателот на ДИК Оливер Деркоски ја наведува финансиската неисплатливост да се организира гласање во амбасадите, но во исто време тој вели дека од повеќе причини треба да се овозможи право на глас на секој граѓанин.
– Финансиските средства што ќе се потрошат за оваа намена се превисоки за да може да се оправда гласање на овој начин. Но им имаме еднаш дадено право на нашите сограѓани во дијаспората, чиј број од ден на ден станува сѐ поголем. Треба да размислуваме како држава да го смениме начинот на гласање, а не да го одземеме правото на глас. За наредниот изборен циклус треба да направиме напори како држава да го измениме начинот на гласање комбинирајќи повеќе начини – смета Деркоски.
Токму поради ваквата состојба, претседателот на Државната изборна комисија, во повеќе наврати посочува дека по претседателските избори треба да се направат измени во Изборниот законик. Домашните познавачи на проблематиката на неколкупати досега како решение на овој проблем предлагаат да се воведе електронско или гласање по пошта, но и за тоа да се реализира, потребно е иселениците да бидат евидентирани, односно да се обезбедат податоци за нивната бројка. Тоа во моментов е тешко, со оглед на тоа што речиси никој од нив не го пријавува своето отсуство повеќе од една година кога ја напушта државата.
Од друга страна, Ана Дукоска, глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“ од САД, во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека слабиот интерес на Македонците во дијаспората да излезат на избори во конзуларните претставништва е поради тоа што тие ја изгубиле довербата во македонските партии, бидејќи сѐ што било ветувано ништо не се остварило низ годиниве.
Во исто време, Дукоска додава дека слабиот одзив за претседателските избори на иселениците дополнително е насочен и кон тоа што идниот претседател, кој и да дојде, нема никакви ингеренции да ги реши нивните проблеми во странство.
– Во кратки црти, прво и основно ние се залагаме за електронско гласање бидејќи гласањето во дијаспората конкретно во САД се одвива во неколку ДКП и тоа Вашингтон, Чикаго Детроит и Њу Џерси. Има многу Македонци што живеат да речеме во Лос Анџелес каде што би биле принудени авионски да отпатуваат до овие места што чини многу пари. Тоа е едниот проблем, поради кој се залагаме за електронско гласање. Понатаму, недоволната заинтересираност на македонските партии за нас е причината плус поради која поголем дел од нашинците во странство не се доволно информирани и со тоа не можат да го извадат народот на гласање овде – вели за „Нова Македонија“ Дукоска, глобална координаторка на движењето „Ние сме Македонија“ од Вашингтон. Дукоска, која активно се занимава со активностите на нашите иселеници во Америка, Европа но и Австралија вели дека трендот на опаѓање на заинтересираноста на иселениците за изборите не е новина и тој влече корени од минатото токму поради лошиот однос на македонските партии кон дијаспората.
– Досега сме имале претставници од партиите што доаѓале овде независно дали биле парламентарни или претседателски избори. Трендот на заинтересираност на дијаспората за претседателските избори глобално е низок бидејќи дијаспората ги познава ингеренциите на претседателот, кој, пак, не ги поседува надлежностите да ни ги реши проблемите. Проблемите единствено може да ни ги реши извршната власт.
Оваа бројка со која се шпекулира деновиве, дека има пријавено само 1.700 иселеници во споредба со предвремените избори во 2014 година кога имаше евидентирано 20.600 иселеници што излегоа да гласаат, е резултат токму на тоа што ви го посочив претходно. Дополнително за оваа проблематика говори и тоа што Македонците во странство и веќе немаат интерес да гласаат бидејќи ја изгубија и довербата во македонските партии, бидејќи сѐ што беше ветувано ништо не се оствари – оценува Дукоска. Глобалната координаторка на движењето „Ние сме Македонија“ од САД додава дека најголемиот гнев за слабата заинтересираност на иселениците за овие претседателски избори, впрочем, претставува немоста на партите надвор од времето на изборните кампањи за проблемите на дијаспората.
Инаку, хронолошки гледано податоците покажуваат видлив пад на одзивот на иселениците во последните гласачки циклуси. Дури ни жешкото референдумско изјаснување одржано лани во септември, не го зголеми одзивот на гласачите во странство. Според податоците на ДИК, тогаш гласаа околу 2.700 избирачи во 33 дипломатско-конзуларни претставништва. Дури и да се земе предвид дека тоа било резултат на нивна желба за апстиненција, односно за бојкот на референдумот, сепак, податоците говорат дека и во други околности таа бројка не била многу поголема. За потсетување, на предвремените парламентарни избори одржани во декември 2016 година, гласаа само 5.700 македонски иселеници. Имајќи предвид дека официјални податоци говорат оти во последните десет години од земјата се иселиле од 400.000 до 600.000 граѓани, овие бројки на излезени гласачи се и помалку од симболични, речиси незабележливи.