Правилното функционирање на судскиот систем и ефикасните мерки за борба против корупцијата се од огромно значење во процесот на пристапување кон ЕУ, се вели, меѓу другото, во резолуцијата на Европскиот парламент
Македонија повторно има проблеми во сферата на судството и корупцијата, се вели во резолуцијата што се усвои завчера во Европскиот парламент, во која се наведува и оти се почитуваат напорите на Владата за спречување на политичката криза во земјава и за отстранување на другите елементи на „заробена држава“.
– Правилното функционирање на судскиот систем и ефикасните мерки за борба против корупцијата се од огромно значење во процесот на пристапување кон ЕУ – се вели во резолуцијата.
Пратениците ја поздравија стратегијата за судски реформи, чија цел е да се врати независноста на судството, и ги повикаа Владата и другите засегнати страни да ги интензивираат напорите за соодветно спроведување на стратегијата за судски реформи. Во текстот на резолуцијата, исто така, се нагласува потребата од понатамошни напори за заштита на судството од политичко мешање. Во резолуцијата, меѓу другото, стои дека ЕП особено е загрижен поради тоа што има ограничување во спроведувањето на судските одлуки во случаи на корупција од високо ниво во земјава.
– Се повикува официјално Скопје да не запира во напорите што ќе донесат конкретни резултати во истрагите за корупција и криминал што владеат во високите кругови на општеството – пишува во резолуцијата.
Европскиот парламент посочува и дека консултативниот референдум на 30 септември годинава го немал потребниот одѕив и ја поздравува одлуката на Собранието да го почне процесот на уставни измени за спроведување на договорот со Грција.
Во документот се потсетува и дека Македонија на почетокот од 2000 година беше земја лидер во процесот на пристапување, а денеска, по толку години, повторно се обидува да се врати на тоа место. Паралелно на ова, Европскиот парламент ја повика унгарската влада да ѝ го испорача на Македонија поранешниот премиер Никола Груевски, како право и европска обврска, сѐ со цел на земјата да ѝ се врати сликата за владеењето на правото и правната држава пред меѓународната заедница.
Резолуцијата за Македонија беше усвоена со 470 гласа „за“, 116 „против“, а 46 пратеници беа воздржани.
Инаку, Европскиот парламент повторно го потврди европскиот пат за земјите од Западен Балкан, усвојувајќи ги резолуциите за напредокот на секоја земја одделно, со исклучок на Босна и Херцеговина, која поради неодамнешните избори дополнително ќе се оценува. Во секој случај, пораката до земјите од регионот е јасна, а тоа е дека ЕУ останува посветена на стабилноста и просперитетот на регионот. Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан при презентирањата на заклучоците на резолуциите истакна дека е загрижен во врска со неодамнешни случувања и реторика на поделба, особено меѓу Косово и Србија, и го пофали решението за спорот меѓу Македонија и Грција, при што додаде дека договорот ќе биде голем пресврт за целиот регион.