Повеќе од јасно е дека Македонија влегува во исклучително чувствителен период, кога треба да се лобира буквално насекаде за добивање датум и повеќе од извесно е дека таа битка не се води онлајн, туку со директни средби, на кои аргументирано ќе се изнесат македонските позиции. Какви се досегашните искуства на ова поле и кои се плановите за во иднина
ДИПЛОМАТијата и пандемијата
Македонија влегува во исклучително чувствителен период, во кој дипломатската активност може да биде клучна во намерите да се издејствува датум за почеток на пристапните преговори на земјава со Европската Унија, а секое потфрлање на ова поле би значело подолго останување во европската чекалница.
Со оглед на актуелната ситуација во соседна Бугарија и неможноста таму да се формира влада, повеќе од потребно е македонската надворешна политика да ги засили активностите и преку директни средби со европските колеги да ја истакне потребата од деблокада на евроинтегративниот процес. Во меѓувреме,
како што се зголемува интензитетот на вакцинацијата низ Европа и светот, се засилува и директната комуникација меѓу политичарите, кои не губат време за спроведувањето на политичките агенди на земјите што ги претставуваат. Благодарение токму на таквиот директен политички ангажман, голем дел земји навреме обезбедија и вакцини, нешто во што нашата земја потфрли.
Потребата од враќање на директната комуникација ја потврди и Брисел, кој деновиве ги покани лидерите од регионот, меѓу кои и македонскиот претседател Стево Пендаровски, да ја посетат европската престолнина и од прва рака да се информираат за состојбите во регионот. Тоа, секако, е одлична можност македонскиот претседател пред европските челници да ги претстави македонските позиции и уште еднаш да побара од ЕУ во јуни да почне пристапни преговори со Македонија.
Несомнено директните средби имаат многу поголем ефект при пренесувањето на пораките за разлика од онлајн средбите, па, така, неодамна и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров беше во посета на Летонија и Литванија, а претходно ја посети и Австрија.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи последниот период е повеќе на терен и остварува билатерални средби со своите колеги во насока на лобирање за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Неодамна беше во посета на Косово, а претходно заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска отпатува и во Брисел, каде што двајцата учествуваа на состанокот на НАТО. Шефот на дипломатијата неодамна беше и во посета на Шпанија, Швајцарија и на Бугарија.
Кон средината на март, премиерот Зоран Заев беше во посета на Луксембург, каде што исто се разговараше за македонските евроинтеграции.
И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, неодамна беше во работна посета на Австрија и Унгарија, во чии рамки станало збор и за одблокирање на европскиот пат на Македонија.
Во меѓувреме земјава ја посетија грчкиот министер за заштита на граѓаните Хрисохоидис и словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок, како и неколку европратеници.
Повеќе од јасно е дека Македонија влегува во исклучително чувствителен период, кога треба да се лобира буквално насекаде за добивање датум и повеќе од извесно е дека таа битка не се води онлајн, туку со директни средби, на кои аргументирано ќе се изнесат македонските позиции.
– Од дипломатски аспект, директните средби се многу важни оти тоа е можност да се каже она што не може јавно преку медиумите да се соопшти. Директните средби секако се можност и тоа е патот, бидејќи директната комуникација секогаш е најдобра, но колку тоа се користи и колку тие средби се продуктивни е големо прашање – вели поранешниот дипломат Драган Јањатов.
Според него, во Македонија долги години има девалвација на таквите средби од повисок ранг.
– Македонија нема интензивни средби на врвот. Единствено високи средби остваруваа поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, додека потоа целиот интензитет спласна. Треба да се воспоставуваат контакти. Таа жива дипломатија е од голема важност. Нам тоа ни недостига и на највисоко ниво, кога е претседателот во прашање, а и министрите. Повеќето наши министри никаде не одат, со исклучок на Димитров и Османи – појаснува Јањатов.
Тој додава дека личните контакти што се остваруваат преку овие директни средби се исклучително важни.
– Личниот контакт е доста битен и важен, исто како и личните пријателства. Би било добро кога нашите највисоки раководители би имале луѓе во Европа со кои во секое време би можеле да комуницираат, но јас сум скептик, бидејќи не знам колку се користат тие лични средби. Треба да се интензивираат. Дадено ветување во четири очи многу пари вреди. Има политичари што ако ветат нешто, ќе го застапуваат тоа и таму каде што треба. Корисни се овие средби, но прашање е дали се искористуваат рационално – заклучува Јањатов.
Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски се согласува со важноста на директните средби на македонските политичари со нивните европски колеги, но смета дека фокусот треба да биде врз помоќните европски земји.
– Директните средби се исклучително важни, но треба да се насочени повеќе кон поголемите земји во ЕУ, кои носат одлуки и кои можат да влијаат врз другите членки, во нашиот случај врз Бугарија. Значи, тие земји се Германија и Франција, таму треба да бидат насочени нашите дипломатски активности – вели Арсовски.
Тој додава дека од средбите може да има полза, но дека сложениот механизам во ЕУ при носењето одлуки не влева многу надеж.
– Многу е комплицирана ситуацијата и со купување време ништо не правиме. Лично ја губам довербата во тој тежок механизам за донесување одлуки во ЕУ, така што крајната одлука произлегува од она што ќе кажат министрите, а тие си држат до политичкиот курс што го има нивната земја. Без оглед на сите средби и лобирања во овој период, не сум голем оптимист дека нешто ќе се успее во овој период – нагласува Арсовски.
Ниту пандемијата не ги закочи европските политичари
За разлика од нашите водечки политичари, кои веќе во втората година од пандемијата полека започнуваат со директните средби со своите колеги, некои од политичарите од регионот, но и од Европа и од светот, по краткиот застој продолжија со директните средби уште во пандемиската 2020 година.
Колку за споредба, српскиот претседател Александар Вучиќ за време на посетата на Брисел успеа да договори помош од ЕУ при реализација на проектот за брза пруга од Белград до македонската граница. Тој минатата година се сретна со унгарскиот премиер Виктор Орбан, беше во посета на Франција и се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон, а оствари средби со речиси сите регионални лидери. Во периодот пред пандемијата имаше средби со тогашниот американски претседател Доналд Трамп, како и со рускиот Владимир Путин.
Токму Макрон по краткиот прекин на активностите по прогласувањето на пандемијата во март 2020 година, веќе во јуни беше во посета на Велика Британија, Холандија и Германија, а патуваше и во Белгија, Либан, Ирак. Оваа година има реализирано посета во Чад.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во 2020 година ги посетил Израел, Полска, Кенија, Судан, Австрија и Италија.
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, неодамна при посетата на Турција имаше непријатно искуство со домаќинот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Таа претходно оствари повеќе директни средби со европски политичари.