Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски учествуваше на третиот состанок на Европската служба за надворешни работи со политичките директори на земјите од Западен Балкан.
На состанокот, како што соопшти ресорното Министерство, Димовски изразил задоволство за широко отворената перспектива на Македонија и другите земји од регионот на патот на интеграцијата во ЕУ, подвлекувајќи ги очекувањата на Македонија за практично отпочнување на пристапните преговори, т.е. донесување на чиста одлука од страна на Советот во јуни 2019 година.
Димовски ја реафирмирал заложбата на Македонија за усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и подготвеноста за блиска соработка со Унијата во рамки на приоритетната агенда од самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Тој информирал и за актуелните внатрешно-политички состојби во државата со акцент на актуелностите поврзани со исходот од референдумот.
Дискусиите на состанокот биле фокусирани на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, приоритетната агенда произлезена од самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, усогласувањето со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и актуелната ситуација и развојот на настаните во потесното и поширокото соседство.
За време на престојот во Брисел, државниот секретар Димовски имал средба со Ангелина Ајхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција во Европската служба за надворешни работи.