Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на Фејсбук објави дека степенот на усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ) изнесува 92 отсто, според последниот извештај на Европската комисија за 2019 година.
Објавата на Димитров е реакција на изјавата на бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за Бугарското национално радио (БНР), во која таа истакна дека усогласеноста на Македонија со заедничката надворешна политика на ЕУ е под 50 отсто.
– Ова е скандалозна невистина. Нашиот степен на усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, според последниот извештај на Европската комисија (октомври 2020) за 2019 година изнесува 92 отсто. Вака впечатокот е разочарувачки – дека идејата била паушално да се оцрни соседот, што не би било ниту пријателски, ниту европски – наведува Димитров во неговата објава.
Во последниот извештај на Европската комисија од октомври 2020 година за напредокот на Македонија, се посочува дека во однос на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, Македонија во 2019 година била усогласена „со 84 од вкупно 91 изјава на високиот претставник за ставовите на ЕУ и (Европскиот) Совет, што претставува стапка на усогласеност од 92 отсто“.