Секое решение до кое би дошле Македонија и Бугарија, а кое би овозможило кревање на бугарското вето за почеток на преговори на земјава со ЕУ, би требало да дојде пред пратениците во Собранието, смета вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров. Со ваквиот став се согласија пратениците од опозицијата и од власта кои расправаа за заклучоците на Советот за општи работи на ЕУ за проширувањето, на денешната седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции.
– Мое лично уверување е дека ова прашање е прашање на нацијата и државата и ги надминува интересите на една или на друга влада или на една или друга опозиција. Со оглед на тоа што во коалицискиот договор на новата бугарска Влада проминентно место има и Собранието во Софија, каде секое евентуално решение ќе оди на дебата, а исто така имајќи ја предвид и резолуцијата донесена во нашето Собрание, каде се утврдуваат црвените линии по ова прашање од највисок национален интерес, мислам дека има логика и ќе го зголеми легитимитетот доколку и ние чекор по чекор изградиме политичка атмосфера во насока дека какво било решение, што мора да биде европско и достоинствено, ќе дојде на дебата и на некаква валидација во нашиот парламент – истакна Димитров.
Земјите-членки на ЕУ на заседанието на Советот за општи работи (ГАК) на 14 декември, не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија до крајот на годинава.