Процесот на јавна дебата беше спроведен и организиран со максимална инклузивност и подготвеност за прифаќање на секое разумно и рационално дополнување и усовршување на предлозите за амандманите во духот на Договорот од Преспа, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров, во своето излагање на седницата на собраниската Комисија за уставни прашања.

Димитров, како член на Владата на чија иницијатива отпочна процесот за уставни измени со цел имплементација на договорот со Грција, нагласи дека јавната расправа завршила во предвидениот рок од пет дена со исто толку јавни дебати кои опфатија широк спектар на засегнати страни, по што во Владата доставила сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за подобрувањње на Нацрт амандманите.

– За време на дебатите беше потврдено дека предложените уставни измени и амандмани се прифатливи и од аспект на идентитетските одредници утврдени во уставот и дека сите предложени решенија се во рамки на нашата уставно-правна традиција и терминологија. Убеден сум дека преку инклузивниот процес со внесување на сите одржливи сугестии Република Македонија може да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, бидејќи одговорноста е наша и тоа го должиме на сегашната и на идните генерации, изјави Димитров.

Ги повика пратениците да бидат креатори и да бидат запаметени како оние што ја ставиле нашата земја во нова реалност на меѓународните односи, како земја со автентична улога и став и земја учесник и креатор на сопствената судбина.

– Мислам дека направивме се за еден исклучително деликатен процес како Влада да ги вклучиме сите други, затоа што нашиот природен интерес беше да се сподели оваа одговорност и со претседателот на државата и со опозицијата во Собранието. Потпишувањето на договорот е во согласност со член 119 од Уставот и членот 3 од Законот за меѓународни договори, изјави Димитров.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, претходно во процедурално, изјави дека нема учествуваат во понатамошните фази на процесот за уставни измени кој, како што рече, е повеќе фарса, отколку право.

– Како пратеници немаме мандат да учествуваме во обидите за менување на уставот што е спротивно на референдумската одлука. Ние во понатамошниот тек од уставните измени нема да го поддржиме нелегитимниот процес на СДСМ и нема да учествуваме во понатамошната постапка на рушење на македонската држава, изјави Мицевски.

Нагласи дека договорот не извира од македонските интереси, туку дека е наметнат од друга страна и Македонија и Собранието се ставени пред свршен чин.

По излегувањето на министерот Димитров, претседателот на собраниската
Комисија ја прекина денешната седница и кажа дека расправата по
усвоениот дневен ред ќе продолжи утре во 12 часот.