Ако воведеме контра мерки, работата ќе ескалира во лош правец и потоа, повторно ќе мора да седнеме за да најдеме решение, изјави министерот за надворшени работи Никола Димитров на денешната заедничка прес-конференција со косовскиот колега Беџет Пацоли во Приштина, осврнувајќи се на косовската одлука за зголемувањето на царините на овошјето и зеленчукот.
Убеден сум, истакна Димитров, дека ќе ја следиме новата европска политика и низ брз дијалог ќе го надминеме ова прашање.
Според него, во време на поврзување и имплементирање на Берлинскиот процес кој токму тоа го налага, треба да се елиминираат бариерите.
– Мислам дека само тоа е патот за заштита и на нашите и на вашите производители. Мислам дека не можете да се заштитите себе си ако го повредите соседот. Не може една мерка да биде добра за Косово, ако не е добра за пријателот во соседството. Мора да најдеме решение. Да не одиме по старата балканска политика, да не фати инает. Треба да одиме по новата европска балканска политика и ќе најдеме начин низ дијалог да го надминеме ова прашање – рече Димитров.
Димитров појасни дека членот 24 од Договорот за ЦЕФТА упатува на процедура кога една земја мисли дека нејзината економска ситуација е влошена треба да се почне истрага и да се спроведат преговори, а потоа да се применуваат мерки.
Во однос на лидерската средба во обид да се постигне договор околу референдумот Димитров нагласи дека се работи за историска можност за Македонија, за отворање на вратите на НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
– Имавме два обида да најдеме заеднички јазик во однос референдумот. Мислам дека е страшно ако кој било политички партнер се плаши од волјата на граѓаните, а референдумот е соочување со волјата на граѓаните. Мислам дека е уште пострашно ако волјата на граѓаните ја соочуваме со поткопување на важните принципи. Македонија се разбуди од состојба на неказнивост – рече Димитров и нагласи дека тој принцип е поважен од сè друго.